iljo

СОУ Гимназијата „Јосип Броз –Тито“ –Битола, во учебната година, 2022/2023,  беше дел од проектот „Ние и Тие пред нас“ (Us and Them before us), финансиски поддржан од програмата ЕРАСМУС + на ЕУ. Партнери беа три средни училишта.

Целта на овој проект беше да се направат плaнови за наставни часови, по пет од секоја земја, на тема за сеќавање на настаните од пред 80 години во периодот на Втората светска војна. Идејата  на проектот беше да се вклучат што поголем број на професори кои не предаваат  историја,  со цел да се прикаже  како овој историски настан може да се вклучи и поврзи во наставата по други предмети.

viber image 2023 11 14 23 39 27 702

За време на реализирањето на проектот беа организирани и три недели на сеќавање во Белград, Никозија и Битола, каде беа претставени наставните планови од наставните часови, кои на крајот на проектот како една целина беа објавени во Прирачник за наставници, кој може да  послужи во наставата, но пред сѐ да  послужи како инспирација, професори од различни предмети  да создадат вакви или слични наставни часови.

Задоволството од постигнатите резултати се гледа и во интересот кој овој проект и резултатите од него ги побудија за време на реализирањето, но и по крајот на проектот. Во март, 2023 г., на покана од HISTOLAB, платформа на историчарите при Советот на Европа, во Брисел беа поканети координаторите на овој проект ( Зорана Матичевиќ-Белград, Константина Конту -Никозија и Иљо Трајковски – Битола), да ги претстават идеите и резултатите од проектот, што е големо достигнување со оглед на значењето и големината на оваа Конференција, каде беа присутни претставници од скоро сите земји членки на Советот на Европа.

Во средината на ноември 2023 година, Здружението на професори по историја на Словенија со поддршка на европското здружение на наставници и историчари – EUROCLIO, покани по двајца претставници од секоја земја партнер во овој проект, да одржат семинар за повеќе од 40 наставници од Словенија, претставници од Гимназијата ќе се: Иљо Трајковски-професор по историја и Никола Трајковски – професор по Македонски јазик и литература.

Со голема надеж за продолжување на соработката заедно или поединечно со училиштата партнери во овој проект. Поддршката од раководството и соработката меѓу  трите училишта е на завидно ниво, како и меѓу учениците во овие училишта кои беа активно вклучени во реализацијата на проектот.

 По тој повод, во продолжение кусо интервју со координаторот на проектот од Битола – проф. Иљо Трајковски  пред заминување на семинарот во Словенија.

viber image 2023 11 14 23 39 29 952

Читај бе: Од какво значење е проектот „Сеќавање на Втората светска војна“ за Гимназијата?

И. Трајковски: Проектот „Ние и тие пред нас“ (Us and them before us), во кој беа вклучени повеќе професори од нашата гимназија, беше трилатерален проект во кој учествуваа и гимназијата „Св. Апостол Марко“ од Никозија, Кипар и Третата Белградска гимназија, а проектот беше финансиран од програмата на Европската унија за мобилност и поддршка на образованието – Еразмус. Секое учество во меѓународни проекти, размени, семинари, предавања, мислам дека е од големо значење за Гимназијата како институција, потоа за наставниот кадар, кој можи дополнително да се усовршува, но и активно да учествува и да го покаже своето знаење и стручност, а најмногу за учениците кои добиваат можност да се искажат, да го претстават своето знаење, да се споредат и да научат, што е основната цел на нашата гимназија. И секако не е случајно што сме дел од ваков проект, нашиот квалитет и напорната работа го одредува нашето место.

viber image 2023 11 14 23 39 28 319

Читај бе: На што е ставен акцентот?

И. Трајковски: Посебен акцент е ставен на културата на сеќавањето на минатото, културата која ја негува секој народ, секое цивилизирано општество. Преку овој проект ние се навративме на сеќавањето на Втората светска војна, личностите и настаните кои заслужуваат да бидат дел од нашето сеќавање и почит. Идејата на проектот беше да се вклучат и наставници кои не се историчари, туку секој во својот предмет како би ја вклучил културата на сеќавање за Втората светска војна. Па така, во овој проект од нашето училиште беа вклучени не само професорите по историја, туку и по економските предмети, англиски јазик, македонски јазик и литература, социологија, но вклучени беа и локалната заедница преку работилница и наставен час подготвен од новинар, а целиот проект немаше да биди целосен без нашите ученици, членови на историската секција и членовите на e-twining групата.

Читај бе: Дали постои можност овој метод да се искористи и со други историски периоди кога се забележуваат  разни општествени промени на Балканот, па и во светот?

И. Трајковски: Да, секако дека можи да се искористи, историјата и сеќавањето е поврзана со секој наставен предмет и во секој период. Преку физиката, хемијата, астрономијата, математиката, географијата …. можеме да го согледаме и историскиот развој, настаните кои биле од пресудно значење за напредокот на човештвото, но и да се сеќаваме на жртвите кои се дадени од секоја генерација и насекаде во светот, за она што денес го имаме.

Читај бе: Втората светска војна и додека траеше, но може да се разгледува и како трајна и круцијална последица на целото човештво- од современ аспект како Вие им ја предавате оваа етапа на учениците во текот на часовите по историја?

И. Трајковски: Втората светска војна, за жал само физички е завршена на 02.09.1945 година со капитулацијата на Јапонија. Но, во суштина и денес нашите животи се поврзани со оваа војна, со одлуките кои се донесени непосредно по неа, со светот кој е изграден врз пепелот на воените разорувања. Денешните судири во Палестина и Украина, најдобро ги покажуваат последиците од Втората светска војна, но и ни посочуваат дека сеќавањето и културата на сеќавање се од посебна важност за мирот, разбирањето и напредокот на човештвото.

Читај бе: Спроведувањето на овој проект е високо оценет од Советот на Европа. Поканети сте да одржите семинар пред словенечките историчари со цел да го усвојат овој метод. Што направивте всушност и што ќе се прави понатаму со овој проект кој има и обединувачки аспект?

И. Трајковски: Овој проект уште додека се работеше предизвика интерес и во март оваа 2023 годинабевме поканети од Советот на Европа и Европската Унија, да го претставиме во Брисел пред колегите историчари од Европа, што секако е голема чест и одговорност. Од таму произлезе и поканата од Европското здружение на наставници по историја ‘EUROCLIO’ и Словенечката асоцијација на наставници по историја, да нѐ поканат и во форма на семинар на 17.11.2023 година, да го претставиме овој проект и резултатите од него пред околу 40 наставници од средни и основни училишта од Словенија. Заедно со колегите од Кипар и Србија, ќе одржиме работилница за културата на сеќавање во нашиот град и нашето училиште. Тоа ни отвора нови врати не само за нас, туку пред сѐ за учениците, за понатамошни соработки и претставување на Македонија, Битола и секако нашата Гимназија.

meblo trejd mialnici 2
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…