Зарина Првасевда е млада пејачка која во Македонија е позната по епитетот „славеј“. Таа е вљубеник во македонската традиционална песна и истата ја промовира на секаде во светот. Но, Зарина знае да запее и традиционални песни од другите култури и јазици.
Во ова интервју Зарина Првасевда ќе ни раскаже малку повеќе за пеењето, нејзинот албум и нејзината примарна професија како дефектолог.
Читај Бе: Како растеше Зарина, какво ви беше детството? Што е она по што ќе го паметите?
– Растев во Демир Хисар, опкружена со слобода, убави луѓе и отклучени врати. Немаше можеби изобилство, но имаше доволно. Имаше чист воздух и навечер постела од ѕвезди на небото. На пролет мирисаше на салата тазе марула или домати и младо кромитче, што си ги извадовме од домашната градина, на зима на печени костени или пченка.
Читај Бе: Дали од мала знаевте или сонувавте дека музиката ќе биде ваш повик?
– Знаев дека музиката е мојот пат, затоа што од кога знам за себе, секогаш имав посебен однос со неа. Се разбира, истражував и работев и во други полиња и несомнено постигав успеси и таму, но, некако ниеден успех не ми носеше задоволство во форма во која сега ја живејам со тоа што го работам со музиката.
Читај Бе: Како започна сè? Од што сè моравте да се откажете за да станете ова што сте денес? Тешко ли е човек/артист да опстојува? Што е она што му е потребно за да опстои?
– Да се биде независен артист во Македонија, само по себе значи многу жртви. Лишување од еден куп задоволства, за сметка на инвестицијата која постојано е активна во музиката. Работење работи од типот на менаџмент и букинг, рипнување на секоја можна работна позиција која е потребна за да возот непречено се движи и слично. Но, нема да се жалам, јас оваа работа ја сакав, ја сонував и сум свесна кои се жртвите кои треба да се дадат за тоа да се слушне преку мориња и океани. За да се опстои треба камена и непоколеблива волја, верба, желба, многу работа, труд и многу храброст.
Читај Бе: Најсреќниот ден во животот…?
– 15 Арил 2022, мојот концерт во Македонската Филхармонија.
5.Читај Бе: Се соочувате ли со многу негативни коментари..? Како публиката
реагираше на вашата музика и глас-сепак е нешто што е несекојдневно и ретко?
Како бевте прифатени од публиката?
– За среќа, до сега не сум прочитала негативен коментар, речиси никогаш. Спремна сум да ги има, затоа што е во ред некому тоа што го работам да му отстапува од личните стандарди па и вкусот и да има мислење какво што сака, живееме во свет на слободна волја. Но, веројатно кому не му се допаднало ислегол од виртуелното семејство на Зарина Првасевда на моите социјални мрежи и тоа го ценам неизмерно, затоа што е искрено. За сметка на тоа, се приклучуваат постојано луѓе на кои ова што го работам им звучи различно, специфично, автентично и сл., па тие луѓе таму се истите кои ги гледам на моите концерти во живо, а тие ми се мојата најголема потпора и инспирација. Неизмерно сум среќна и благодарна на/за нив.
6.Читај Бе: Што научивте од оваа работа?
– Научив што значи во пракса она што претходно сум го читала во литературата и сум мислела дека го живејам. Во суштина, што значи истрајност и жртва на дело, а и колкави големи се наградите што следат подоцна.
Читај Бе: Омилена песна од албумот „ЕХО“ ?
– Не верувам дека постои вистинска мајка која може да си направи избор помеѓу едно од своите деца. Секоја си е посебна на свој начин, секоја си има во неа дел од моето срце.
Читај Бе: Сепак пеете традиционални песни од целиот свет, што ве привлече да „чепнете“ во другите култури, каков предизвик е тоа?
