Ставре Јада од Крушево има само 25 години, но веќе е професионалец во нордиското скијање. Тренира нордиско скијање веќе 12 години и е студент на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Скопје. Ставре се бори да го достигне својот сон и напорно спортува, пешачи, вози велосипед, следи фудбал и нордиски натпревари, со цел да остави печат во својата кариера со позначаен резултат на нордиските натпревари на европско ниво.
Првенецот во нордиско скијање може да се пофали со учество на Зимската Олимпијада одржана во Јужна Кореја во 2018-та година и во Пекинг, Кина во 2022-та година. Добитник е на повеќе награди кои говорат за неговите таленти на ова поле и тоа: трето место на Европски младински куп во Словачка во 2017-та година, второ место на Европски куп во Словачка во 2019-та година, 20-то место од вкупно стотина тркачи, во Франција во 2022-та година, а тој е и победник на повеќе летни ролер-ски трки на Балканот. Ставре Јада, во интервјуто за Читај бе, ни открива голем дел од својот професионален живот и кариера и ни го претставува светот на еден нордиски скијач.
Читај бе: Ставре, со оглед на тоа што си долгогодишен нордиски скијач можеш ли накратко на читателите да им го доловош терминот ,,нордиско скијање”?
Ставре: Терминот ,,Нордиско Скијање” е популарна верзија на скијање кој содржи неколку дисциплини и тоа: спринт, дистанца, маратон, штафета, a често се нарекува скијачко трчање и од тука станува јасно дека нешто е поврзано со трчање, односно трчање на скии на рамни, стрмни и нагорни површини покриени со снег.
Читај бе: Читај бе: Каков спорт е нордиското трчање и какви навики, односно обврски имаат нордиските тркачи кон овој спорт?
Ставре: Нордиското трчање спаѓа во најтешките аеробни спортови, a може да се каже дека е и најтешкиот. Овој спорт за секој спортист што се бави со нордиско скијање е индивидуален спорт, тука секој си тренира за себе и секој ќе биде добар онолку колку што вложил труд во тренинзите. Обврските кон овај спорт се рано станување наутро, излегување надвор на вежби, главен долг тренинг, а потоа следува одмор од 4-5 часа, додека пак во попладневните часови повторно следува тренинг. Како што и напоменав овој спорт е спорт кој бара голема издржливост во тренинзите и жртва, односно одрекување од многу работи за да се постигне резултат.
Читај бе: Како започна да се занимаваш со овој спорт?
Ставре: Со овој спорт започнав да се бавам во 2012 година. Го следев пред малите телевизиски екрани и ми се роди некоја желба, но поседував и некои мали предзнаења и техники.
Читај бе: Како би ни ги опишал трките и подготвителниот процес за тие трки?
Ставре: Па, кога сум кај трките, има трки на различни дистанци и тоа: 1.6км спринт, 10км дистанца, 15км дистанца и 50км маратон. Секоја трка си има своја тежина, секоја трка е различна, различна местоположба, надморска висина, како и тежина на самата патека каде што се одвива трката. Тоа се сите фактори кои влијаат на една трка. Кога сум кај подготвителниот период започнувам со тренинзи од април месец па се така до ноември. Првите трки се крајот на ноември месец, летниот период правам исклучително долги, базични тренинзи со времетраење од три до четири часа секојдневно. Еден месец пред трките го спуштам нивото на тренингот на околу два часа наутро и од еден до два часа попладне со цел организмот да биде подготвен и функционален за трките.
Читај бе: На какви скијачки трки си учествувал и кој ти бил најдобриот резултат кој си го постигнал?
Ставре: Претежно учествувам на трки со должина од 10, 15км за овие трки сум најспремен, но сум зел учество на Зимската Олимпијада во Пекинг и на 30км трката каде што целта ми беше да ја завршам со помал заостаток од 20 мин. и успеав во тоа. Кога сме кај најдобриот резултат тука би го издвоил 20-тото место во Франција, минатата 2022 година на трка од 10км во планинскиот предел Бесанс во конкуренција од 100 нордиски скијачи од (Франција, Австрија, Италија, Германија, Швајцарија).
Читај бе: Колку нордиски скијачи имаме во Македонија?
Ставре: Па, во моментов во Македонија, во машка и женска конкуренција имаме околу 8-10 нордиски скијачи кои се повозрасни, додека исто така има и голем интерес кај младата популација.
Читај бе: Какви се условите за тренирање на овој спорт во нашата дражава?
Ставре: Во нашата држава би го издвоил само Крушево и Маврово како места за тренирање во летен период, така и за тренирање во зимски период. Сепак ги немаме оние најдобрите услови како што се во соседните балкански држави.
Читај бе: Kои се придобивките на еден нордиски тркач и колку е ценет овој спорт на нашите простори во споредба со странските земји?
Ставре: Придобивките на еден нордиски скијач можат да бидат доста големи доколку има добри и видливи резултати. Кај нас, во нашата држава не би рекол дека не е ценет спортот, но не би рекол ни дека е ценет, затоа што треба уште многу за да биде ценет онака како што е потребно. Има земји кај кои овој спорт е број еден, се развива и се поддржува, а кај нас за жал има на ранг листата други спортови кои се поценети, и ако нордиското скијање во Македонија има учесници на Зимски Олимпијади секој олимписки циклус.
Читај бе: Дали би можел да ни откриеш за што се подготвуваш моментално и кој ќе биде твојот следен значаен чекор?
Ставре: Моментално се подготвувам за претстојната летна сезона каде што ќе имам околу 10 летни ролер ски трки, но сепак фокусот би го ставил на зимата. Не би можел да кажам сега точно кој ќе биде мојот следен значаен чекор затоа што сѐ уште не е излезен календарот на трки за зимскиот период, но тренирам напорно и мислам дека оваа зима ќе имам значителни резултати.
Читај бе: Која е твојата најголема желба, односно каде се гледаш себе си понатаму, кога е во прашање нордиското скијање?
Ставре: Понатаму минувајќи низ овој спорт сакам да продолжам да сум нордиски скијач се додека годините ми го дозволуваат тоа, а во далечна иднина би сакал да продолжам со овај спорт, но од другата страна, односно на тренерска позиција. Сѐ уште не сум размислувал многу за тренерска позиција затоа што имам пред мене уште многу работа како натпреварувач.