Деновиве од печат излезе музичкиот литургиски зборник со невматска нотација „Отца и Сина и Достојно ест“ на Александар Гулевски.
Овој зборник е прв од ваков вид во рамките на автокефалната Македонска православна црква-Охридска архиепископија.
Отпечатен е со благослов на Неговото високопреосвештенство, митрополит Преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски г. Петар, а како издание на Преспанско-пелагониската православна епархија. Во зборникот на осумдесет страници, поместени се четириесет авторски композиции од евхаристискиот канон, компонирани во осум византиски музички скали (гласови).
Рецензијата на зборникот, достапна на македонски, српски, руски и англиски јазик, напишана е од раководителот на српскиот византиски хор „Мојсије Петровиќ“ од Белград, псалтот Никола Поп Михајлов.
Во Македонската православна црква-Охридска архиепископија, од нејзиното возобновување, па до наши дни, долго време на богослужбите се користеле и сè уште се користат литургиски музички зборници со западна нотација, ретко со невматска, и тоа најчесто од српски и бугарски автори (Стеван Мокрањац, Манасиј Поп Тодоров, Петар Динев и др.). Појавувањето на музичкиот литургиски зборник „Отца и Сина и Достојно ест“ на Александар Гулевски, всушност, ја пополнува празнината од немање на ваков вид музичка литература кај нас од домашен автор, не само во рамките на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, туку и во рамките на македонската црковна музика воопшто.
Печатењето на музичкиот зборник „Отца и Сина и Достојно ест“ го овозможија Светата Митрополија Преспанско-пелагониска, Соборната црква „Св. вмч. Димитриј“ од Битола, ДООЕЛ Јосифов, Пела Роса и Адинг Центарот од Битола.
Во рецензијата на зборникот, Никола Попмихајлов, Раководител на српскиот византиски хор „Мојсије Петровиќ“ Белград, вели:
„Зборникот на литургиски песни Отца и Сина и Достојно ест, на авторот Александар Гулевски, протопсалт во црквата „Св. Димитриј“ во Битола, претставува голем придонес во современата пејачка пракса на црковнословенски јазик. Ова дело е уште позначајно, ако се има предвид дека на нашите простори византиската музика до неодамна беше прилично запоставена. Освен тоа, авторот е свесен дека се обраќа на многу мал аудиториум. Бидејќи се работи за специфичен вид на музика со посебен систем на нотирање, книгата е наменета за корисници кои можат да се наречат посветени.
Тоа не треба да нè чуди. Улогата на псалтот во православното богослужење отсекогаш барала високо ниво на посветеност. Освен богослужбениот јазик што треба да го совладаат, псалтите се соочуваат и со предизвикот да научат и посебен нотен систем.
—————————————————————————————————————————–
Се надевам дека овој зборник ќе стане задолжителен дел од пејачката литература, мотив и патоказ за сите оние кои сакаат со своите композиции да го збогатат репертоарот на православното богослужење на црковнословенски јазик, репертоар кој ни е толку неопходен, и дека нашиот однос кон музичкото наследство, кое потекнува од византиската и пост-византиската култура, ќе постави нови стандарди во црковната музичка уметност.“