dlub naslvna

Единствениот синоним што ми текнува во моментов за уметност е животот. Апстрактна, фреквентна, Донкихотовска, духовна, романтичарска, Кафкаистичка, експресионистичка тензија. Како некој – кому пишувањето му е израз, а милува да „падне“ во контемплација со помош на ликовната и музичка уметност, во најмала рака за да внесе освежување во секојдневната инспиративна бајатост.

Битно е сликата да живее, да има една сила, една експресија.Ако една слика не живее, тогаш таа слика не е вредна.Секоја слика треба да биде интелектуално творештво. А интелектуалното творештво е слика којашто носи зрели интелектуални познавања, доживувања. Ако сликата нема такви решенија, тогаш сликата е една обична декоративна површина којашто може да игра улога за најобични гледачи. Една декорација со никакви вредности – Борислав Траиковски.

Во тек е Годишната изложба на ДЛУБ во Културно информативниот центар – Битола (Офицерски дом). Факт е дека Битола е место од каде проникнува еден оригинален уметнички дискурс – кој им пркоси на сиот инстант синкретизам, особено оној со кој е преплавен Балканот. Годиниве наназад интензитетот е послаб, но постои, полека се појавуваат нови, млади, па и повозрасни луѓе, но ја негуваат беспоштедно нивната духовна страна – и така продолжуваме да се вртиме околу Сонцето.

Васко Ѓоргиев е претседател на ДЛУБ. Читај бе ја посети изложбата – уште еден доказ дека кога ќе се спои индивидуалноста на едно место се создава микросвет.

dlub 7

Кој е Васко Ѓоргиев?

Васко е роден на ден пред Василица 1983 г. во Гевгелија, од родители припадници на работничката класа со ниско образование и со голема љубов кон книгата и пишаниот збор. Од мал заљубен во цртежот, музиката, телевизијата и приказните на Марко Цепенков. Завршува во ДСУПУ „Лазар Личеновски“ Скопје отсек вајарство, во класата на Ангел Нацевски од кого ја стекнува љубовта кон овој занает. Веднаш потоа илегално заминува Италија каде во наредните 10 години престојува, работи и студира меѓу Милано и Џенова. Студира вајарство на АЛБА (Лигурска Академија за Фини Уметности) во Џенова, во класата на Масимо Ќјапета – скулптор, музеограф и интелектуалец. Под неговото менторството се запознава со делата и огромната мислата на уметниците од ХХ и почетокот на ХХI век. Дипломира со почести на тема „Постаментот во вајарството“. Во 2012 се враќа во родната земја кога активно зема учество во возобнувувањето на Бигорскиот манастирски комплекс на покана на м-р и ликовен уметник Горан Боев. Овде се запознава со иконографските техники и уметноста на иконата. Од 2016 се заљубува во Битола, а потоа и во својата сопруга Елена м-р и проф. по пијано во ДМУ Битола. Тогаш одлучува да го продолжи својот живот во градот на конзулите, уметниците и светците.

dlub 10

Како се разликуваат македонските ликовни уметници од другите?

Прашање кое бара длабока анализа и познавање, за кое би било подобро да одговорат историчари и критичари на уметност. Историската позадина, поднебјето, личното искуство, образовние и труд, нормално претставуваат примарни фактори кои ги одредуваат разликите, но во процесот на глобализација и информативна презаситеност, тие разлики сѐ почесто се израмнуваат и исчезнуваат. Денес можеби единствената разлика е финансиското вложување во делото од која најчесто зависи финалниот резултат и целокупниот импакт. Во однос на идејно-креативниот процес мислам дека не заостануваме воопшто и секогаш сме во тек со актуелните уметнички правци и случувања, за што сведочат и успесите на нашите уметници на меѓународни претставувања.

dlub

Како се перцепира ликовната уметност во Битола наспроти Македонија?

Мислам дека во Битола отсекогаш владее позитивна уметничка клима и тоа се гледа по бројот на активни уметници, уметнички атељеа и школи, културни настани и случувања на национално и меѓународно ниво, како и големиот број посетители на истите. Битола има огромна традиција во областа на фотографијата, иконографијата, сликарството и графиката и тоа нормално влијае врз делата на сегашните уметници. Во последните години ситуацијата во областа на културно-уметничките настани се подобрува сѐ повеќе и во останатите градови, нормално со исклучок на главниот град кој секогаш предничи.

Како е прифатен новиот бран на визуелни уметници?

