а

Македонската култура е ендемична по многу работи. Демир Хисар и неговата околина имаат одиграно во минатото, но и денес главна улога во создавањето и зачувувањето на националниот бит кој, секако, според природните закони е подложен на еволуција. Никој не може да порекне дека најплодните македонските уметнички умови потекнуваат од демирхисарскиот крај. Списокот е долг исто ко и приказните и песните, кои природно овде се создаваат, ако не секој, секој втор демирхисарец, тоа е тој наратив кој се доживува или низ призмата на хуморот или тагата, но никогаш човек не останува рамнодушен.  Следната година Домот на културата „Илинден“  во Демир Хисар ќе го одбележи јубилејниот роденден – 65 години од формирањето. Интересно е тоа што иако станува збор за еден од помалите градови во Македонија, но каде постојано се одржуваат културни настани од ликовен, музички, книжевен, театарски аспект. Екипата на ДК „Илинден“ можеби е мала, но се неверојатно вредни и амбициозни. По тој повод м-р Славче Велјановски, актуелен директор на Домот на културата „Илинден“ одвои време да разговараме за активностите на Домот на културата „Илинден“ – Демир Хисар.

viber image 2024 01 16 22 41 47 364

Кој е Славче Велјановски?

  • Роден сум во Демир Хисар, живеам во Демир Хисар. По професија дипломиран Историчар – Археолог, а од неодамна Магистер по организациски науки. Во моментов ја извршувам функцијата директор на Дом на културата “Илинден” во Демир Хисар.

Историјат за Дом на културата Илинден

  • Како институција, Домот на културата“Илинден” во Демир Хисар е формиран на 27.2.1960 година. Зградата на Домот на културата свечено е предадена во употреба на 02.9.1987 година и е градена со средства од граѓаните на општината. Домот располага со корисна површина од околу 1200 m2: концертна сала од 325 седишта, професионална сцена, фоаје, машки и женски гардероби и останати помошни простории кои се користат по разни основи во текот на работењето. Во склоп на домот работи и народната библиотека „Петре М. Андреевски”. Во Домот на културата функционираат повеќе дејности меѓу кои:

БИБЛИОТЕЧНА ДЕЈНОСТ: Народната библиотека “Петре М. Андреевски” располага со книжен фонд од над 40 000 книги, со над 20 000 наслови кои се од сите жанрови и солидно ги задоволуваат потребите на читателите од општината Демир Хисар.

МУЗИЧКО – СЦЕНСКА ДЕЈНОСТ: Во рамките на домот функционира КУД “Илинден” Демир Хисар кое минатава година го прослави 30 годишниот јубилеј. Во друштвото членуваат околу 150 членови распоредени во три возрасни групи и имаме и сопствен оркестар опремен со различни видови на инструменти. Друштвото располага и со повеќе комплетни народни носии од различни етнички предели на Македонија. КУД “Илинден” Демир Хисар редовно учествува на сите локални и голем број на национални манифестации, а секоја година ја претставува државата и македонската народна традиција и култура и надвор од границите на Македонија.

СЦЕНСКО – УМЕТНИЧКА ДЕЈНОСТ: Во склоп на Домот на културата активно работи и драмското аматерско студио.

ЛИТЕРАТУРНО – ИЗДАВАЧКА ДЕЈНОСТ: Во рамки на Домот на културата работи и литературниот клуб „Изгрев” кој минатата година го прослави својот 30 годишен јубилеј. Литературниот клуб организира разни промоции на книги, презентации од областа на литературно-издавачката дејност. Домот на културата е издавач на голем број на книжевни дела, најчесто на роднокрајните писатели и поети. Во Домот на културата покрај редовно застапените (според статут) дејности често имаме разни поставки на изложби, се прават кино проекции, се одржуваат различни видови концерти, мултидисциплинарни проекти, ни гостуваат театарски групи и слично.

viber image 2024 01 16 22 41 46 553

Од историски аспект Демир Хисар денес и во минатото?

