Продолжуваме со презентирање на магистерските трудови изработени од 6 млади архитекти од Битола, проекти за кои овие млади луѓе се потрудиле и својата визија ја преточиле нацртана на хартија со надеж дека во иднина ќе стане реалност.
Искра Јовевска е магистриран архитект на Архитектинскиот Факултет при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, Скопје и во својот магистерски труд ја акцентира важноста на обновување на културните објекти со тоа што адаптацијата на објектите би бил секогаш подобар избор од рушењето на истите предизвикувајќи трошење на помало количество на енергија и произведувајќи помалку отпад, притоа нудејќи социјални и културни придобивки при ревитализација или давање на нов живот на градителското наследство.
,,Битола како град со особено голема културна историја и град кој многу пати бил разрушуван и одново издигнат, е еден од малкуте градови во Македонија каде што исклучително важни, особено од архитектонски аспект, објекти и предели се добро зачувани, но до ден денес претставуваат „сенка” на минатото и не се вклопуваат во денешниот начин на живот во градот. Поради ова се јавува потреба од преосмислување на начинот на кој што општеството ги разгледува овие содржини како потенцијал во градот и општественото уредување” – вели Искра за Читај бе.
Јовевска го издвои како еден од позначајните опфати ридско-планинскиот предел југозападно од Битола, односно делот кој припаѓаше на битолската касарна и кој е добро познат бидејќи во непосредна близина се наоѓа античкиот град „Хераклеа”, рекреативни патеки кои продолжуваат од паркот кон „Тумбе Кафе”, најпознато место за дружење во СФРЈ со амфитеатар за мали културни манифестации, ресторани, места за собири и патеки.
,,Од многуте намени кои ги имал овој предел во минатото, останата е само намената како рекреативен центар со земјени патеки за пешачење, патеки за велосипеди, мотокрос патека и мал амфитеатар за културни настани кој никогаш не заблеска во неговата замислена функција. Објектите од некогашната касарна останаа како „духови” на минатото, без никаква функција и подлегнаа на природните фактори и вандализмот низ годините” – констатира Искра.
Проектот на кој работеше Искра има за цел да го врати културниот дух на овој дел од градот со тоа што ќе се искористи веќе постоечкиот архитектонски и просторен потенцијал, а преку реинтерпретација на заборавените градби и нивна трансформација ќе се постигне синтеза од намени кои значително би го подигнале културниот, рекреативниот и едукативниот потенцијал на Битола.
На мапата на градот Битола јасно може да се забележи концентрацијата на објектите и просторите со јавен карактер исклучиво во строго централното јадро на градот. По прекинот на функцијата на Битолската касарна во 2003 година, предел со големи размери и висок потенцијал остана изложен на климатските влијанија, а најмногу на човековите, во период од 10-тина години. Плановите за преобмислување на овој простор беа направени, изменувани и непочитувани во текот на изминатите години. Локацијата на пределот на „Тумбе Кафе” и „Златниот Рид” кои исто така беа во склоп на битолската касарна и се во непосредна близина на истата, останаа недопрени и целосно неискористени во нивниот потенцијал. Последователно со анализата на културната мапа на градот Битола, новиот концепт ќе има за цел да ја продолжи културната оска кон овај предел и максимално да го искористи неговиот потенцијал како културен, едукативен и рекреативен центар.
Аналитичка мапа на „Тумбе Кафе” според ситнтеза на ДУП 1,2 и 3 на АРМ, направен 2010 година и подоцна реформиран.
При синтеза на Деталните Урбанистички Планови за областите 1,2 и 3 на областа АРМ, претставена е единствена мапа на предвидената состојба на областа од интерес на ова истражување. Во ДУП 1, делот во рамницата на касарната, јасно се гледа уличната мрежа која е речиси завршена, додека во ДУП 2, на самиот рид околу „Џепането” може да се забележи новопланираната станбена населба со таканаречените луксузни парцели за домување со згради кои достигнуваат висина до П+3 ката.
Падината на ридот со најдобрата локациска поставеност, во иднина ќе се соочи со еден инвазивен проект кој не само што е нехуман кон природните зададености, но и целосно не се вклопува во околината на историски и културно важен објект како што е битолската тврдина – „Џепането”. Интересот на одговорните за овој проект, кој е исклучително непромислен и несоодветен, па и деструктивен за еден ваков предел, ги следи само материјалните придобивки, а не и социјалните.
Следејќи го неизбежниот план за обнова на овај богат предел, новиот концепт треба да внесе главни јавни пунктови и места за социјализација, како и да предложи нов ревитализациски проект за Џепането, со цел зголемување на социјалните аспекти на градот Битола, во вакво еднолично опкружување како денес.
Поглед кон Битолската тврдина, Џепане, околу 2015 година
Извадок од ДУП 3 на АРМ на Џепането, и документирана ситуација на комплексот со петта фасада
Четирите објекти во Битолската тврдина, Џепането, се симетрично поставени и насочени кон внатрешниот двор на комплексот. Главните влезови во сите објекти се централно поставени на нивните фасади од внатрешната страна. Објектите непосредно го пратат падот на теренот, со што објектите со број 2 и 3 добиваат дополнителни влезови со подземно ниво.
