Без посветеност, наставникот е само марионета која ја игра својата улога – бесцелно, вели Весна Аврамовска Димитровска, која е одделенски наставник во ОУ „Свети Климент Охридски“ Битола. Наставник кој се бори за своите деца, наставник кој се бори од училишните клупи учениците да излезат полни со знаење, но и со „отворен ум“. Наставник кој посакува деполитизирано образование, ученици кои критички размислуваат и родители кои ќе бидат пример за соработка со наставникот.
Со неа поразговаравме за односот со децата кој треба да го има еден наставник, но и со родителите. Ни ги опиша моментите и емоциите кога треба да се збогува со генерацијата ученици после 5 години, но и како да се стекне доверба кај малите дечиња кои штотуку почнуваат на училиште.
Читај бе: Весна, ти си одделенски наставник веќе 16 години. Во периодов кога образованието станува вистински предизвик, колку е важно за еден наставник да им се посвети на своите ученици?
Весна: Без разлика во кое време живее и кои се условите во кои битува, наставникот има многу одговорна задача во изградувањето на една личност. Тој влегува во животот на детето уште од најмала возраст и носи огромна одговорност како фактор кој остава белег врз него за цел живот.
Доколку наставникот ја игра условно кажано, својата улога совесно, посветено, достоинствено тогаш печатот што ќе го остави врз нив, никогаш нема да избледне. Затоа можам да кажам дека без посветеност, наставникот е само марионета која ја игра својата улога – бесцелно.
Читај бе: Се чини дека првиот впечаток од првото седнување во училишните клупи е најважен. За еден одделенски наставник, на секои 5 години нова генерација деца, нови карактери за учење… Што е најбитно за да се стекне довербата кај децата кои само што седнале во училишните клупи, но и вниманието кај овие ученици за уште од првите моменти да сфатат вистински што значи одењето на училиште?
Весна: Уште од првиот момент, иако учениците се на мала возраст тие веднаш ја чувствуваат или не поврзаноста со својот наставник. Јас умеам да кажам дека „децата на оваа возраст се најдобри психолози“. Тие веднаш препознаваат лажни насмевки, зборови, ставови…
За да ја стекне наставникот нивната доверба треба да биде објективен, рамноправен кон сите, сочувствителен, реален и пред сè исполнет со љубов кон нив. Учениците веднаш ги препознаваат овие карактеристики и откако тоа ќе се случи, наставникот ја има нивната доверба целосно заслужено. Само наставник кој е добро поткован со знаења, кој има своја визија за мисијата која ја извршува, кој ги учи учениците не само на сувопарно стекнување на знаења туку знаења за живот, кој ќе ги научи учениците дека оцените во денешно време не се предуслов за тоа дали некој е паметен или не, кој формира критичко мислење дури од најмала возраст, кој ги учи дa бидат со „отворен ум“ – само тој наставник ќе го поттикне и задржи вниманието кај учениците.
Читај бе: Може ли да ни го откриеш чувството на еден наставник на крајот на учебната година кога се разделува од генерацијата ученици со која поминал 5 години?
Весна: Во тие моменти се јавуваат мешани чувства, исто како и кај родителот кој постојано стрепи за своето дете и си поставува мал милион прашања на преиспитување. Од една страна среќа -бидејќи сте поминале со нив квалитетни моменти исполнети со разни доживувања, учење, смеа игра, па и плач, но и тага – бидејќи секојдневието со нив ќе го нема, страв – во која насока ќе заминат нивните животи и за крај – дали ќе станат пред сè луѓе, луѓе со интегритет, достоинство и дали ќе ги паметат и применат моите учења и зборови во текот на животот.
Читај бе: Ти имаше еден голем предизвик кога во твоето одделение имаше деца кои беа дијабетичари. Се чини дека твојата гласност за ова допре до сите деца, родители, наставници и директори, дека наставникот ја има и таа одговорност – да внимава и на здравјето на децата. Може ли да ни кажеш каков импакт имаше тоа врз твојот став како наставник?
