Животот е непредвидлив. Човек лесно се навикнува на убавото, но како да се навикне на она што не е убаво, она што боли, сепак треба да се научи да се живее со таа болка, со тој страв, со таа непредвидливост. Секој од нас луѓето е посебен и важен, отсекогаш ме фасцинирале невидливите нишки со кои се поврзани луѓето меѓусебно, така што сите заедно сме еден организам, и нели, мало делче од тој организам да биде повредено, болката сите ја чувствуваме, но, сите исто не реагираме на таа болка.
Биљана Тодоровска е дипломиран информатичар и магистер по драматурија. Има напишано неколку книги (поезија, проза, драмски текстови). Биљана е страстен читател, има огромна смисла за хумор и најчесто се шегува на своја сметка. Таа е родена 1984 година во Битолската клиничка болница, здрава – права со сите нишани, се развива највообичаено, завршува основно, средно образование, има многу пријатели и познаници, кога, неочекувано ѝ се дијагностицира мултиплекс склероза, така започнува нејзината одисеја.
- Која е Биљана Тодоровска?
Биљана е обичен човек со комплицираност во својот пристап кон работите. Хахахаха. Не ми успева да бидам сериозна, простете. Навистина сум само еден обичен човек, како, што впрочем сме сите, кога ќе се појавиме во јавност. Така барем се чувствувам, но тогаш од меморијата ми блеснува мислата дека имам две патерици, другарки, сопатнички коишто ме прават различна од „обичните“. Токму тука се крие мојата комплицираност во пристапот.
- Кој е твојот најголем животен предизвик?
Малку ме замисли со прашањето. Сакам да делувам во повеќе сфери. Многу ми е жал кога заради „различноста“ во оваа заедница голем дел заради физичката различност нѐ (зборувам на лицата со попреченост) доживуваат како помалку способни од останатите, секоја чест на исклучоците – на кои духовноста им е на доста повисоко ниво. Со поезијата и пишувањето воопшто, влегов во еден поинаков свет, свет каде светлината, силината на пишаниот збор е иста, не ја познава физичката различност.
- Во магистерскиот труд пишуваше за чевлите на театарската сцена, дали има разлика меѓу театрските и секојдневните чевли?
Магистерскиот труд го посветив на чевлите, се трудев и се надевам дека во неговата срж фактички ги преплетив чевлите на сцената со чевлите на лицата со физичка попреченост, сето тоа се трудев да го изведам преку напишаните драми кои се темелат на чевлите кои ги носи судбината – на себе.
- Семуел Бекет во „Чекајќи го Годо“ има реплика: „Не е грешката во чевелот туку во ногата“. Репликата може да ја дискутираме и буквално и во преносна смисла, според тебе каде е грешката?
За мене лично во двете замисли. Затоа што во мојата замислена утопија чевлите сами се движат, немаат никакви проблеми со мене. Не сакав да ја запознаам тетка МС, ниту ја посакував со цела нејзина тежина и ногата не е виновна што ѝ „паднал“ таков чевел, на пример со узенгија. Во другата смисла, како што е речено животот е толку непредвидлив, што не може ниту да се претпостави, што ќе донесе мигот, не денот.
- Што те научи мултиплекс склерозата?
Си другаруваме ние двете, ме научи дека 24/7 не сум сама, со неа сум. Ми ги покажа вистинските лица на тие што ги сметав за најблиски. На никого освен на себеси и на моите двете патерици не можам да се потпрам. Се чудам каде се сите оние ликови кои продефилираа во мојот живот кога можев повеќе да се движам. Не можев ниту да претпоставам дека во нив спие „ограниченост“ која може да претставува толкава голема пречка за другарување. Исто така, научив дека, ако некој ме сака нека не сака ваква каква што сум, со сите маани, а најсмешно е што една физичка различност може да биде причина за другарување. Се извинувам, ама ми е пресмешно.
- Зошто драматургијата?