Просторен и програмски концепт на „Џепането” и неговата блиска околина
Ситуација на новопроектирана состојба на споменичка целина „Џепане”
Концептот на новиот центар се заснова на конзервација и реставрација на постоечките четири објекти, ново партерно решение кое непосредно го следи падот на теренот и веќе постоечките видливи терасирања кои некогаш постоеле, притоа овозможувајќи движење преку рампи и лифтови за лица со попречености и сместување на новите содржини под нивото на теренот, без да се нарушува архитектонската композиција на постоечките објекти.
Перспективен приказ на новиот културен центар
Главиот влез во тврдината е поставен странично и притоа новопланираното движење продолжува покрај самиот зид на тврдината во првиот дел на комплексот, а потоа партерот ја следи централната поставеност на композицијата. Најдолниот објект, кој е најблиску до влезот претставува изложбен музеј со историски аспекти за Џепането и ридот „Тумбе Кафе”, а пред него се формира мала сцена на отворено со амфитеатрални скали каде би се одржувале разни настани на отворено, перформанси, прикажување на филмови, претстави и предавања.
По скали и рампа се пристапува до второто плато на висина 6 метри од кое се пристапува до подрумите на страничните објекти, преку кои се доаѓа до новопроектираниот подземен дел кој продолжува на истото ниво.
По метални, монтажни скали кои лежат на зелен појас како природен пад на теренот се пристапува до третото бетонско плато на висина од 9.55 метри, каде се главните централни влезови во страничните објекти и помошните на другиот крај на објектите.
Четвртото плато на висина од 13.55 метри, останува празна бетонска тераса која дополнително го истакува четвртиот објект кој е на кота 15.55 метра. Оваа бетонска платформа овозможува пристап од сервисниот влез за достава на храна, пијалоци, постаменти и предмети за изложување, до кој се пристапува по рампа која го прати природниот пад на теренот, надвор од ѕидините. По метални монтажни рампи се пристапува до платото пред четвриот објект кое претставува место за одмор и социјализација во склоп на кафетеријата во внатрешноста на објектот.
Попречен пресек низ изложбениот подземен хол и поглед кон каскадите и вертикалните отвори кои го осветлуваат подземниот дел, и отворите во вид на пушкарници кои го осветлуваат административниот оддел
Со новото решение за овој културен центар се истакнува архитектонскиот јазик на мајсторите од минатото и притоа се негува и оджува архитектонската споменичка целина „Џепане” и се оправдува нејзината титула како споменик со заштита од прв степен. Подземната интервенција се должи на легендите и кажувањата од минатото дека овај рид е исполнет со подземни тунели преку кои војниците се снабдувале со храна и муниција, иако тоа сеуште не е истражено и докажано.
3Д прикази од ентериер на објект, новопроектиран изложбен простор
Во новопроектираната сотојба на комплексот се предвидува санирање на оштетените делови од камен и тула и нивно уцврстување и одржување. Кровните конструкции од дрвени греди, штици и ќерамиди би претрпеле целосна реконструкција и замена со нови, притоа задржувајќи го оргиналниот изглед на објектите од нивната надворешност. Деловите со малтер во долните делови на некои од објектите би се обновиле, а додадените делови од подоцнешна фаза кои не одговараат на оргиналната состојба на комплексот би се отстраниле.
Прозорците и вратите се предвидува да бидат од метал и стакло, со што истите ќе се спротистават на оргиналните материјали камен и делкан гранит со совемени материјали како што се металот и стаклото и воедно ќе придонесат за влез на светлина во внатрешноста на објектите кои генерално се затемнети.
Во внатрешноста на објектите се предвидува реконструкција на дрвените подови во нивниот оргинален сјај, со стаклени отвори во одредени делови кои дозволуваат поглед кон темелите.
3Д приказ од подземниот дел со ѕидови од бетон
Ѕидовите во долните делови се „оголени” во конструктивна смисла, и видливи се каменот и тулата како главни материјали, а во горните делови на сводните конструкции тие се малтерисани и соодветно обработени со бела боја, контрастно на оргиналните материјали.
3Д приказ од подземен ходник за изложби на современа уметност
Сите останати новопроектирани подземни ѕидови се од лиен бетон кој суптилно се надоврзува на камената структура на ѕидовите, и формираат систем од бетонски платна како конструктивен систем на подземниот дел. Терасите кои го оформуваат партерот се од натур бетон кој не се наметнува на веќе постоечките материјали, туку се надоврзува.
3Д приказ од сали за уметнички инсталации
Овој магистерски труд дава одговор за тоа како современата архитектонска форма, технологија и конструктивни системи можат да бидат интегрирани во постоечки историски контекст и да креираат симболичен хибрид на старо и ново и како оваа имплементација на новото ја експлоатира и утилизира постоечката архитектонска вредност, без притоа да ја оддалечува од нејзиниот иконичен статус и историско значење.