slavica naslovna

Една од најважните работи за еден фрескоживопис да излезе според планот е мирот на зографот, вели Славица Михаилова од Битола, зограф, уметник, наставник по ликовно образование. За фрескоживописувањето вели дека е различно од она кога една празно сликарско платно треба да се претвори во слика, затоа што зографот е исправен пред одговорна и тешка задача. Но чувството кога фрескописот е завршен, а црквата осветена не може да се опише со зборови. Неколку цркви низ Европа го имаат нејзиниот печат. Во Словенија, Хрватска, Италија, Германија…

Зборувајќи за уметноста пак, Славица вели: Речено е дека убавината ќе го спаси светот, а убавината не може да биде убавина ако уметноста не биде проткаена во нашето секојдневие. Колку и да е човек практичен секогаш ќе знае да го цени и посакува убавото. 

260775950 10158684349748152 8962157631629435920 n

Читај бе: Славица, може ли најнапред да ни кажеш на колку години сфати дека сликањето и ликовната уметност се твојата љубов?

-Искрено не би можела да дефинирам на која возраст од мојот живот се случи мојата љубов кон уметноста. Би рекла дека желбата за сликање беше составен дел низ целиот мој живот.Тоа беше еден порив  што го носев во мене постојано,уште од најмала возраст, но го освестив тоа  при крајот на моето средно образование и од тогаш јас и мојата љубов кон уметноста и сликањето никогаш не се разделивме.

slv

Читај бе: Кога и како започна со фрескопис? Каде ја научи оваа техника и колку време ти беше потребно да ја научиш, заедно со сé останато што носи фрескоживописот вклучително и познавањето на црковните канони? Колку е важна теолошката наобразба?

-Со фрескописот се запознав додека студирав на ликовната академија во Софија. Таму, на академијата, фрескоживописот го изучувавме како посебен предмет, а потоа по завршувањето на прва година имавме пракса во една црква во близина на Софија каде што со колегите и професорите работевме извесен период притоа изучувајќи ги техниките и начинот на монументалното сликарство. Светите отци на црквата нé учат дека додека ние  ја градиме црквата, црквата нé гради нас како охристовени личности. Согласно со тоа, додека работев низ црквите почнав и јас да пројавувам интерес за мојот духовен живот сфаќајќи дека тоа е многу важно за мене лично, но и за секој еден човек кој се определил за овој вид на сликарство. Теолошката наобразба е неопходна бидејќи произлегува од чувството што не тера да проникнеме во животот на светиите кои сакаме да ги изобразиме на црковните ѕидови, а тоа го правиме проникнувајќи во нивните животи со читањето на нивните житија. Со читањето на житијата, но и на други духовни книги зографот ги надградува своите познавања од теологијата. Затоа никогаш не би можела да кажам – готово, веќе научив сé. Еве на пример, кога веќе ги спомнавте каноните тие се строго дефинирани, но со оглед на тоа што имаме многу различен вид на градби на цркви постојано сме приморани како зографи тоа познавање на канонот на фрескоживописот по зони да го прилагодуваме на секоја црква посебно. Ете и преку тоа постојано растеме во духовниот живот.  Би спомнала овде дека сликарството го разбирам како натпревар, но не натпревар со колегите туку натпревар со  самата себе. Затоа секогаш погледнувам наназад за да видам дали тоа што го работам е подобро од претходното. Единствено тој натпревар ми е важен и се радувам кога го забележувам сопствениот прогрес.

IMG 20221009 140356

Читај бе: Кој беше твојот прв фрескопис? Колку време ти требаше? Како се чувствуваше кога го виде завршен?

-Мојот прв ангажман како зограф беше фрескоживописот во параклисот Св. Јован Крстител во Скопје. За период од околу  4 месеци параклисот беше комплетно исцртан. Сите големи искушенија и тешкотии со кои се соочував додека го сликав споменатиот параклис исчезнаа пред чувството на милина кога го погледнав плодот на моите раце. Истото чувство го имам секогаш кога ќе завршам одредена фаза во некоја од црквите во кои сега работам. Длабоко во себе знам  дека најголема радост би ми било да ги видам целосно насликани овие две цркви во кои моментално сé уште работам. Мислам дека тоа ќе биде голема возбуда, измешани чувства на благодарност кон Бога за дарот што ми го дал и  солзи радосници за сработеното.

IMG 0844

Читај бе: Кои се основите на фрескоживописувањето? Може ли малку да не запознаеш со оваа техника која е една од најстарите и најтрајните сликарски техники, најотпорна на временската ерозија…

-Во минатото мајсторите зографи ја користеле техниката алфреско. Оваа техника  претставува сликање врз мокар малтер со пигментни бои. За таа техника е потребна вичност и  голема брзина во работата, бидејќи се слика додека е мокар малтерот, а тоа временски е ограничено. Оваа техника ја изучував во моите студентски денови. Денес во Македонија не сум слушнала дека некој сé уште ја работи оваа техника. Бидејќи учествував на многу интернационални симпозиуми по фрескопис  и иконографија во Русија, Финска, Романија и Грција,  запознаена сум дека сé помалку зографи на денешницата сликаат на тој начин. Повеќе се користи техниката алсеко, а тоа е сликање врз сув малтер со акрилни или јајчени емулзии. Како и повеќето зографи од нашево време ја користам ал секо техниката односно работам  на сув малтер користејќи  пигментни бои мешајќи ги со акрилни емулзии како би била сигурна во долготрајноста на она што го сликам во црквите.

IMG 20230214 213309 151

Читај бе: Неколку цркви низ Европа го имаат твојот печат. Може ли да ни кажеш кои се тие цркви?

