кире поповски
кире поповски

Човечкото тело е единствената „машина“ во природата која колку повеќе се напрега, движи, користи и физички и ментално има тенденција да се обновува само од себе – тоа го докажуваат најразлични научни статии.  

Кире Поповски е поранешен ракометен репрезентативец, поранешен ракометар на „Пелистер“ кој во моментот тренира млади кадри во школата на ракометниот клуб „Еурофарм Пелистер“.

Активната физичка активност, особено се актуелизира од медицинските експерти, а беше експонирана скоро од сите медиуми во екот на Ковид пандемијата и сега после пандемискиот период кога маските паднаа – делумно.

Со Поповски, акцентот на разговорот е важноста на занимавањето со физичка активност кај децата и младите, но и истото важи и за возрасната популација, она што е најинтересно разговорот се одвиваше во книжарницата којашто исто како нас има за цел да го облагороди светот во кој живееме и ми се потврди изреката: Mens sana in corpore sano.

кире edited

Продолжете со читање, следува интересен разговор.

Читај бе: Децата и младите луѓе се активни корисници на паметните телефони и компјутерите. Како може соодветно да се комбинира спортот со технологијата?

Кире: Може, секако дека може да се комбинира. Не може да се изостави технологијатa која ја носи 21-от век. Веќе се подразбира дека мора да се комбинира компјутерот, телефонот и спортот – како нагледно средство, доколку се сака и секако ако комбинацијата не предизвикува штета во развојот кај детето – тоа е најважно, битно е детето пред сѐ да има балансирана пасивност и активност, но за развојот на моториката кај децата е најважна физичката активност. Бидејќи во дополнителните активности, имаме деца коишто тренираат ракомет, a истовремено посетуваат курсеви по странски јазици, одат и на ред други активности и секако дека минуваат време пред компјутер.

Читај бе: Детските невролози пред која била активност го нагласуваат движењето кај децата, колку е битно и зошто децата треба да бидат физички активни?

Кире: Има сѐ повеќе деца кои се соочуваат со прекумерна телесна тежина за нивната возраст, за разлика од порано. Очигледна е нивната неактивност. Неопходно е учениците да бидат физички активни на часовите по физичко затоа што  физичката активност е неопходна за правилен раст и развој на секое дете. Кај нас на тренинг децата се 3 до 4 пати неделно по 60-тина минути, говорам за децата помали од 14 години. Затоа што од 14 години децата почнуваат и со натпреварувачка фаза – пионерска категорија. Во соседните држави во склоп на задолжително образование – часовите по физичка култура и образование  децата ги следат секој ден, тоа го реализираа пред пандемијата. Кај нас тоа недостасува.

кире 10

Читај бе: Кога детето може да почне да тренира ракомет?

Кире: Од 8 години. Затоа што тогаш децата почнуваат да сфаќаат што е споделување, соработка. Во ракометот мора да се умее да се сподели топката. Потоа, ракометот е колективна игра. Затоа најдобро е претходно детето да посетува индивидуални спортови, пример: гимнастика, пливање, карате. Во Битола може децата да посетуваат индивидуални спортови, е сега условите за работа се такви какви што се, само на едно место имаме покриен базен, каде што цената е таква каква што е. Но, во суштина во Битола има многу спортски школи и сѐ уште го држиме приматот на спортски град. Засега во градот има четири ракометни школи.

кире 4

Читај бе: Како се вклопуваат амбицијата на родителот и талентот на детето кога станува збор за спортот?

Кире: Убаво е човек да е амбициозен, но не до таа мера да му штети. Многу често во нашата работа со децата се соочуваме со неостварените желби на родителите кои подоцна сакаат да ги реализираат преку своите деца. Во ракометните школи ова не е толку изразено, но во други спортови го има многу често, да не навлегувам во детали, сепак разговараме за ракомет. Еве еден банален пример, во сите спортски школи кај нас се плаќа членарина, доаѓа родител и прашува зошто моето дете не игра таму и таму, плаќам членарина. Го поставувам прашањето: ,Дали Вашето дете оди на часови по математика,  англиски јазик?’ Родителот вели: ,Да.’  Повторно го прашувам: ,успехот му е одличен по тие предмети’?  Тој ми одговара: ,Не’.  Членарината ги покрива режиските трошоци за салата. Најважно е децата да го засакаат спортот од мали нозе. Кај нас немаше никогаш во „Пелистер“ да се користат помлади категории, се земаа директно од младинска категорија.

