На 14.12. 2022 година, во изложбениот простор „Магаза“ во Битола, пред јавноста беше презентирана монографијата „30 години меѓународно графичко триенале – Битола“ на авторот Владо Ѓорески. Воедно беше најавено и X меѓународно Графичко триенале – Битола 2022 и отворена самостојната изложба на основачот на оваа значајна ликовна манифестација на Балканот, проф. Трајче Блажевски, добитник на големата награда на IX Графичко триенале – Битола во 2018 година. За триеналето и за монографијата, зборувавме со нејзиниот автор, Владо Ѓорески кое и раководител на триеналето.

319510348 1150348695867738 6685553537988814612 ner

Читај бе: Што е, всушност, меѓународното Графичко триенале – Битола?

Владо: Меѓународното графичко триенале во Битола е, всушност, еден сон. Сон на еден млад човек, кој секој ден со часови чека во ред, за да влезе во Модерната галерија, каде многу оддамна беше поставено, тогаш најголемото и најзначајно графичко биенале во светот – Љубљанското графичко биенале. Упорноста на овој млад човек и неговата катадневна присутност во огромните и исполнети сали на Љубљанското графичко биенале беше забележано од тогашниот претседател на биеналето, г. Богдан Кршич. Овој исклучителен авторитет му пријде на тој млад човек, ја дозна неговата приказна и го вработи како чувар на јапонскиот павиљон. Да, овде, со помош на метафори говорам за моето прво вработување. Ако тогаш тој млад човек бил фасциниран од графиката и гаел кон неа еден вид платонска љубов, гледано од денешна перспектива, после 30 години, слободно можам да кажам дека таа љубов и по толку години, не е избледнета и не исчезнала. Таа сè уште трае, зашто сметам дека самата по себе е вистинска и единствена суштина на животот. Ете, така започна сонот.

vlado goreski rafik bt

Читај бе: Кажете ни нешто за почетоците на меѓународното Графичко триенале – Битола...

Владо: Далечната 1991 г., со мојот тогашен колега г. Љубен Пауноски, самоиницијативно испративме писма до претстедателот на Р. Македонија, г. Киро Глигоров, министерот за култура, проф. Цветан Грозданов, Општина Битола и претседателот на Љубљанското графичко биенале, г. Богдан Кршич. Во нив предложивме создавање на меѓународно графичко триенале во Битола. Идејата беше прифатена од сите институции. Следниот министер за култура на Р. Македонија, г. Ѓунер Исмаил ни даде безрезервна поддршка за создавање на триеналето. Се сеќавам, во тоа време, писмата со апликациите за учество на уметниците ги испраќавме напишани рачно, како љубовни писма, откривајќи ја Битола како островче кое сонува за графичките посланија.

На Првото триенале учествуваа над 50 држави, со што Битола ја доисцрта квадратурата на кругот на европската графичка мапа: на запад беше љубљанското биенале, на север триеналето во Фредикштад (Норвешка), а на исток триеналето во Краков (Полска). Богдан Кршиќ дојде во Битола и со своето доаѓање на новото триенале му даде светски легитимитет и професионално признание.

plakat

Читај бе: Што се случуваше потоа, во какви активности бевте вклучени и каде се најде Битола на графичката карта на Европа?

Владо: Веднаш по првото битолско триенале, благодарение на г. Витолд Скулич, учествував во меѓународното жири во Краков (Полска). Всушност, г. Скулич ме повика за неговиот монументален проект „Интерграфика“. Имаше намера да создаде централна база за сите графичари и за сите графички манифестации во светот. Практично, тој веќе го имаше започнато и во голема мера реализирано тој проект, како столб за спас на творештвото. Битолското графичко триенале беше вклучено во оваа планетарна ренесанса визија, а во списанието „Интерграфика“ вброено во десетте најзначајни во светот.

Untitled 1

Читај бе: Битола, преку меѓународното графичко триенале, практично стана еден од европските центри на графиката, каде графичарите од цел свет имаа можност да ги изложуваат своите дела. Чие присуство, според Вас, во текот на сиве овие години е најзначајно за Графичкото триенале – Битола?

Владо: Сметам дека најзначајна беше посетата на големиот философ, мистик и графичар со сè уште неразгатната творечка повеќеслојност, г. Херма Хеблер – организатор и раководител на триеналето во Фредикштад. Неговото присуство во Битола и разговорите водени со него беа еден вид творечко завештание, тестамент, шаманистичко-визионерски патувања низ минати, сегашни, идни времиња и на определен начин врачување на некаква невидлива, таинствена тапија за опстојувањето на битолското триенале. Навистина, по неговото заминување, сите негови забелешки почнаа со метрономска прецизност да се остваруваат.

10

Читај бе: На што мислите кога го велите ова?

