Нешто што најпрво започна како секојдневен потсетник за себе, прерасна во книга-прирачник наменета за сите родители кои сакаат да го подобрат својот однос кон децата, комуникацијата со нив, но и да им овозможи здрав и правилен развој на децата. „Разбуди го родителот во себе“ е книга од која може да учат сите сегашни и идни родители, баби и дедовци, воспитувачи, негуватели, наставници, сите кои имаат секојдневен контакт со деца и се грижат за деца.
Автор на книгата е Соња Китановска-Кимовска, родена битолчанка која живее во Скопје со своето семејство. Таа е долгогодишен преведувач, а од 2010 година предава на Катедрата за преведување и толкување при УКИМ по предметите англиски јазик и преведување од англиски на македонски јазик. Има објавено повеќе научни и стручни трудови од областа на преведувањето, една книга од областа на англиската лингвистика и една монографија од областа на преведувањето. Во последните години активно ја проучува детската психологија и родителството и има завршено неколку курсеви од овие области. Соња е сопруга и мајка на три малолетни деца.
Поразговаравме со Соња за мотивот за пишувањето на оваа книга-прирачник, каде се најчестите грешки на родителите, како родителите да се справат со технологијата во детското секојдневие…
Читај бе: Соња, најнапред, како мајка на три деца, како започна со истражување на детската психологија и родителството?
Соња: Психологијата отсекогаш ме интересирала и повремено сум читала популарна психологија, но никогаш не сум се задлабочила доволно сериозно во таа област затоа што професијата ме однесе во друг правец. Кога станав мајка и кога почнав да се соочувам со одредени тешкотии во комуникацијата со децата, почнав да читам книги за родители, прво со научно-популарна содржина, подоцна преминав на стручна литература, а посетував и курсеви за детска психологија и детски развој од реномирани светски универзитети. Колку повеќе читав и ги применував сознанијата во секојдневниот живот со децата, толку повеќе се мотивирав да продолжам со читање. Сфатив дека сум се впуштила во родителството без никаква претходна подготовка и дека постапувам како што ме води „автопилотот“ во мене, односно постапувам како што несвесно сум научила од околината, а тоа не дава секогаш добри резултати. Тоа беше освестување и поттик да се задлабочам повеќе во полето на детската психологија и воспитните методи за подобро да ги разберам децата и да воспоставам подобар однос со нив, а при тоа и да си ја олеснам работата како родител.
Читај бе: Кој беше мотивот да ја напишеш книгата „Разбуди го родителот во себе“? За кого е наменета?
Соња: Книгата настана многу спонтано кога тргнав да си го систематизирам цело ново знаење што го стекнав во последните неколку години. Целта беше да ги соберам на едно место сите сознанија, совети и техники што сметав дека може да ми бидат корисни во воспитувањето на децата. Најголем мотив беше тоа што некои од нив веќе ги имав испробано и се уверив дека функционираат, па сакав да си го зголемам „репертоарот“ и соодветно да ја проширам примената во секојдневните ситуации со децата. Бев свесна дека не е доволно само да се знае нештото, туку треба многу свесност, вежбање и упорност за да се усвои до степен да може да се примени токму во моментот кога ми треба. Затоа сакав да ги имам сите корисни техники при рака, секојдневно да ги гледам, да ги користам и да ги усвојам. Првичната цел ми беше да составам список кој би си го ставила на фрижидер како секојдневен потсетник за себе, но како што работев на него, сфатив дека тој може да биде од корист и за другите родители. Така потсетникот прерасна во книга прирачник која е наменета за секој кој сака да напредува во улогата на родител, да ја подобри комуникацијата со децата, да изгради близок однос и да им овозможи здрав и правилен развој на децата. Од неа може да учат сите сегашни и идни родители, баби и дедовци, воспитувачи, негуватели, наставници, сите кои имаат секојдневен контакт со деца и се грижат за деца. Таа е подеднакво корисна за работа и со мали и со големи деца, адолесценти, затоа што се потпира на она што му е суштествено потребно на секој човек: почит, разбирање, емпатија.
