На осми јануари, Никола Тесла го напуштил материјалниот свет. Човештвото го задолжил благодарејќи на тоа што неговиот интелектуален капацитет го употребил за осветлување на световниот мрак. За најголем познавач на неговиот лик и дело се смета д-р Велимир Абрамовиќ. Пред неколку години,во превод на македонски јазик излезе од печат книгата „Никола Тесла Револуција на свеста“.
Во продолжение кус извадок – кој можеби ќе ве инспирира да ја прочитате целата книга:
„Битието на светот е непредвидливо. Според принципот на енергетската економија, во природата се случува секогаш она што е најлесно, на патот кон остварувањето, идејата поминува таму каде што отпорот е најмал, таму каде што за неа е веќе спремно да се појави. И затоа Тесла не се родил во Виена, Лондон, Париз, ниту во една од научните метрополи, туку во куќата на Ѓука и Милутин Тесла, во идиличната природа на Лика.
Земскиот живот на Тесла почнува:
„Одвреме – навреме во ретки интервали, големиот дух на откритието се спушта на земјата да соопшти некоја тајна која треба да го усоврши човештвото. Го избира најподготвениот, најзаслужниот и му ја шепнува тајната на уво. Бесценетото сознание доаѓа како блесок на светлина. Кога ќе го разбере скриеното значење, избраникот гледа чудесна промена: пред неговите заробени очи е еден нов свет, и одвај насетува сличност со стариот. Тоа не е минлива илузија, само игра на неговата разигранабфантазија или фантом од магловитост која ќе се раздели. Чудата кои ги гледа, колку и да изгледаат далично, ќе останат овде. Тој тоа го знае, нема ни сенка сомнеж во неговиот ум со секој дел од своето тело тој тоа го чувствува: тоа е голема идеја.“ – пишувал Никола Тесла во Белешките за Кабанелјасовиот патент бр.164.995 околи 1900-та кога неговиот полифазен систем, заснован на обратното магнетно поле, веќе во голема мера се применувал и сите сомнежи во врска со првенството на изумот биле отстранети.
Воден од Провидението над себе и Големата идеја во себе, Никола Тесла на 6 јуни 1884 година се нашол во пристаниште за населеници на островот Бедло, близу Њујорк. Тргнал од Париз, со воз до Авр, потоа со брод до Ливерпул, од каде што со парабродот City of Richmond допловил во Америка. Имал четири центи во џебот, неколку свои песни, решение на еден тежок интеграл и нацрт на летечка машина“.
И не заборавајте – најнапредните луѓе се најосамени.