5 Октомври – денот посветен на една од најблагодарните професии од почетокот на човештвото. Овој ден е посветен на учителите, наставниците, воспитувачите, професорите и нивната мисија покрај сите предизвици со кои се соочуваат да ги изградат децата, нашата иднина, во индивидуи со свој став, со знаење, изградени морални вредности, доблести и почит.
На овој ден им оддаваме почит и признание на сите оние кои во нашиот живот оставиле печат и нé изградиле во она што сме денес.
Не е тешко да се препознае наставник кој ревносно се бори за својата професија и за своите ученици. Тоа често се препознава и се наградува. Токму награда за својата посветеност во професијата доби наставничката по физика во ОУ „Даме Груев“ Битола, Валентина Степаноовска Андонова. Таа го доби признанието за Просветен работник на годината за учебната 2022/2023 во категоријата предметен наставник кое го доделува Сојузот на просветни работници.
Тоа беше причината да поразговараме со неа за признанието, за професијата наставник, колку се почитува, за односот кон учениците и што е она што треба да се подобри во образованието.
Читај бе: Валентина, што значи ова признание за тебе? Каков мотив ќе биде за понатаму?
Валентина: Признанието ми значи многу, бидејќи е показател и потврда на мојата посветеност кон професијата, бројните награди стекнати на републичко и меѓународно ниво како ментор, како и учеството на: обуки, конференции, манифестации, постоечко авторство на стручни статии како важен дел од мојот професионален развој. Самото признание додатно ќе ме мотивира да продолжам со моите амбиции, односно ме обврзува да докажам дека го заслужувам.
Читај бе: 5 Октомври е денот кој цел свет го посветува на една од најблагодарните професии во едно општество, а тоа е Денот на учителот. Да се биде учител, наставник, професор е професија која бара многу одрекување, но и многу убаво чувство кога наставникот ги гледа успесите на своите ученици. Која е твојата порака на овој ден, до колегите, родителите и учениците?
Валентина: Самата професија наставник, станува сé помалку атрактивна, но за себе знам дека за ништо не би ја заменила. Скапоцено е сопственото чувство на сатисфакција, гледајќи ја радоста што зрачи од детските лица, посебно после секој успешен натпревар. Верувам дека сé што ќе научат, ќе остане нивно богатство, што никој не може да им го одземе. Бидејќи, ние, наставниците ја имаме најблагородната професија, сите достоинствено треба да го вреднуваат нашиот труд, затоа што едноставно тоа го заслужуваме.
Читај бе: Ти си наставник по физика. Како успеваш да им ја доближиш оваа природна наука на учениците за да ја засакаат, да немаат одбивност кон неа?
Валентина: Пред сé, секогаш пристапувам со емпатија и исклучиво позитивен став спрема учениците. Со задоволство физиката им ја доближувам на нивната возраст, потенцирајќи ги придобивките од неа во нашето секојдневие. Впрочем, кога со љубов го работиш она што отсекогаш си го посакувал, не е тешко да се постигне целта.
Читај бе: Во периодов кога образованието станува вистински предизвик, колку е битно за еден наставник да им се посвети вистински на своите ученици? И дали е возможно тоа?
Валентина: Од личен аспект, да, посветена сум на своите ученици. Истото го мислам и за своите колеги. Не дека тоа мораме да го правиме, туку вистински го сакаме. Не е важен периодот во кој работиме – важно е секогаш да постои меѓусебно разбирање.
Читај бе: Можеби звучи неблагодарно, но може ли да ни направиш споредба за наставниците пред 30 години и сегашните? Дали учениците сé уште ја имаат таа почит кон своите наставници?
Валентина: Наставниците пред 30 години беа авторитетни, почитувани, а професијата наставник беше високо вреднувана. Тие со својата појава влеваа стравопочит, тоа можам да го потврдам како тогашен ученик. Со текот на времето, за жал сметам дека е настаната девалвација на наставничкиот позив, а за тоа постојат многу причини. Да, сметам дека учениците имаат основна почит спрема наставникот, но според мене, треба да има тенденција таа да се зголеми.
Читај бе: Според тебе, што го прави еден наставник успешен во она што го прави?
Валентина: Кај секој успешен наставник постои бескраен ентузијазам, доколку самата професија се работи со љубов и амбиција. Треба да се биде ментор во права смисла на зборот со давање на конкретни насоки, односно правилно насочување за да може на секој ученик да му се помогне за самиот да си го истрасира својот животен пат.
Читај бе: Каков треба да биде односот кон учениците? Строг или другарски?
Валентина: Секој ученик е своја индивидуа, со своја приказна. Границата треба да ја постави самиот наставник, но без таа да биде нагласена и секогаш спомнувана. Според мене, односот кон учениците треба да е малку строг, а повеќе другарски. Тие знаат дека секогаш можат да сметаат на моите совети.
Читај бе: Колку е променето образованието од твоите почетоци и сега?
Валентина: Па, образованието има претрпено многу промени. На пример, порано немавме достапни информации во секое време, за разлика од сега што ги имаме премногу. Секако, развојот на информатичката технологија овозможува и поинаков пристап во поглед на организација на часот. Потоа, промени од типот на воведување на различни проекти, чести промени во наставниот план и програма по предмети…
Читај бе: Што е она што ти би сакала да се промени во образованието?
Валентина: Пред сé, да не се занимаваме со „административна работа“, која одзема енергија и време. Пред да се размислува за воведување на некоја нова програма, проект и слично, претходно да бидеме консултирани ние наставниците за тоа колку е неопходно тоа и дали ќе постои соодветна имплементација на истите. Да се разгледа можноста дали ќе биде зголемен фокусот на внимание на учениците и на кој начин би имало импакт врз нивните сфаќања и ставови. Пред сé, да се вреднува нашето мислење, а не само да ни биде наложено дека треба само да спроведуваме. Да сме уважени и испочитувани, бидејќи „образованието е најмоќното оружје што може да се употреби за да се промени светот“.