Читај бе: Кажи ни нешто повеќе за она што може да се прочита во книгата…каква помош можат да најдат самите родители во неа?
Соња: Книгата претставува богат извор на ненасилни воспитни техники и методи кои произлегуваат од научни сознанија, а се претставени преку моето лично искуство и преку приказни од моето семејство. Има девет поглавја поделени во два дела: еден за емоциите и друг за воспитувањето, а секое поглавје содржи лична приказна, корисни совети и техники, занимливости и научни факти. Содржините се претставени на едноставен, непосреден јазик неоптоварен со стручен жаргон со цел да бидат подостапни и поразбирливи за „обичниот“ родител. Личните приказни ѝ даваат посебен шарм на книгата и неосетно го вовлекуваат и го водат читателот низ содржините. Во книгата може да се најдат совети за тоа како да се справиме со сопствените емоции и со непријатните емоции на децата, како да изградиме добар однос и да воспоставиме соработка, да поставиме граници и да го елиминираме несоодветното однесување, да се справиме со ривалството меѓу децата и како да бидеме среќни во родителската улога. На крајот од книгата е даден потсетник за сите претходно разработени содржини. Во прилог има објаснување за штетното дејство на насилството врз децата.
Читај бе: Од твоето искуство, но и од она што досега го имаш истражено, каде најмногу грешат родителите во воспитувањето на своите деца?
Соња: Тешко е да се генерализира бидејќи секој однос меѓу родител и дете е различен (тие што имаат повеќе деца го знаат тоа од прва рака), но, во основа, голем број од недоразбирањата меѓу родителите и децата произлегуваат од неколку погрешни поимања и ставови на возрасните. Прво, многу често родителите забораваат дека децата се во фаза на развој, а можеби и не знаат дека се потребни најмалку 25 години (поновите истражувања велат дека таа бројка достигнува и до 28 години!) за детскиот мозок да го достигне степенот на развој на возрасен човек. Така од децата очекуваат да имаат способности и вештини што не е реално целосно да ги развиле пред таа возраст како, на пример, самоконтрола, контрола на импулсивноста и на емоционалните реакции, расудување, емпатија и други високо когнитивни способности. Второ, родителите често не се ставаат на местото на детето, па да ја видат ситуацијата од негова перспектива. Тоа ги спречува да заземат пообјективен став и да ја откријат вистинската причина за однесувањето на детето. Најчесто лутината или пркосот се само површински израз на некоја незадоволена детска потреба. Она што на површина изгледа како несоодветно однесување многу полесно може да се коригира ако родителот настапи како партнер наместо како соперник и му пристапи на детето со отвореност, љубопитство и емпатија, наместо со напади, закани, уцени, заплашување или омаловажување. Трето, но не помалку важно, родителите можеби не се свесни дека со нивните постапки ја предизвикуваат или засилуваат детската реакција што сакаат да ја смират. Грешат кога вината ја префрлаат исклучиво на детето и не се вртат кон себе. Ако прифатат дека и тие имаат подеднакво важен удел во комуникацијата (или ако се разбудат, како што вели насловот на книгата), ќе почнат да работат на себе и со тоа не само што ќе го подобрат односот со детето туку и ќе му дадат добар пример дека личниот развој е дел од процесот на доживотно учење.
Читај бе: Нашето детство со детството на сегашните генерации како да има многу малку допирни точки. Дали според тебе родителите треба да се адаптираат на модерното време, или пак да се држат до начинот на воспитување на кој тие биле воспитувани?