Со еден збор затоа што е – најпрекрасна, ме има разгалено до немај-каде. Ми ја даде цела слобода на светот, ми дозволува да фантазирам како секој човек, ама без страв, дека можеби лошиот сон ќе се оствари. Најпрво талентот во мене го откри Сотир, режисер од Ресен, најчесто работи детски претстави, со деца, на тој начин е огромен ловец на таленти. Потоа ми подаде рака и ме поддржа ректорот Јордан Плевнеш, кој ме охрабри и поттикна да размислувам. Инстиктот ми велеше дека треба да се обидам, бев во дилема, се советував со моето најблиско и поетско семејство, кое ентузијастички ме поттурна да ја прифатам подадената рака, на крајот и лекторот кој ми го уреди трудот. Ректорот, менторката и професорскиот тим ме прифатија ми помогнаа да ја гледам драматургијата со срцето. Замислете, таму спиела, само ми помогнаа да ја разбудам.
- Нашиот менталитет сѐ уште ги маргинализира лицата со попреченост, можеби не ко во минатото. Што ти „паѓа“ најтешко?
Не најтешко туку најмногу ме нервира упорното „зјапање“. Луѓето ја сакаат привидната совршеност, само Бог е совршен. Сѐ што скршнува од неа е „казнето“ со избегнување, игнорирање, ехе не можам нити да набројувм на колку неубави работи сум била сведок. Не жалам туку спротивно им се радувам што ме изградија во тоа што сум.
- Колку образованието и пишувањето ти помогна во себепронаоѓањето?
Не многу, најмногу. Дипломиран информатичар, во еден наврат го прашав мојот најдобар другар што ми требаше информатиката, рече: „Го заврши тој факултет по грешка“. Изгледа во право е, за жал околностите беа такви кога матурирав. Понудената рака за магистрирање на друг факултет беше вистинскиот избор во мојот живот. На часовите го впивав материјалот, со восхитување. сѐ уште се восхитувам на сите кои се дел од мојот нов свет, додека со поезијата другарувам од многу одамна. Сѐ започна од поезијата на Десанка Максимовиќ, обидите за пишување во средно училиште. Љубов е тоа, љубов голема.
- Која ти е најголемата мотивација?
Животот. Толку е убав за живеење, тоа чудо едно.
- Книги и луѓе кои ти го промениле животот на подобро?
Од секоја прочитана книга има многу работи кои ме опишале, ме допреле. Читам многу и читам темелно, се обидуувам да запишам, да запомнам сѐ што ќе ми се „фати“ за око. Понекогаш дури се фаќам себе си како сонувам ликови од приказната која ја читам во моментот. А луѓе – огромен е списокот, затоа што сите луѓе кои ги познавам ми дале по некоја лекција во животот. Добрите и лошите сите подеднакво. Само треба човек да сака да учи…
- Дали веруваш во љубовта, онаа меѓучовечката и романтичната?
Да! Верувам дури и во моментите кога ме треснала од земја, не престанав да верувам во неа и верувам дека ќе ми се случи во сите варијации и пермутации во коишто ја посакувам и сонувам.
- Опкружени сме со луѓе кои можат, ама ништо не прават и луѓе кои не можат но го даваат својот максимум, ти и верувам дека има поголем број на луѓе кои од својот минимум го даваат својот максимум. Едно е да сакаш да зависиш од другите, друго е да мораш. Како го перцепираш ова?
Моето мото е: „Можам сѐ што сакам, она за кое велам дека не можам е само изговор за тоа што не го сакам.“ Нема сила што може да ме запре и забрани да сонувам, за почеток, а доколку вистински со цела душа се посакува некоја работа, секогаш постои начин за нејзина реализација.
- Човекот кој нема желби има сѐ – имаш желби?
Да, желбите се тие што ме држат во живот. Прва желба ми е љубовта да владее со срцата на сите луѓе, без разлика на различноста. Најголема желба ми е да се најде лек на тетка МС, не само јас, туку целото човештво со тој проблем да види аир. Верувам дека љубовта на сите засегнати со овој проблем – е толку голема што ќе роди чудо и уште милион други.
- Што те воодушевува најмногу?
Сѐ! Книгите, луѓето, трудот кој се вложува во животот, за животот, борбата, храброста. Драмата која се крие во секој, само седи и слушај внимателно и ете имаш неицрпен извор, на книги и приказни.
*Интервјуто е дел од 17 Зборник на Пелагонските културно – научни средби https://www.facebook.com/PKNSN2020