Владо: Видете. По смртта на г. Богдан Кршич, од љубљанското биенале целосно беше исфрлена графиката. Настапи време на монтажа на краткотрајни инсталации и финасиски поткрепени проекти, кои немаа уметнички претензии. Во Краков, пак, како спонзор на триеналето прво се појави некоја германска банка, а потоа таа стана и сопственик на триеналето. Проектот „Интерграфика“, со своите безбројни енциклопедии на живите и на „мртвите“, целосно згасна. Нејзиниот творец, г. Скулич почина, а наместо покана за учество на графичко триенале, се појави повикот на некои осамени творци кои практично викаа – помош.

gtg

Читај бе: Како тогаш графичкото триенале опстана во Битола?

Владо: Благодарение на „изолираноста“ на Битола и на наследството што го остави г. Хеблер, триеналето во Битола продолжи да опстојува. Тивко, незабележливо, без естрадна шареноликост, без непотребен и лажен спектакл, речиси анонимно. Така IX и X триенале беа одбележани со присуство на уметници од над 160 држави, што е раритет во светски рамки, а досегашното присуство од над 5000 автори, на некој начин ја отелотворува идејата на г. Витолд Скулич. Од бројните возвратни писма од уметниците од целиот свет, емотивни, чисти, искрени и пред сè човечки, видлива е љубовта на авторите кон ова битолско творечко опстојување.

u

Читај бе: Што претставуваат за Вас овие графички средби?

Владо: Графичките манифестации се суптилни и специфични. Тие се чувствителни творечки случувања. Тие се дел од Гутенберговата галаксија. И не само тоа, тие постојат сè додека живеат од искрена исповед, сон и верување. Во мигот кога низ нив ќе мине сенката на суетата, снобизмот, алчноста, сурогатот и бласфемијата, некое внатрешно зрачење ги собира нивните одблесоци и светлината и тие исчезнуваат. Тие манифестации се како Ноевата барка, закотвена во љубљанското, краковското, бопалското, канагавското, мастриксовото пристаниште. Ниту едно од нив денес вистински не постои. Го собираат животот на духот и кога ќе ја почувствуваат поплавата на деструкцијата, веднаш, со мајчинска и боженствена грижа исчезнуваат, чувајќи го скапоцениот товар.

grand

Читај бе: Не го спомнавте битолското графичко пристаниште?

Владо: Битолското пристаниште, мирно и скриено е можеби единствениот, веројатно последниот триесетгодишен одмор и сон. Денес, во време на еуфорија по бележење со чипови, во време на банкарскиот триумф врз банкротот на духот и исчезнувањето на вистинското небо, кое го заменивме со неонски виножита, стариот изморен кораб, кој страда од хронична меленхолија, нè има напуштено. Исчезна низ есенскиот хоризонт. Неговата пловидба ќе биде долга, низ предели каде што човекот не бил, на места каде што протоните на творештвото ќе се измешаат со протоните на sвездите и ќе создадат нов човек, нова ѕвезда, нова галаксија, нов Млечен пат. Некаде, пак, на неговата периферија, некоја малечка sвезда ќе грее некој нов свет, како спомен од малата Битола.

Читај бе: Кажете ни збор-два за монографијата „30 години меѓународно графичко триенале – Битола“.

Владо: Оваа книга, всушност и не е монографија. Таа е атлас на кој е мапиран просторот и на кој се исцртани релјефите на човечките духови и творечките височини. Таа е како Магна карта, спомен, сублимирање на триесетгодишно постоење. Во неа е антологиски опфатено времето во кое прецизно се следи процесот како човекот престанува да биде човек и како човекот се претвора во сеќавање. Таа е сведоштво од натоварената, замината барка. Сведоштво дека овде се среќавале сите оние што верувале дека покрај златното теле постои и нешто друго. Дали се тие сè уште меѓу нас? Проценете самите. Во тој контекст, присуството на г. Трајче Блажевски и неговата изложба на овој настан не е случајно. Неговата одисеја низ светот со над тристотини изложби, секако претставува своевидна величенствена мисија. Тој со своите графики успеа визуелно да го оживее нашето вистинско писмо, нашата вистинска азбука – глаголицата. Со помош на тоа писмо можевме пред илјада години да зборуваме за секојдневните пулсирања. Глаголицата е азбука која е единствена во светот. Создадена е за толкување и опишување на сите слоеви од кои е создаден нашиот бескрај. Со неа на нашиот народ му е пренесен sвездениот говор, величественост која го издигнува нашиот живот до светлосните кристали на божествената полифонија.

trajce

Читај бе: Ваша мисла и порака за крај…

Владо: Хм… Низ ова декемвриско небо над Битола, птиците и понатаму ќе го чуваат сонот, кој ги создава крилајта на нивниот лет и оди по трагите на дрвениот, прастар библиски кораб….

Раскажи ми приказна: Професорката Змија Наочарски
Автор: Јордан Николов На професорката Змија Наочарски цело време ѝ студело. Без …
Зошто ги земаме здраво за готово оние кои се секогаш тука за нас?
Во секој од нас има една лоша работа. Секогаш гледаме на она …
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…