кире 5

Пред пандемијата, пред две години почнавме да земаме  помали категории, почнавме со 10 годишна возраст, па се пројави желба и од 7 годишна возраст. Најмалите се обидуваме да го сакаат спортот преку разни концепти на игри и така да ги учат и правилата на ракометот. Битно е да се следат репрезентативни спортски натпревари кои децата имаат можност да ги следат, па да ги мотивираат и тие да се занимаваат со ракомет. Има и друга работа, бидејќи родителите не е пожелно да присуствуваат во текот на тренингот, од педагошки причини.  Родителот го носи детето в сала и си заминува, по некое време детето почнува да плачи. Нормално го прашувам зошто плаче, тоа одговара: ,јас сакам да тренирам фудбал, ама татко ми сака повеќе ракомет и затоа ме донесе тука’.  Значи, со сила не може, нема да се постигне апсолутно никаков резултат или може да се постигне спротивен ефект, детето да ги замрази двата спорта. Има тренд во Хрватска, наставниците (кои се квалификувани за тоа) по физичко образование одлучуваат  кое дете  со кој спорт може да се занимава, а тоа зависи од многу фактори и предиспозиции на детето, моторичките способности и физикусот. Кај нас нема нема таква категоризација – на тоа ниво.

Читај бе: Како го мотивирате детето кое е талентирано за ракомет?

Кире: Генерално немаме проблем со мотивација кај децата. Бидејќи го сакаат ракометот. Имаме долга ракометна историја и култура во Битола, која неретко се пренесува од колено на колено. Многу често доаѓаат кај нас веќе потковани од дома, со знаење за ракометот. Во Битола отсекогаш се играл прекрасен ракомет.  Овде е битна пак улогата на родителот, ако родителот го сака ракометот, многу често знае да го земе детето и да го однесе на ракометен натпревар или заедно да гледаат Европско, Светско првенство. Така што многу често кај детето се раѓа желба да заигра еден ден за „Пелистер“, за Македонската репрезентација. Од друга страна, во нашата школа започнуваат од 7 години, и се филтрираат оние деца кои сакаат да останат и понатаму да играат ракомет и затоа немаме проблем со мотивацијата.  Дополнително, многу се важни тренинзите во летниот период. Ги започнуваме порано додека е сѐ уште свежо надвор, а децата се на летен распуст, тука се гледа кој сака – кој не, бидејќи треба да стани наутро рано, да се подготви. Алтернативен терен за ракомет во моментот нема во Битола. Ракометното игралиште кај нас  се користи повеќе за кошарка и за културни настани, што од една страна е добро, ама сите алтернативни игралишта се бетонски, а ракометот е груб спорт каде паѓањето е составен дел, а падот на бетон може да предзивика големи повреди. Друго е падот да биде на соодветна спортска подлога или паркет, а друго е на асфалт. Повеќе имаме алтернативни тренинзи надвор, без топка, со трчање, вежби, игри.

кире 8

Читај бе: Каква е придобивката на младите луѓе од спортувањето спроти пороците кои ги нуди современото живеење?

Кире: Спортот има најголемо влијание врз младите за да се оттргнат од пороците кои се нудат.  Околу 90 отсто од родителите кои ги носат децата на тренинг ги носат со цел да ги оттргнат токму од пороците и да спречат прекумерна телесна тежина кај децата. На тренинзите акцентот е ставен на ракометната игра, воспитните елементи се пропратни. Секако дека е битно детето да е одговорно, бидејќи, спортувањето со цигарите и алкохолот не се комбинира, затоа што е штетна комбинација и е забранета консумацијата. Битно е на училиште да има добар успех, бидејќи ако е одговорен ученик ќе биде и одговорен  ракометар. Спортот им дава на децата можност за самодисциплина и самоконтрола, што се многу важни и на теренот и во животот. Многу е битно децата да се образуваат, да читаат книги – тука игра улога целиот образовен систем и пристапот на родителите.

