Малиот битолски монмартр не само што е амбасадор на Битола и Македонија низ светот, туку детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола е лулка за сите идни уметници, можност за талентите да се развиваат. Еден таков ликовен талент е 13-годишната Ана Полизовска од Битола која во студиото е од своја осумгодишна возраст, а годинава прв пат беше дел и од Малиот битолски монмартр. Гледајќи ги нејзините слики кои ги наслика за време на колонијата, може да се препознае нејзиниот потенцијал, желбата да слика, љубовта кон уметноста, но и љубовта кон Битола. Нејзина желба е да научи следно да црта портрети, а што и да биде во иднина, уметноста секогаш ќе биде дел од нејзиниот живот.
Читај бе: Најнапред кажи ни нешто повеќе за тебе. Колку години имаш, каде учиш…
Ана: Се викам Ана, имам 13 години и учам во основното училиште „Елпида Караманди“. Покрај обврските со учењето, слободното време најмногу го користам да цртам и учам нови техники на сликање.
Читај бе: Учествуваше на 41. издание на Малиот битолски монмартр. Кажи ни какво беше искуството? Колку пати имаш учествувано на оваа манифестација?
Ана: Во ликовното училиште „Св.Кирил и Методиј“ во Битола одам од околу 8-годишна возраст. Таму имам можност да цртам на одредени теми, најчесто со пастелни бои, со што научив полесно да комбинирам бои и да добивам сакани нијанси. Оваа година имав прилика за прв пат да учествувам на Малиот битолски монмартр и можам да кажам дека за мене тоа беше едно огромно искуство, но и задоволство. Под раководство на нашата наставничка Ангела, имав можност да сликам заедно со голем број на учесници од различни држави, да се дружам , но и да учам за нивниот начин на сликање.
Читај бе: Дали е тешко или лесно да се слика градската архитектура? Има ли некоја посебна техника…
Ана: Нашата градска архитектура се карактеризира со многу интересни детали, што ја прави мошне уникатна, но и потешка за сликање. Избрав неколку објекти за сликање, кои беа различни и секој од нив беше нов предизвик за мене. Наша задача беше да ја доловиме градската архитектурата во Старата битолска чаршија, како и Широк Сокак. Со дадените насоки од наставничката успешно експериментирав со боите и нијансите, со што го постигнав саканиот ефект.
Читај бе: Кога ти се појави љубовта кон уметноста?
Ана: Од кога знам за себе сакам да цртам. Најпрво го цртав она што ќе си го замислев, а потоа почнав да се насочувам кон сликање на она што го набљудувам. Цртам дури и на часовите при што наставниците мислат дека не внимавам, но тоа е мојот начин на концентрирање и така подобро учам.
Читај бе: Што најмногу сакаш да сликаш, кои мотиви?
Ана: Најмногу сакам да ја сликам природата, бидејќи изобилува со убавина и бои кои сакам да ги прикажам. Исто така голем предизвик ми е да научам да цртам и портрети.
Читај бе:Која е твојата најомилена техника?
Ана: Сé уште немам одредено некоја специфична техника, бидејќи сé уште учам и ги немам истражено и применето повеќето техники. Ја сакам работата со моливот и сенчањето, но рано е да се каже во што би била поуспешна.
Читај бе: Каде се досега си учествувала – конкурси, изложби…
Ана: Покрај училишните конкурси на одредени теми, најчесто бев учесник на конкурсите на кои учествувавме сите членови на ликовното училиште. Имам дипломи и признанија од неколку меѓународни конкурси како на пример Интернационалната изложба Нова Загора од Бугарија…
Читај бе: Која е твојата желба за во иднина поврзана со сликањето.…
Ана: Единствена желба ми е, со што и да се занимавам во иднина, уметноста да ми биде значаен дел од животот.