Соња: Многу наши реакции кон децата (и тие што ни се допаѓаат и тие што не ни се допаѓаат) доаѓаат токму од тоа како ние сме биле воспитувани. Тоа ни е толку врежано во потсвеста и нѐ обзема автоматски, што понекогаш и сами ќе се изненадиме и ќе се запрашаме од каде дошло. И да сакаме да избегаме, не можеме. Борбата со внатрешно усвоените модели на однесување не е невозможна, но е исклучително тешка, бара огромна свесност, самоанализа и самоконтрола, соочување со сопствените слабости и слабостите на тие што нѐ воспитувале, прифаќање дека тоа не е наша вина, простување и усвојување нови начини на постапување. Сепак, во суштина, целите на родителите во минатото и денес не се разликуваат многу. Иако се менуваат општествените околности, основното родителско чувство останува исто: на децата да им се обезбеди мирно и спокојно детство, да им се овозможи да израснат во здрави, среќни и исполнети личности и да се оспособат за самостоен живот. Адаптацијата на современите текови е неизбежна и е дел од остварувањето на таа исконска желба на родителот.
Читај бе: Технологијата е дел од нашето секојдневие, а последните години сведоци сме дека телефоните ги нарекуваат модерни дадилки. Како самите родители да ги постават границите, не само на децата, туку и на самите себеси?
Соња: Промените се неизбежен дел од животот, а оние што можат брзо да се приспособат имаат голем потенцијал да успеат. Така е и со технологијата која се менува со молскавична брзина и ни носи многу придобивки без кои не би можеле да си го замислиме животот, но, исто така, и многу предизвици. Нашата задача е брзо да се приспособиме и да го извлечеме максимумот од нашиот однос со неа. Тоа подразбира мудра проценка која технологија го заслужува нашето внимание и во колкав обем, а која нѐ претвора во неми „производи“ за нечии туѓи интереси. Во денешниот високо технолошки свет родителите се првите кои мора да се едуцираат и да станат свесни за добрите и лошите страни на технологијата и, особено, за принципите на работа на т.н. економија на внимание каде што компаниите, како социјалните мрежи и производителите на видеоигри и други дигитални содржини, се борат што подолго да нѐ задржат пред екраните. Колку подолго сме пред екранот, толку поголем е профитот за нив. Во светот веќе отворено се зборува за штетните ефекти од прекумерната употреба на одредени технологии врз емоционалниот, физичкиот и когнитивниот развој на децата. Се претставуваат непријатни статистики за пораст на нарушувањата во менталното здравје (анксиозност, депресија, самоубиствени мисли), социо-емоционалните односи кај децата и адолесцентите (осамување, избувливост, раздразливост, агресија, намалена емпатија) и когнитивните способности (намалено внимание и концентрација). Кога ќе ги осознаеме и прифатиме овие факти, ќе ни биде полесно да донесеме правилни одлуки во врска со технологијата и да поставиме граници и за себе и за децата. Родителот е несомнено првиот кој треба да му покаже на детето низ сопствениот пример каков треба да ни биде односот со технологијата. Границите подразбираат јасни насоки за тоа кои содржини се прифатливи, а кои не, и цврсти правила за тоа во кој дел од денот и просторот (дома или надвор) е дозволена употребата на технологијата, а во кој не. Ако правилата важат подеднакво за сите, и спроведувањето ќе биде полесно и поделотворно. Самодисциплината на родителот и доследната примена на договорените правила се клучни.
Читај бе: Има ли воопшто правилен начин на постапување на родителите?
Соња: Не би рекла дека има еден унифициран правилен начин на постапување на родителите. Не постои универзална формула за одгледување деца. Секое дете е различно, па и начинот на постапување со него мора да биде различен. Ова значи дека родителот мора да биде многу флексибилен, да има силна моќ на перцепција, и, пред сѐ, многу добро да се познава себеси и да си го познава детето со сите негови уникатни потреби, силни и слаби страни. Ова важи уште повеќе за родителите кои имаат повеќе деца. Напорот што треба да го вложи родителот се зголемува соодветно на бројот на деца. Анализата на постапките и реакциите (сопствените и тие на детето), препознавањето на тоа што функционира, а што не во различни ситуации, прифаќањето на грешките (сопствените и тие на детето), приспособувањето и постојаното учење и надградување се единствениот правилен пристап. Тоа воопшто не е лесна задача, но сигурна сум дека се исплати на долг рок и води кон остварување на максималните потенцијали на врската родител-дете.