ДЛУБ е отворен кон секое уметничко изразување со историско-теоретска тежина и кое провоцира дијалог со публиката. Тоа е и една од основните задачи на Друштвото, односно претставување нови гледишта кон разните општествени предизвици и искажување на сегашната човекова состојба во светот. Тематика е секогаш насочена кон актуелноста иако начините на изразуање често се со т.н. традицонални техники. Тоа е заради одржување на оригиналноста, односно навраќање кон изворноста на прашањата за творештвото воопшто и бидејќи во себе содржат голема симболика потребени во креативноста. Иновативноста, виртуозноста и сл. се следат со внимание, бидејќи ако не се дел од продлабочен истражувачки процес претставуваат само површински ефекти кои лесно можат да нанесат штета не само на делото туку и на самиот уметник, а со тоа и општа штета во културниот развој на едно општество. Еден од највлијателните уметници на ХХ век Марсел Дишан живеел секојдневно со своите ready-made пред да ги изложи. Климт се навраќал на своите дела после години и неговиот опус е околу 200 дела. Бранкузи создал околу 20 дела со тематики кои ги обработува целиот свој живот. Џакомети од својата 40-та година работи само со модел во контраст на сите модерни стилови и истражувања итн. Мислам дека кога уметникот е воден од искрена љубопитнст секогаш се раѓа успешно дело. Тоа е всушност и неговиот пат, освен интелектуалното, рационалното да го внесе и тој таинствен метафизички, духовен дел на кој не може да одговори ни самиот. На тој начин внесува иновативност, односно нов начин на изразување и претствување на исконските прашања.

dlub 4
dlub sliki 2
meblo trejd cesmi во crni

Што значи да се биде претседател на ДЛУБ?

Голема е честа да се биде дел од Друштво со педесетогодишна историја низ кое поминале многубројни уметници кои оформиле уште толку и оставиле белег низ македонскатата и меѓународната уметничка сцена. Претседателот мора да има слух за секого. Тој истовремено е раководител и слуга на сите и мора да ги надминува своите лични претпоставки, а сите внатрешни различности и спротивности да ги насочува за материјално и духовно надградување на Друштвото. Јас сум благодарен на секој претходник кој направил сѐ што можел во одреден период и успеал да го оддржи Друштвото досега и создал услови за полесно функционирање. За мене лично, ДЛУБ претставува една заедница на луѓе кои имаат една иста цел – љубовта кон уметноста. Наша должност е тој е жар да се одржува и пренесува.

dlub 5

Кој е најголемиот предизвик на ДЛУБ?

Секое време носи различни предизвици. Од материјална страна најголемите предизвици за една непрофитна, независна инепартиска организаиција се финансиите. Министерството за култура и општината помагаат и секогаш излегуваат во пресрет, но ДЛУБ веќе е една органзација која брои повеќе од седумдесет члена кои се разликуваат на многу начини. Тој број постојано се зголемува и новите начини на изразувања ја раѓаат потребата за посериозни простории и финансии. Целата работа што се врши во Друштвото е доброволна и тоа често влијае на активностите на Друштвото. И покрај тоа успеваме со минимални средства и голема пожртвуваност да направиме 4 групни изложби на годишно ниво, неколку самостојни и да поддржуваме и учествуваме на разни настани. Јас сум многу благодарен на помошта од уметничкиот совет, одредени членови и претходни претседатели, како и на сите љубители и поддржувачи кога треба да се оддржи некој настан. Од голема помош оваа година ни е соработката со Офицерскиот дом сегашен КИЦ посебно во оргазирањето на поголемите настани. Од уметничка страна пак, се соочуваме со истите проблеми и предизвици со кои се соочува уметничкиот свет на глобално ниво и човештвото воопшто. Влијанието на технолошкиот и научниот напредок врз човекот и околината, глобалните геополитики и мас-медиумските пропаганди се неминовни фактори во создавањето на сегашната уметност. Во еден цитат од првата половина на ХХ век Ханс (Жан) Арп вели: Наскоро тишината ќе премине во легенда. Човекот и сврти грб на тишината. Ден по ден создава машини и апарати кои ја зголемуваат бучавата и го одвлекуваат вниаманието на човештвото од суштината на животот, контемплацијата, медитацијата. Дебатата помеѓу производството и творештвото е постојана, бидејќи има спротивни цели и потреби. Уметничкото творештвото создава рамнотежа помеѓу внатрешниот и надворешниот свет, помеѓу човекот и околината. Потребата да се создава е вродена човечка особина, но изборот и начинот за што и како таа ќе се употреби лична.

dlub sliki 3

Што претставува една изложба?

Секоја изложба носи со себе различна тежина и бара голема координација на повеќе луѓе и нивоа, а често и брзи и непредвидени одлуки. На годишната изложба на ДЛУБ за 2023 година се претставени дела од 35 уметници од повеќе градови. Тоа е една концептуална градба која обединува стилски, технички, тематски и генерациски разлики. Ваквите изложби се најголемиот промотор за дијалог и размена на идеи меѓу членовите и останатите гости, додека пак наградите се мотивација и поттик за понатамшна работа. Воедно се анализира и правецот кој го трасира Друштвото и неговиот однос кон актуелните прашања во уметноста и поврзаноста со сопствената традиција. Често се поставува прашањето дали е потребно да се изложува денес кога секој уметник има сопствен онлајн профил каде може да се видат неговите дела. Ако наместо за изложба истото прашање би го поставиле за еден концерт, музеј, археолошки локалитет, туристичка атракција и место, итн. одговорот е јасен. Личната средба со делото е неповторливо и најдиректно доживување и искуство. Одењето на изложба (како и на останатите културни настани) е едно патешествие кое го облагородува и збогатува посетителот. Уметничкото дело не припаѓа на уметникот. Тоа е дар кон другиот и само тогаш ја остварува својата смисла.

meblo trejd mialnik
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…