– Живееме во општество кое е мултиетничко, а јас сум воспитувана во духот на рамноправноста и љубовта, па никогаш не сум ги наоѓала моите соученици од друга вероисповед или говорно подрачје како нешто што е различно од мене. Секогаш ми беше интересно да истражам и научам какви се нивните обичаи, културата, песните… па и да учествувам во нив. Подоцна кога пораснав сфатив дека тоа во општеството не функционира така, но, овој дух во мене остана непроменет. Така дојдов и до тоа да пејам песни на други јазици, но и да и дозволам на малата Евгенија да биде сè уште присутна и да ѝ помогнам да биде слободна во својата љубопитност, и еве, со тек на време се покажа дека таа своја особина е една од побитните од мојата личност.
Читај Бе: Од оваа перспектива, после сè што би ѝ рекле на малата Зарина. Како би ја подучиле?
– Искрена да бидам не сме многу различни, особено сега откако си ја носам со мене секаде, па ја чувам, пазам и дозволувам да си игра секогаш кога сака, дури и кога е чудна и немирна… Но секако, би ѝ кажала да ужива во секој миг, да не престанува да сонува, дека ниеден сон не е „многу голем” , да биде трпелива и опуштена зошто секако еден ден работите ќе се наместат онака како што требало да бидат, со секирација или без.
Читај Бе: Мото со кое се водите низ целиот живот е…
– Никогаш не прави компромис со вистината, совеста и квалитетот.
Читај Бе: Најинтерсна случка на настап и кој фан ви оставил најголем впечаток до сега?
– Секогаш кога ќе видам некој во публика што си дозволил да се расплаче, да игра, да се наежи, што си ја отворил душата без да се секира што ќе кажат другите наоколу, за мене е впечаток. Ретко одиме натака, да бидеме тоа што сме вистински, насекаде и секогаш, сите паѓаме под прангите на општествените мерила за тоа како треба да се однесуваме дури и кога сме во „отстав“ а ова што го правам треба да биде место кадешто секој ќе се почувствува слободен во сопствената лавина на емоции и чувства, нешто што во секојдневието речиси и да го забораваме и кога ќе видам дека функционирало кај поединци или група, се разбира ми преставува голема радост.
Читај Бе: Бидејќи исполнувате изворна музика-за која треба многу спонтаност и духовна широчиња – како го испековте занаетот?
– Не би рекла дека нешто сум печела некаков занает, т.е подобро би рекла дека можеби само бидувањето тоа што сум и бидувањето искрена во работата значи печење на истиот. Сметам дека ова што го работам не се учи во школо, дури и да постоеше мајстор од којшто ќе се учевме, веројатно би било тоа некој кој ја живее или кој знае да живее за традиционалната музика.
Читај Бе: Колку сте поврзана со славниот Демир Хисар ако се земе предвид дека од таму потекнуваат највидните имиња од македонската култура?
– Демир Хисар несомнено отсекогаш е лулка на уметници со генерации уназад и во исто време место со кое сум нераскинливо поврзана. Тоа што сограѓанин ми е Петре М. Андреевски пред се, ме прави да се чувствувам горда. Но, вистинската поврзаност со Демир Хисар е моето детство, комшиите, сите сограѓани, нашиот прекрасен дијалект, сите анегдоти за Демирхисарци, сите мои спомени таму, природата… можам да набројувам до бескрај…
14. Читај Бе: Дали дефектологијата како ваша професија ја оставивте за во некои посмирени времиња или целосно и се предадовте на музиката?
– Во моментов сум целосно предадена и со душа и со тело во и за музиката. Дефектологијата е моја голема љубов и нешто во кое постојано неформално се едуцирам, но не би сакала да размислувам дека во животот ќе треба прва професија да ми биде било што друго освен музика. Би можела споредно да се бавам со повеќе нешта во кои уживам и за кои имам компетенции, но само еден пат ме носи таму кадешто сакам да стигнам, а го знам кој е, само ќе ми треба време да го изодам.
Доброто е што никаде не брзам, уживам во секој чекор, а секој нов чекор е нова глетка на која бескрајно се радувам и благодарам на Бога на секој нов ден поминат низ него.