Читај бе: Се губи ли авторитетот на родителот? Како да се менува односот родител-дете последните години…
Соња: Односот родител-дете се менува паралелно со промените во општественото опкружување и тоа е нормален процес од развојот. Општествените промени носат поинаква динамика на живеење, а тоа несомнено влијае и врз односите меѓу родителите и децата. Работните обврски на родителите надвор од домот, но и сѐ поголемиот ангажман на децата надвор од училишните активности, придонесуваат денешните родители да поминуваат помалку заедничко време со децата. Технологијата, исто така, придонесува за оттуѓување во домот. Сепак, кога се работи за авторитетот на родителот, не би рекла дека тој е под знак прашање поради ваквите промени. Родителот го гради авторитетот преку неговиот однос кон детето без оглед на промените во околината. Авторитетот на родителот е најсилен ако се заснова на јасни и цврсти правила кои се спроведуваат со топлина и љубов. На децата им се потребни граници во кои ќе можат слободно да истражуваат. Родителот кој ќе успее да им го овозможи тоа, а при тоа ќе покаже разбирање за нивните потреби и, особено, ќе ги прифати непријатните емоции со почит и со отворен ум, има шанси да изгради и да одржи цврст авторитет. Во суштина, тоа е она што психолозите го нарекуваат авторитативен родителски стил, наспроти авторитарниот, кој ги држи границите но не ја дава потребната топлина и разбирање. Никогаш не е доцна родителот да си го изгради или врати авторитетот сѐ додека го прави тоа преку добар однос, почит, доверба, слушање и разбирање. Родителот кој има авторитет успева да ја пренесе пораката дека е секогаш на страната на детето, и тогаш кога го ограничува и тогаш кога го охрабрува, а детето длабоко во себе знае дека тоа е навистина така, дури и кога навидум покажува изблици на недоверба и пркос.
Читај бе: Ти си преведувач и професор на Катедрата за преведување и толкување при УКИМ. Ќе ни откриеш ли, кој е твојот начин на воспитување на трите деца со оглед на твојата професија и работните обврски кои произлегуваат од неа? Како се справуваш со тешките моменти…
Соња: И родителствувањето и работата со којашто професионално се занимавам се мошне одговорни задачи. И двете бараат исклучителна посветеност, постојан напор и високо ниво на концентрација. Темпото е на моменти жестоко, но благодарение на внатрешната мотивација, добрите организациски способности и вештините на поставување приоритети успевам да ги држам сите конци в рака. Имам голема среќа што добивам безусловна поддршка и помош од семејството, особено од сопругот и од родителите, без кои несомнено немаше да бидам во состојба да работам на толку многу разнородни полиња на ова ниво. Што се однесува до децата, „тајниот рецепт“ е една од техниките за којашто зборувам во книгата. Се трудам да издвојам време еден на еден со секое дете посебно секој ден, макар и на кратко. Само така можам да изградам успешен баланс.
Читај бе: Дали подготвуваш или планираш во иднина нова книга на оваа тема?
Соња: Темата е неицрпна и исклучително важна за едно општество. Всушност, родителската работа е нашата примарна работа без разлика што е доброволна и неплатена. Што и да работиме професионално, може да ни најдат замена. Родителството е единствената работа каде што сме незаменливи и затоа треба да се трудиме да го дадеме најдоброто од себе. Има уште многу што да се пишува, особено во нашето поднебје. Светот изобилува со книги од оваа област, додека кај нас сѐ уште нема доволно. Родителите во нашата земја заслужуваат да читаат ваква литература на мајчиниот јазик. Така што идеи и простор за творење има, но времето ќе покаже дали и како ќе се реализираат.