  • Демир Хисар е град во југозападниот дел на Македонија, но и име на пошироката ридско – планинска област која крие бројни убавини и е од исклучителни значење за македонската култура, историја и традиција. Првите траги на живот во ова подрачје се засведочени уште во праисториско време што говорат големиот број на археолошки артефакти пронајдени во оваа област, а според нив развиен живот на овие простори имало и во антиката и во средниот век. Како име на областа најпрво се среќава терминот Сидеро Кастро (железна тврдина), а по доаѓањето на османлиите го добива името Демир Хисар (железна планина) што го носи до денес. Како општина, Демир Хисар започнува да се развива по 1945 година и денес претставува урбанизирано, пријатно и уредено место на живеење.

Колкав е предизвикот да се раководи со Домот на културата Илинден?

  • Голем е предизвикот да се раководи со институција од областа на културата, затоа што културата е стожерот на позитивните промени кои треба да му се случуваат на заедницата и општеството. Демир Хисар иако е мало место, има голем и разновиден потенцијал за културен развој. Во Демир Хисар живеат голем број на талентирани личности од разни области кои го презентираат својот талент, а исто така, како институција која инфраструктурно и технички е солидно опремена, ни овозможува да ги користиме сите овие потенцијали. Среќа за мене е што сум лично и вистински вљубеник во културата и можам да потврдам дека нема поубава работа во животот од работа во која се вложувате целосно, со најголема љубов. Тоа предавање кон работата секогаш се возвраќа, најмногу со возвратена добра енергија од уметниците што сте ги претставиле, од публиката, од медиумите.

Демир Хисар – т.е неговата околија е јадрото на македонскиот јазик и култура – што е најважното што мораме сите ние како Македонци да го имаме на ум?

  • Во Демир Хисар се регистрирани над 40 археолошки локалитети од праисторијата и сите историски периоди; имаме цркви, манастири и развиени книжевни центри уште во средниот век;  демирхисарската околија е центарот на револуционерна Македонија во Илинденскиот период; демирхисарско е местото каде што има најмногу писатели и поети по глава на жител во Македонија – затоа се согласувам со констатацијата дека Демир Хисар е јадрото на македонскиот јазик, култура и традиција. Таа традиција е олицетворение на сето богатство што може да ја презентира една земја. Во Демир Хисар и Македонија, таа овозможува да се зачува, негува и афирмира културниот идентитет на Македонците и Македонија, бидејќи македонското творење има бесценета вредност како културно обележје.

Демир Хисар како подрачје и Македонија како земја во минатото оставиле скапоцени траги, а сегашноста уште повеќе ги разубавила и оплеменила. Во Демир Хисар и Македонија, старата и богата македонска традиција на најубав можен начин се измешала со напредокот и современиот живот, па така сплотени заедно претставуваат една успешна целина која во себе ги содржи сите елементи на една култура која се темели на своите вековни обичаи. На нас останува само да ги негуваме и афирмираме овие вредности.

Што сѐ сработивте и кои се плановите за 2024 година?