-Мојот прв ангажман во Европа беше фрескоживописот на параклисот Пресвета Богородица во Љубљана, Р. Словенија. Потоа бев ангажирана за изработка на престолните икони за иконостасот во црквата Св. Арх. Михаил и сите ангели во Лондон, Англија. Мојот ангажман низ црквите во Европа продолжи во црквата Св. Никола во Мајнц Германија, којашто сé уште ја работам, а паралелно со неа сум ангажирана и во црквата Св. Кирил и Методиј во Дортмунд, Германија во којашто исто така сé уште работам. Во меѓувреме ги изработувам и иконастасните икони во Св. Прохор Пчински и Св. Вартоломеј во Пјаченца,  Италија и две големи фрески на платно во Св. Арх .Михаил во Неиве, Италија, како и олтарните фрески од  пред неколку седмици осветената црква Св. Злата Мегленска во Загреб , Хрватска. Во оваа прилика би сакала да му  се заблагодарам на Европскиот Митрополит г. Пимен за укажаната доверба и за сите овие ангажмани.

Читај бе: Неодамна беше осветена црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Дортмунд чиј фрескопис го сликаше. Може ли да ни го опишеш чувството во тој момент?

-Убавината на чувството би можела да го пренесам со тоа што ќе кажам дека службата на осветување на црквата траеше околу 4 часа, а јас иако бев со повредена нога не сакав ни за миг да излезам надвор и да пропуштам ниеден момент од таа торжествена литургија. Значи толку беше убаво и возвишено што заборавив на секаква физичка болка.

Читај бе: Која е одговорноста на еден зограф? Раскажи ни го процесот на подготовка, како се прави планот, боите, самото лице на светецот кое треба да биде насликано, кое треба да дава спокојство на верниците кои ќе му се помолат…

-Кога се слика еден храм секако дека има правила кои треба да се следат. Затоа најпрво се прави план што и каде ќе биде насликано. Треба да се направи цел концепт за огромен простор во кој секое ќоше ќе биде пополнето, а во исто време да не изгледа пренатрупано и тешко. Тоа е сосем различно од она кога стоиме пред едно празно сликарско платно кое треба да го претвориме во слика. Значи зографот е исправен пред една одговорна и  тешка задача со којашто треба да се справи. Не само што треба да го испланира просторот, туку истиот тој простор треба да е хармоничен и истовремено разигран, статичен, а полн со ритам, колоритот да е смирен, а истовремено контрастен. Ликовите да се мирни и без изразени емоции. Тоа верувајте не е воопшто лесна работа и затоа секогаш велам дека една од најважните работи е мирот на зографот, за сето ова горенаведеното да може да се  оствари.

20230129 110856

Читај бе: Славица, покрај фрескоживописувањето, ти твориш и како уметник. Колку конкретно битолчани купуваат слики или икони од локални уметници? Каква е поддршката на уметност општо во нашиот град?

-Покрај фреските и иконите, голема љубов ми е и секуларната уметност. Таа уметност ослободена од строгите канони на фрескоживописот постојано ми поттикнува  слободното време да  го посветам на изработка на нови и нови слики. За жал имам малку слободно време, па многу идеи што ми се вртат во главата поради големата ангажираност со фрескоживописот постојано ги одлагам за понатака. Се надевам ќе дојде денот кога ќе преминат од идеи во насликани платна. Би можела  да кажам дека има одредена заинтересираност од битолчани и за моите икони и  слики. Има луѓе кои знаат да ја ценат уметноста и се радуваат кога во својот дом имаат уметничко дело. Но за жал сретнувам и такви кои не прават никаква разлика помеѓу убава икона и аматерски обид. Сепак тоа не ме обесхрабрува да си ја работам мојата работа посветено без разлика на тоа кој колку знае и умее да ги цени делата на уметникот.

1025

Читај бе: Работиш и како наставник по ликовна уметност. Колку е тешко или лесно да се даде вниманието на децата за да ја засакаат ликовната уметност и да се изразат преку неа…

-Ќе бидам искрена и ќе кажам дека работата со деца не е воопшто лесна во ова дигитално време кога сé повеќе ги интересираат кратките видеа на тик ток, видео игрите и останатите  платформи што се актуелни. Вниманието на децата е насочено во тој правец и не е лесно да се најде начин да се заинтересираат за уметноста. Но, сепак се трудам покрај часовите за цртање каде што креативно се изразуваат, користејќи ја технологијата која што тие добро ја познаваат да истражуваат малку и за уметноста и да прават  презентации за уметници и се надевам дека нешто од тоа ќе им остане врежано во сеќавањето.

Читај бе: Што треба да се направи ликовното образование како предмет да не биде потиснат?

-Човек се раѓа со уметнички порив уште од времето на Алтамира и тој порив за уметничко изразување никогаш нема да згасне, без разлика во кој правец светот се развива. Речено е дека убавината ќе го спаси светот, а убавината не може да биде убавина ако уметноста не биде проткаена во нашето секојдневие. Колку и да е човек практичен секогаш ќе знае да го цени и посакува убавото.  Зарем и секојдневната мода и нашата желба за убаво облекување не е плод на она што ние како наставници по ликовна уметност го будиме во секој еден ученик? Тоа го правеле и нашите учители, го правиме и ние, а ќе го прават и некои од нашите ученици во кои ќе се разгори љубовта кон уметноста. Уметноста не е само за оние кои ја создаваат туку и за оние кои сакаат да ја уживаат и живеат. Будењето на љубовта кон ликовното образование е она што ние го правиме.  Она што треба да се направи е само да не се даде да згасне љубовта кон убавото.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…