anastasija trajkovska

Анастасија Трајковска ја запознав додека беше средношколка во Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ во Битола, истражуваше за материјал за приемен испит за ФДУ и така спонтано почнавме да разговараме.  Прекрасен и топол млад човек со неверојатна широчина, автентична енергија и изглед, воспитано дете кое верува во убавината на животот.

Само што заплива во академски води на една професија преку која светот се образува и човекот. Актерството е професија синоним за душевна машинерија преку драмската сцена, преку филмското платно во најново време човештвото руши и создава, под палката на режисерот и неговата екипа. Се појавува една нова генерација уметници кои „јадат“ оган, не дека се вешти во јадењето оган, им е здодевно во светов полн со сувопарен аматеризам.  Еден таков уметник е нашата битолчанка Анастасија Трајковска, бруцош на ФДУ. Интервјуто е направено додека се преселуваше од Битола за Скопје.

anastasija trajkovska 13

Читај бе: Која е Анастасија?

Анастасија Т.: Која сум? Доста тешко прашање … сѐ уште се откривам, одново и одново. Секојдневните ситуации ми откриваат нова Јас, но само едно знам,  една млада девојка, полна емпатија и страсен вљубеник во сѐ што значи уметност.

Читај бе:  Моментално си бруцош на Факултетот за Драмски уметности, претходно учеше во Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ – Битола. Како го изоди патот?

Анастасија Т. : Средното образование го заокружив во Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ во Битола, преубаво искуство, каде се сретнав со разни личности, кои оставија печат во мојата преобразба и научив многу од нив, бев учесник во сите секции и активности поврзани со уметност и јавно излагање, во овој период волонтирав на многу настани во Битола. Потребно е постојано работење на подигнување на свеста за почитување и негување на убавото и вредно да се проследи. Често го посетував битолскиот театар, чувството ми беше неописливо пријатно после добра претстава, се чувствував живо.Љубовта кон театарската уметност ми се разви и со подготовките на претставите од Гимназија и моето активно учествување во театарската школа „Фабрика за мечти” кое уште повеќе ме доближи до убавината и возвишеноста на оваа уметност. Овие работи ми развија одредена свесност кон театарот и театарската магија едноставно ме понесе по својот пат.

Читај бе: Што е посебното во француската музика?

Анастасија Т. : Францускиот јазик, сам по себе, содржи некаква мила мелодија, некоја мистериозност и шармантност. Тие карактеристики многу моќно продираат до слушателите на француска музика. Ми е мило што ја имав можноста да ја пренесам таа мелодичност во настапот за француската шансона со песната “Et bam”.

Читај бе: Што ти значи сцената?

 Анастасија Т.:  Штиците што живот значат… не можам да ја опишам таа магија што се случува. Ти соголен пред светот, душата ја ставаш на послужавник и напливот на енергија те води низ целиот процес. Не може да се опише со зборови таа поврзаност меѓу актерот и публиката.

Читај бе: Каде ја наоѓаш инспирацијата?

Анастасија Т.: Инспирацијата ја наоѓам насекаде околу мене, доволно ми е кога утринските зраци знаат да ме погалат преку прозорецот, една топла и искрена насмевка кај човек, разиграно детенце, добра музика, убава енергија и луѓе кои се полни со живот, кои зрачат топлина, добрина и креативност. Љубовта како движечка сила ме поттикнува да творам, симбиоза меѓу љубовта и емпатијата и сѐ си доаѓа на свое место.

anastasija trajkovska 15

Читај бе: Омилен филм, претстава, актер – актерка?

Анастасија Т. : За секое уметничко дело и за секој човек кој се занимава со уметност имам некоја особина која ми е омилена. Конктерно не можам да одвојам некој омилен актер, но би можела да кажам дека шармантноста и талентот на Рејчел Мекадамс, Мелиса Мекарти и Ен Хетавеј ми се омилени. Како филмови би можела да ги издвојам “Eat, pray, love’’ и “Soul”, Бали- Индонезија е место што ми е сон да го посетам еден ден можеби и затоа филмот “Eat, pray ,love” ми остави толку силен впечаток. Кога сме на тема театарска претстава, би можела да ја одвојам претставата „Глумици” од независната театарска група „Артопија” за тоа уникатно чувство што го пробуди кај публиката со самата интеракција и сплотеноста меѓу актерите на сцена.

anastasija trajkovska 17

Читај бе: Уметноста е синкретизам – што е за тебе?

Анастасија Т. : Точно е дека уметноста е синкретизам – го спојува и она што не може да се спои, на некој свој начин, со единствена цел да го промени гледачот, слушателот, да остави траг на него, да не е ист по апсорпцијата на тоа што го проследил. Ние се менуваме постојано, уметноста, според мене ја има таа лековита моќ, да создаде подобар човек, да го разбуди, да му го размрда серотонинот. Уметноста – треба да е лекот за душата.

anastasija trajkovska 5

Читај бе: Кое е твоето хоби?

Анастасија Т.:  Не можам едно нешто да класифицирам како мое хоби. Постојат многу активности со кои се занимавам на дневна база и мислам дека моето „хоби” се менува на неодреден период. Како хоби го сметам пеењето и свирењето гитара. Пешачењето проследено со добра музика во слушалките, го доживувам како хоби кое е еден вид на медитација и исклучување од реалноста за мене. Последниот период бев фокусирана на неколку настапи и снимање на нашиот прв албум во бендот во којшто пеам, Sioto Jazz, на којшто сум особено горда. Не мислам дека имам конкретно хоби, едноставно, поимот хоби за мене означува различна  активност за конкретен период.

anastasija trajkovska 12

Читај бе: Која личност најмногу те инспирира?

Анастасија Т.: Сите околу мене ги земам за инспирација, било дали се тие негативни или позитивни личности. Ситните работи околу мене ми влијаат на начин кој е перфектно обликуван за мене. Но, како една личност во мојот живот која ми е најголема инспирација од почетокот па сѐ до ден денес е мојата мајка. Таа ме поттикнува да бидам храбра, силна и паметна исто како неа. Со нејзините совети секогаш ме насочува на најточниот и најконкретниот пат по кој треба да се движам.  Мислам дека мојата мајка засекогаш ќе остане моја најголема инспирација и човек на кој се огледувам.

anastasija trajkovska 6

Читај бе: Твојот рецепт за среќа?

Анастасија Т.: Генеричен рецепт за среќа не постои бидејќи секој ја создава својата среќа на свој начин. Живееме во преголем свет во кој постои поле од можности за истражување во секој можен агол. Мислам дека свесноста на една личност е главниот рецепт за среќа затоа што среќата се наоѓа во секое ќоше само треба доволно да ја согледаме и да стремиме да ја пронајдеме.

meblo trejd kabanici

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…