24-годишниот ракометар Дарио Петровски минатата година одлучи да направи интернационален трансфер, односно од неговиот роден град Битола замина во тимот на Гвадалахара во Шпанија. Играше во Еурофарм Работник, во Струга, а последните години играше прво за вториот, а потоа за првиот тим на Еурофарм Пелистер. Овој талентиран бек кој игра и централно и како лев бек, одлично се вклопи во шпанскиот тим. За Читај бе вели дека не жали за тоа што се пресели во Шпанија. Поразговаравме со него за градот, дали веќе стекна пријатели. Ни откри и дека битолската навика за пиење кафе си ја продолжи и таму.
Читај бе: Дарио, минатата година се реши да запловиш во интернационалните води и потпиша за Гвадалахара од Шпанија. Гледано сега од оваа перспектива, што мислиш за твојата одлука?
Дарио: Одлуката да ја напуштам Македонија и да се преселам во Шпанија во Гвадалахара ја гледам за точна и коректна и не жалам што го направив тој чекор минатото лето.
Читај бе: Како се снајде во новата средина, како те прифати клубот? Што можеш да кажеш после 8 месеци играње за клубот?
Дарио: Се снајдов прилично добро и лесно, клубот и играчите ме прифатија на најдобар можен начин. После 8 месеци иргање за Гвадалахара можам да кажам дека од многу нови играчи кои дојдоа ова лето, над 10-тина прераснавме во едно големо семејство, а со тоа и добрите резултати кои ги постигнавме досега.
Читај бе: Кажи ни нешто повеќе за градот, за луѓето? Што е она што го правиш во слободно време? Стекна ли нови пријатели?
Дарио: Градот како град е ОК, не е многу голем што ми помогна околу адаптацијата. Шпанците се топол народ, не се затворени луѓе, шират познанства, не те гледаат под око затоа што доаѓаш од земја одалечена над 3000 км од нив. Во слободно време, се знае, нашето битолското – пијам кафе најчесто со Кемо (колегата од Босна) и се дружиме со остатокот од екипата, одиме до Мадрид бидејќи ни е на 30-тина минути со кола. Да, можам да кажам, во овие 7-8 месеци запознав многу нови пријатели во и вон ракометот.
Читај бе: Што е она што најмногу ти се допаѓа во новата средина? Има ли нешто што се уште не можеш да го профатиш?
Дарио: Мил и топол народ околу тебе, те гледаат како добар или лош човек, а не како Шпанец, Македонец или било каков странец. А за второто, не, прифаќам секакви работи бидејќи знам дека не е се секогаш црно или бело.
Читај бе: Дали го научи шпанскиот јазик? Како оди секојдневната комуникација?
Дарио: Да, започнав со онлајн курс во октомври и сега пред две недели го положив второто ниво односно А2. Во секојдневната комуникација се трудам што можам повеќе да комуницирам на шпански за воедно и да вежбам, но има ситуации каде што морам да сменам на англиски за да се разберам полесно. Има и ситуации каде што шпанскиот ми е единствена опција, но на крај секогаш се разбирам со луѓето, што е најбитно.
Читај бе: Колку често доаѓаш дома? Ти недостига ли Битола? Колку често се слушаш со блиските?
Дарио: Па, засега се немам вратено бидејќи имаше некој проблем околу авионските карти за празниците околу Нова година, па јуни ќе ми биде прво враќање дома после 9 месеци, што едвај чекам…
Читај бе: Да се вратиме повторно на ракометот. Каков е односот во Шпанија, конкретно во Гавадалахара кон ракометот. Се вложува ли, вклучени ли се младите?
Дарио: Па да, гледано од аспект на мојата екипа која е млада и неискусна, сите се на возраст околу 20-21 година, има 3-4 постари од 26 до 29 години. И да, има многу млади категории во најразлични возрасти со вкупен број од околу 380 деца.
Читај бе: И за крај, каде се гледаш во иднина на професионално ниво? Имаш диплома професор по физичко воспитание, но и по ракомет…Повеќе сакаш да бидеш играч или пак да бидеш од другата страна?
Дарио: Иднината засега уште не ја знам. За наредната сезона работиме на тоа со мојот менаџер. Да, имам диплома за ракометен тренер и професор по физичко и здравствено образобание, но засега не размислувам околу тие работи (тренер или професор) бидејќи мислам дека ми е рано сега. Не велам не, можно е да бидам тренер на некои категории или професор во некое училиште, но тоа некаде таму после 30-тата година. Засега ќе речам дека сакам да бидам од играчката страна на теренот што е можно подолго.