кире 7

Читај бе: Кога почнуваат да се натпреваруваат најмладите ракометари?

Кире: Пред години се натпреваруваше само младинската категорија, до 18 години, кадетска категорија до 16 години и пионерска со 14 години, но може и помали. Кај нас немаме уште воведено мини-ракомет каде што ќе можат да се натпреваруваат помалите  деца. Професионално почнуваат да се занимаваат со ракомет кога ќе влезат во првиот тим. Во Битола има два први тима „Еурофарм Пелистер 1“ и „Еурофарм Пелистер 2“. Имаме ракометари кои сѐ уште учат во средно училиште, одат во смени – тоа е полупрофесионално, бидејќи не стигнуваат на сите тренинзи. Мотивацијата кај играчите се црпи од капацитетот на спротивната екипа, а од друга страна, на битолчанец нема потреба да му дадеш мотивација да го носи дресот на „Пелистер“, тој го носи со гордост, небитни се финансиите тука, бидејќи тој го велича своето, за разлика од некој кој дошол и треба да се прилагоди, тоа е факт.

кире 9

Читај бе: По пандемискиот ек се забележува зголемена физичка активност, а и сите медиуми го популаризираат движењето, бавењето со некаков спорт, а во суштина човекот е створен да биде мобилен. Како Вие ја толкувата новонастанатата слика?

Кире: Активните, професионални спортисти, после завршетокот на кариерата, поради претходни повреди некои не можат активно да спортуваат, но го прават она што можат.  На почетокот од  пандемијата, бидејќи постојано пешачам се изненадив од излезеноста на луѓето, кои првпат ги видов, не знаев дека живеат во Битола, а израснав на шеталиштето. Во тој период имав чувство како да сум во друг град, не во Битола. Најнормално и се подразбира дека секој човек треба да се движи. Во западните земји, физичката активност кај населението не е нешто за кое се дискутира па да се наметне како стил на живот. Физичката неактивност е предиспозиција за кардиоваскуларните болести кои се во подем. Интернистите, кардиолозите препорачуваат барем минимално движење од 5 километри дневно на рамна површина. Во Битола имаме прекрасно шеталиште и зеленило, качување до Тумбе кафе е одлична активност, убаво е што се зголеми посетеноста на Националниот парк „Пелистер“  но сепак, никој никого не може да го натера сосила, освен не дај боже кога ќе му дијагностицираат некое заболување и пак може да има спротивставување.

кире 3

Читај бе: Што ѝ недостига на Битола кога станува збор за ракомет?

Кире: Ракометен спортски објект, од затворен карактер, со греење. Кај нас спортските објекти не соодветствуваат со потребите кои реално ги имаме како спортисти,  претежно се со кошаркарска димензија, а некои помали. Ракометарите кубурат со термини во спортските сали во Битола, а потребите се прилично големи.  Затоа што после тренирање во мала сала, кога ќе се тренира во поголема, настанува губење во просторот – најблаго кажано, на играчите тоа им е реалност бидејќи се навикнати да не ја шират играта поради играњето во помалата сала, иако сега имаат услови за тоа. Така што, големи и обемни се спортските предизвици.

Читај бе: Претходно ракометен репрезентативец, во моментот сте ракометен, спортски едукатор – тренер и страстен читател.  Зошто им препорачувате на младите да читаат?

кире 2 edited

Кире: Кога немаш што да правиш, работи на себе – а читањето овозможува човек да се тренира духовно или ментално. Најактивно почнав да читам со доаѓањето на пандемискиот бран. Затоа што морав нешто да правам, јас сум спортист, најтешко е кога на спортист ќе му забрани некој да биде активен, слободно да се движи кога сака и колку сака и така почнав да читам, многу. Претходно ме праша, прочитав околу двесте книги, читам историски драми. Омилен автор ми е Леон Урис, американски автор со еврејско потекло, пишува книги со историска содржина. А на моите битолчани и пошироко им ја препорачувам да го прочитаат романот „Црквичето“ од нашиот Владимир Костов, одличен роман.

meblo trejd bravi
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…