Еден поинаков звук, поинаков албум кој интригира. Токму тоа го понуди Стефанија Милевска Враниќ со својот нов, втор по ред студиски албум кој е насловен „Девојчето со долгата коса“. Тоа всушност е Стефанија, малото девојче кое од дете расте и се развива на сцена, се пронаоѓа, прераснува во свесна личност, повторно се враќа на основните и суштински детски потреби, односно вистинските вредности како хуманост, љубов и среќа. Се открива себеси како единка која се наоѓа на ова македонско тло, носејќи ги со себе менталитетот и културата кои влијаат врз градењето на една личност. Албумот е како една автобиографска музичка приказна која пренесува пораки и сите песни се поврзани една со друга.
Стефанија е музички артист, дипломиран музиколог по поп и џез пеење, а моментално посетува Магистерски студии на филмската академија УГД Штип, отсек методологија и педагогија на современ танц.
За да ја откриеме инспирацијата за нејзиниот нов албум, поразговараме за Стефанија која ни ги откри нејзините мотиви и пораки на албумот.
Читај бе: Стефанија, го промовираше твојот втор студиски албум. Кажи ни колку долго време го подготвуваше? За каков албум се работи?
Стефанија: Овој албум ми е доста значаен, затоа што целосно го пренесува процесот на моето освестување. Албумот е како една автобиографска музичка приказна која пренесува пораки и сите песни се поврзани една со друга. Стилот на албумот е современ синт поп со етно-џез примеси. Оваа година беше целосно посветена на неговото создавање, за на крајот да биде крунисана со негова промоција.
Читај бе: Колку време се твореа песните кои се најдоа на албумот? Дали сите се со твој потпис?
Стефанија: Нишката на албумот започна да се проткајува пред 8 години, кога беше награден текстот за „Девојчето со долгата коса“ и објавен во книга на група автори, за потоа да се создадат демо верзии на песните за истоимениот соло перформанс, кој го изведував во 2017-та година. За оваа година да се направи нов микс на истите песни и да добие форма музички албум.
Музиката и текстовите на албумот се целосно мое дело, аранжман прави Петар Димитровски, а микс и мастеринг Владимир Аговски. Гости на албумот се Владимир Враниќ на гитара и Владимир Николиќ на труба. Песните се снимани во моето музичко студио Welcome to Stefanija’s Music World.
Читај бе: Името на албумот е „Девојчето со долга коса“. Зошто токму ваков наслов?
Стефанија: „Девојчето со долгата коса“ е всушност малото девојче Стефанија, кое од дете расте и се развива на сцена, се пронаоѓа, прераснува во свесна личност, повторно се враќа на основните и суштински детски потреби, односно вистинските вредности како хуманост, љубов и среќа. Се открива себеси како единка која се наоѓа на ова македонско тло, носејќи ги со себе менталитетот и културата кои влијаат врз градењето на една личност. Овој наслов неслучајно е одбран затоа што токму по таа долга коса сум препознатлива, изведувајќи како артист на сцена сите овие години.
Читај бе: Која е симболиката и пораката која ја испраќаш преку песните? Кои теми ги опфаќаат?
Стефанија: Редоследот на песните „Бегаш“, „По патот на светлината“, „Да раширам кирлја“ , „Едно моме“ и „После дождот доаѓа сонце“, ги пренесува сите емотивни состојби во кои поминував во целиот процес на себеосвестување, сите падови и возвишувања се пренесени преку текстовите на песните. Акцентот е ставен на детето што постои во секој човек, постојано да го будиме, да му даваме духовна храна, за тоа да не води преку нашата душа и срце, да го реализираме тоа што вистински го сакаме од животот. Кога човек ќе се открие себеси, верувајќи во себе и во Творецот, на позитивен начин може да влијае и на колективната свест пренесувајќи ја таа боженствена љубов и среќа. Последната и најдолга песна „Девојчето со долгата коса“ е всушност нарацијата во форма на говор врз инструментална музика од пијано и гитара, која ја раскажува приказната за целиот албум.
Читај бе: Излезе и првиот видео запис од албумот за песната „Едно моме“. Еден малку поинаков звук на музичката сцена. Какви се досегашните реакции за оваа песна?
Стефанија: Идејата на „Едно моме“ е да се пренесе поврзаноста со природата, инспирацијата која ја добиваме ние како битолчани од Пелистерските убавини, а истовремено се прави паралела на тоа моментално чувство на хармонија и внатрешен мир на девојчето кое прераснува во возрасна личност, која знае што сака. Досегашните реакции се многу позитивни и ја постигнуваат целта која сакав да ја пренесам. Затоа и монтажата на видеото е моја, за да можам целосно да ја пренесам мојата порака. Видеото го снима Владимир Бошковски на „Диховските капејнци“.
Читај бе: Колку овој албум те дефинира тебе како сестран уметник?
Стефанија: Овој албум целосно ме дефинира мене, како комплетен артист, кој своите пораки ги пренесува аудио-визуелно, преку кохезија на музика, текст, пеење и танц. Стилски успешно се поентира и она што најдобро ме опишува мене како музички изведувач.
Читај бе: Колку е битна синхронизацијата меѓу танцот и музиката? Во видео записот за „Едно моме“ таа синергија може да се забележи…
Стефанија: Танцот е говор на телото со кој можат да се пренесуваат емоции и чувства. Тој спој на музиката и танцот, ја доловува и мојата интеграција на музичката и танцова терапија, која сметам дека има исцелителна моќ. Во „Едно моме“ има спој на водата како елемент, танцот и музиката. Водата ја мие душата, прави спој со нематеријалното, невидливото, танцот ја раздвижува енергијата, за музиката да допре длабоко во срцето.
Читај бе: Кога ги пишуваше песните, што беше она што ти беше главна инспирација?
Стефанија: Мојата инспирација беше духовноста која ја добиваме како Божји подарок, за да можеме да навлеземе длабоко во себе, да ги извадиме катанците кои ни ги создал животот околу нашата душа и да ги рашириме крилјата кои ни се згрижени кај нашиот ангел чувар. Што се носи со себе една единка како информација, која има македонски корени, што се е потребно да го активира тој код? Сите тие прашања беа иницијација во секоја од песните, а покрај текстовите тој етно мелос може да е забележи во самата музика. Важноста да го негуваме детето во себе и да го слушаме тој внатрешен глас.
Читај бе: Каква е критиката за албумот и пошироко во регионот каде што имаше можност да го промовираш?
Стефанија: За албумот добив и пишувани рецензии, со кои темелно се анализираше значењето на песните, што мене ме направи многу среќна што веќе имам одговори како реакција на целата информација која ја споделив. За време на промоциите добив голема поддршка заради специфичниот пристап кој отвора подлабоки теми и е поразличен од површноста која се пропагандира. Многу сум благодарна за зракот светлина кој се испрати со овој албум и се надевам дека ќе огрее многу срца.
Читај бе: Колку овој албум е поразличен или сличен од првиот?
Стефанија: Двата албуми стилски се доста различни, но со оглед на тоа што промоцијата на првиот албум беше изведувана на знаковен јазик од лица со оштетен слух, јас сепак и со него пренесував пораки за свесност. Секој албум е карактеристика за своето време, првиот албум го одбележа повеќе детско – тинејџерскиот период, а вториот албум е посветен за периодот кој следува се до денес.