  • Зад нас оставаме успешна 2023 година во која организиравме, учествувавме или бевме партнери во организација на повеќе од 60 реализирани проекти од различни области (театар, музичка дејност, фолклор, литература, галериско – изложбена дејност, киноприкажувачка дејност, мултидисциплинарни проекти и друго). Од поголемите настани и активности можат да се издвојат: по повеќегодишна пауза е возобновено Драмското студио со кое беше подготвена и изведена драмската претстава „Одам на лов” од Жорж Фејдо во режија на Благој Николов а претставата покрај домашната публика ја виде и публиката во Крушево, Кичево и Кавадарци; беше организирано 6-тото издание на Националниот фолклорен фестивал „Велигденски фолклорни средби” каде покрај нашето културно уметничко друштво учество зедоа и КУД „Илинден” од Битола, КУД „Бисер” од Кичево и КУД „Ѓердан од бисери” од Охрид; со два целосно распродадени годишни концерти и издадена монографија го одбележавме 30 годишниот јубилеј на КУД „Илинден” Демир Хисар; со повеќе литературни манифестации и издадени дела го одбележавме и 30 годишниот јубилеј на ЛК „Изгрев”; организирано е 10-тото јубилејно издание на поетската манифестација „Манастирско поетско ехо”; организирано е осмото издание на музичката манифестација „Рок хепенинг”; бевме домаќини на целовечерен концерт на НУ „Танец”, на детскиот музички фестивал „ТРА ЛА ЛА”, на Штипскиот театар и друго; ја реализиравме и меѓународната турнеја на КУД „Илинден” во Р.Хрватска. Во 2024 година, иако сме со намален буџет во однос на минатата година, влегуваме амбициозно и со цел да ги реализираме сите активности кои се планирани во нашата годишна програма. Како позначајни и поголеми настани и активности кои се планирани за оваа година се: 9-то издание на музичката манифестација „Рок хепенинг”; 7-мо издание на Фолклорниот фестивал „Велигденски фолклорни средби”; подготовка и изведба на нова претстава на Драмското студио; организација на саем на книга во соработка со домашните издавачки куќи; гостување на некој од театрите од Македонија; целовечерен концерт на Фолклорен ансамбл Македонија; отворање на Спомен соба – Музеј на Радио Демир Хисар, традиционалните концерти и настапи на КУД „Илинден” и многу други.

Како Домот на културата ги ангажира младите?

  • Мој приоритет е целосно вклучување на младите во културните текови. Тоа го постигнуваме преку поттикнувањето за зачленување во секциите кои се активни во Домот на културата: културно уметничкото друштво, драмската секција, литературниот клуб и другите активности кои Домот на културата ги има во текот на своето работење, преку поттикнување на младите локални уметници слободно да се изразат и да го претстават своето творештво пред публиката, а исто така и преку нашата понуда на квалитетни културни содржини кои се блиски до младите.  Како приоритетна целна група, младите ентузијасти со нивните идеи, замисли и конкретни предлози редовно ги вклучуваме во реализацијата на сите активности кои ги имаме во Домот на културата.

Нешто повеќе за алтернативната уметничка сцена, рок настаните?

  • Најпрепознатлив бренд од алтернативната сцена во Демир Хисар несомнено е музичката манифестација „Рок Хепенинг” која оваа година ќе го има своето 9-то издание. Во 2015 година заедно со мојот бенд Ревелејшн тргнавме со идеја дека и во Демир Хисар, иако е помало место на живеење, може да се организира музички (рок) фестивал со кој градот и општината ќе бидат препознатливи на културната мапа на Македонија. На организираните 8 претходни изданија на фестивалот настапија голем број на рок групи од земјата но и странство: Ласт Експедишн, Суперхикс, Сакис Доволис трио, Паркети, Деј Оф, Кросроудс блуз бенд, Лајв Вајр, Гавермент, Бекдор бенд, Хај Старт, Код 369, Банда бенд, Парпл – Цепелин, Вел, Ретрибјушн, Инвиктус, Ерапшн, Ние (запирка) другарите, Инстинкт, Халфгод, Мизантроп, Саундвејвс, Супернова, Индика, Мајлстонс, Синхро – ЕКВ трибјут бенд и други со што таа идеја ја претворивме во една успешна приказна која ја живееме и доживуваме со секое следно издание на фестивалот.

Од кој добива најголема поддршка Домот на културата Илинден?

  • Ќе ја истакнам одличната соработка и безрезервната поддршка од Општина Демир Хисар и градоначалникот Никола Најдовски, минатата година финансиски бевме поддржани со 6 проекти од Министерството за култура, поддршка добиваме и од голем број на демирхисарски ентузијасти кои ни помагаат во реализацијата на голем број активности и настани во Домот на културата.
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…