Кога ќе речат дека поетите се чудни луѓе – не се. Едноставни се, ама најверојатно никој не ви го објаснал сложениот процес на едноставноста. Најсложен е патот до едноставноста, затоа и поезијата е најсложениот и највисокиот книжевен и уметнички израз на човештвото – кој често умее да биде преведен како „разговор со себе“. Секоја поетска творба која минала низ дамарите на поетот и се родила ко молња е фестивал на емоции – поезијата не е за секого, и секој не ја разбира – всушност за да се разбере треба да се почувствува – а за тоа е потребна покрај когнитивна и емоционална интелигенција.
Ако се обидете да скролате по лизгачот надолу ќе присуствувате токму на фестивал на емоции. Отворете ги сетилата за нови искуства:
Зоран Бејковски е роден во втората половина на 20 век, во Битола, Македонија.
Со основна писменост се стекнал во својот роден град, а во истиот завршил и средно гимназиско образование.
Пробал да студира физика, но не му одело, по што се запишал на факултет за информатика, но не му се одело.
Работел како трафикант, помошник електроинсталатер, дистрибутер на списанија, програмер… се додека не ја нашол најубавата работа во универзумот – кинооператор. Дел е и од организацијата на арт кино „Барикада“, како и на дебатното кино „Контра Кадар“.
Пишува поезија и раскази. За расказот „Мирјани“ ја добива втората награда на традиционалниот конкурс за кратки раскази на „Нова Македонија“. Учествувал на фестивалот за краток расказ „Кикинда Шорт“ и чат-пат на некое поетско читање.
Песните и расказите ги објавува на интернет, а освен во некои списанија, нема објавено печатено дело.
Љубител е на шах и велосипедизам, како и на пешачење пропратено со музика. Понекогаш црта.
Моментално живее во Битола, а планира да се пресели во Горно Орехово.
Маакова
Мојата девојка има тело од лозови гранки,
а од половина надолу пајакови нозе.
Има глава од афион и два засека наместо очи.
Од засеците капат црнила,
Јас, нејзиното сонце, ги претворам во катран.
Десната рака ѝ е само од коски,
левата пак, со отворени жили, иглени прсти
– гудало и виолина.
Ги стружи една со друга, испушта звуци
и со нозете свилено ме обвиткува.
Сплети ме и скриј ме в коси,
крени ги паднатите ливчиња,
поцрвени повторно и биди срамежлива булка.
Или посини, побели и биди скришно опојна.
Невесто со црн фустан те ставам в уста
и ти ги цицам црнилата расчадени,
разгорените причинувачи на шаренила.
Ако не те запознаев зелена
ќе имав семе за илјадници како тебе.
Маакови цветчиња
– кој не ве пресекол не ви ја знае вистинската блажина,
не ја знае вистинската болка.
Пижамчиња
Со парчињата од твоите пижамчиња
ја чистам машината што дава слобода
Без слобода кој би можел да љуби
Парчињата од детските пижамчиња,
кои што некогаш беа мои,
маслосани горат на депонијата за преќутни договори
Никогаш нема да се состават
Нема да ти ги покријат колковите,
ниту белите гради
Во детските пижамчиња што некогаш беа мои,
во позајмените сведоци на ненадраснатите соништа,
никнуваа твоите желби.
Нашата ненаситна тврдоглавост ги порасна во стремеж,
во копнеж,
во престиж
Го престигна времето
Она што го чипчиш како денот да ти е последен
Она што се’ уште го трошам како вечноста да е моја
Второ воскреснување
Зрачат насмевките зад нерастлеаната жар,
се припрема огништето
Топлите камења се редат во полукруг
Таму
одекот ѝ претходи на штотуку шепнатата желба
Некои нови вистини означуваат совршенство
Јасновидецот замижува пред универзумот:
Непланираното мора да биде
Флора
И бараш ти од мене
да ги придвижам овие камени плеќи,
да ти ги прегрнам фиданките
Не ќе може така убавице
Зарем со камени стапала да ти газам по градината?
Со мраморни нокти да ти ги собирам цветовите?
Како да си ги скротам вулканите?
Твоите соблазниви овошки одамна
паднаа во моите езера
Се поместувам
за сенка да не ти фрлам,
да не ти ги оддолжам мразовите,
да не ти ги засланам плодовите
Се држам за очите,
со папрати ги покривам
за жарта да не ми ја видиш,
да не се уплашиш
Се држам за стомакот,
со бршлени го обвивам
за грохот да не ми го чуеш,
па морници да те полазат
Дојди и протни се меѓу процепите на моите карпи
Задржи ми ги камењата
Или порасни во мене,
распукај ме, струполи ме,
нареди ме,
да ти бидам меѓа помеѓу различностите
Игра
Нашата игра – два меури од сапуница
Секој за другиот мисли дека е црвен
Секој себе си се смета за проѕирен
Усните ги залепуваат
Здивот го усогласуваат
Воздухот го зажаруваат
Понекогаш се пукнуваат
Понекогаш забораваат да дишат
Од сопствените капки ќе се надујат
Над главите ќе се извишат
Балада за невообичаеното
Змијарот Дремач,
дрмнат од лута ракија,
ги остави своите лутици
здрвени на снегот.
Се збогува со двојазиците
на сите предземјотресни разлазувања,
го промена името во Несонувач,
и тресна како никогаш.