Весна: Таа ситуација имаше мошне голем импакт врз мене пред сè како човек, па како мајка и секако како наставник кој беше оставен да се справи сам со тој предизвик во училницата. Единствена помош ми беа учениците и поддршката на родителите на останатите ученици во одделението кои имаа крајно разбирање и трпение за целата ситуација. Сметам дека бев доволно гласна и отворено зборував за ситуациите во кои може да се најде еден наставник и се надевам дека мојот глас допре до поголемиот дел од луѓето, институциите…
Поголемиот дел од луѓето ја сфатија пораката која беше испратена и како протестна нота преку едукативниот филм, но имаше и такви зли коментари кои критикуваа дека сум зела преголема одговорност како наставник и дека тоа не е во рамките на професијата. Но, тоа беше во рамката на моето битие, па така и повторно да се најдам во истата ситуација, повторно истото би го направила.
Читај бе: Можеби звучи неблагодарно, но може ли да ни направиш споредба за наставниците пред 30 години и сегашните? Дали учениците сè уште ја имаат таа почит кон своите наставници?
Весна: Во текот на моето школување сум имала добри примери за наставници, но и такви искуства кои останале во лошо сеќавање. Но, сепак и од лошите искуства можеме да научиме па така изградувајќи се како наставник во мојата кариера, имам јасна слика за тоа каков наставник сум и сакам да бидам и каков не треба да бидам. Сепак, во денешно време неминовно е подигање на критериумите за наставник и подигнување на свеста дека титулата – наставникот треба да е достижна само за оние личности кои пред сè имаат интегритет и кои се етаблирани во едно посакувано, здраво општество како вистински комплетни личности, а не квази – учители. Во однос на почитта кон наставниците, мојот став е следниот: „Почитта се заслужува, не се наметнува!“
Читај бе: Според тебе, што го прави еден наставник успешен во она што го прави?
Весна: Според мене успешен наставник е оној кој умее да го пренесе своето знаење на своите ученици, кој ќе остави свој печат врз нивните животи, кој ќе воспитува и образува личности кои ќе бидат предводници на едно здраво општество во кое на највисоко место ќе бидат поставени моралните и етичките вредности на човекот. Наставник кој по многу години ќе ги види своите ученици како прераснале во среќни и исполнети луѓе.
Читај бе: Како ти се справуваш со предизвиците кои ги носи самата професија и работата со деца?
Весна: Во моето досегашно искуство сум се соочила со многу предизвици кои ги носи оваа професија, но сметам дека големината на наставникот е во справувањето со тие предизвици. Се трудам ситуациите кои се наметнуваат да ги гледам со „отворен ум“ и од сите аспекти. Ако на тоа ја додадеме емпатијата и љубовта кон учениците и работата, тогаш тие предизвици полесно се надминуваат.
Читај бе: Каков треба да биде односот особено кон овие деца до петто одделение? Строг или другарски?
Весна: Да бидам искрена јас не верувам во таква класификација на односите – другарски или строг. Верувам во една здрава поврзаност меѓу учениците и наставникот која се гради со доверба, љубов, почит, емпатија…
Читај бе: Каков е односот со родителите? Какви се досега повратните реакции од родителите до тебе?
Весна: Односот на родителите и наставникот треба да е заснован на една здрава комуникација, комуникација исполнета со доверба, искреност. Доколку овие две суштински работи не постојат во овој однос, рамнотежата се нарушува, а како оштетена страна се јавува ученикот. Неминовно е оваа врска да биде високо функционална, за ученикот правилно да се развива, насочува и тежнее кон вистински вредности во неговиот живот.
Сум имала чест во текот на моето работно искуство да сретнам во голем број, прекрасни личности како родители, личности кои и ден денес ми оставаат позитивни чувства кога и да се сретнам и да помислам на нив. Голем дел од нив, подоцна во животот, прераснале и во вистински пријателства. Но, има и такви кои оставиле горчливо чувство точно поради фактот што не умееле да го ценат цел труд кој сте го дале. Сепак, среќна сум што тие се бројат на една рака.
Читај бе: Што е она што ти би сакала да се промени во образованието, и тоа сега во моментот?
Весна: Би сакала деполитизирано образование, образование ослободено од прангите на стигмата на политиката, образование во кое наставникот ќе биде еквивалент на достоинството, доблеста, мудроста, знаењето. Образование во кое учениците ќе научат критички и објективно да размислувааат, во кое ќе учат за да добијат знаење, вештини и мудрост, а не оцени. Родители кои ќе правилно ќе ги насочуваат своите деца, ќе бидат добар пример за соработка со наставникот и ќе се трудат да ги објективизираат своите амбиции и желби насочени кон иднината на своите деца.