Две децении е дел од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ Битола, скоро половина од неговото постоење. Сега е проректорка за студентски работи безрезервно посветена на секојдневните обврски во секторот студентски работи и она што значи чекор кон најнапредните стандарди на европското високо образование.
Проф. д-р Јасмина Буневска Талевска за 44-годишното постоење на битолскиот Универзитет вели дека сите ови изминати години се години за уважување, години на созревање, растење и падови. 44 години е временски интервал кој заслужува почит.
Таа вели дека рефлексиите од општеството провоцираат кон критичко, интелектуално и проактивно внимание и делување. За неа иднината е насочена кон збогатување на едукацијата, науката, здравјето и културата на студентите на УКЛО. Нови можности со кои ги поттикнуваат и вреднуваат студентите – идните креатори на развојот на земјата.
Читај бе: Ако универзитетот постои 44 години, Вие скоро половина од неговото постоење сте дел од него. Дел од неговата душа, генерациите кои произлегле од него, а сега и директно, како дел од највисокото тело имате можност директно да влијаете на подигнување на стандардите за студирање. Како тоа ќе се постигне?
Овие 44 години на нашиот УКЛО, се години за почит, години за уважување, растење, секако и падови. Имам среќа да бидам дел од организмот на универзитетот полни 20 години кои би ги опишала со само еден збор – созревање. За мене, нема поголема чест и привилегија од соработката во овој ректорски тим предводен од нашиот Ректор проф.д-р Игор Неделковски и секако, задачата заеднички да ја реализираме академската и научна кауза на УКЛО.
И тоа силно, секојдневно и неуморно го правам со пристап со кој студентот го поставувам на позицијата субјект, а не објект на универзитетот. Впрочем, со секоја следна генерација на студенти јас сум се повеќе сигурна дека приликите се менуваат, потребите исто така, но останува ист само фактот „со многу работа и со инвестирање во младите, нивната мотивација, а потоа и успехот се неминовни“. Затоа, посветена сум на проекти кои вклучуваат низа на добро организирани, структурирани, разновидни и последователни наставни, воннставни, културни и спортски активности за студентите и нивно мотивирање да се вклучуваат. Ако го постигнеме тоа, ако имаме здрави, успешни, задоволни и мотивирани студенти значи дека сме постигнале многу од она што значи висок студентски стандард, сме создале материјални, културни, здравствени и други услови, како и мотовирачко опкружување за учење за секој студент на УКЛО.
Читај бе: Како проректорка за студентски работи, Вие сте мост помеѓу универзитетот и студентите. Која е Вашата мисија, како да се подобри нивниот статус, условите, да се слушнат нивните барања?
„Да се слушне и да се посвети внимание на потребата на секој еден студент на УКЛО е мојата мисија“. Како проректорка за студентски работи безрезервно сум посветена на секојдневните обврски во секторот студентски работи и она што значи чекор кон најнапредните стандарди на европското високо образование. Со отварањето на Студентскиот Информативен Центар обезбедивме место и можност студентите во исто време да се дружат, да учат, да истражуваат на своите студентски задачи и проекти, но и можност да создаваат како тим, да се поврзуваат со студентите од единиците, бидејќи УКЛО делува во шест градови, а не само во Битола, да се вмрежуваат со студенти од другите универзитети во државата и регионот.
Се обидувам да направам баланс помеѓу формалното и неформалното учење, и нови можности за дружење, спорт, рекреација и култура, можности за надминување на јазичните бариери па голем дел од работилниците се одвиваат и на англиски јазик. Континуирано ги поттикнуваме студентите за мобилност , учество на студентски собири и натпревари во земјата и странство. Започнавме неколку проекти. Проектот „Неформално учење“ е веќе во својата напредна фаза со цел да делуваме на личниот развој и на идниот професионален раст на студентите на УКЛО. Со проектот „Средба со талентите на УКЛО“ ги мотивираме најдобрите студенти да останат и да делуваат во рамките на универзитетот. Вложуваме во спортот, па во рамките на новиот спортски центар и во соработка со спортските клубови и здруженија започнавме и ќе ги продолжиме бројните спортски активности. За мене исклучително значајна е соработката со локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и бизнис секторторот со кои остваривме исклучителна реализација на дел од започнатата сработка и обезбедивме многу поволности за нашите студенти како платено практикантство, уписнини, стипендии, студентски картички, можности за учество во проекти, волонтирање што секако се однесува на повисок стандард и можности за студентите.
Читај бе: Колку често комуницирате, имате средби со претставниците на студентите? Колку е тоа битно, не само за еден професор, туку и воопшто за раководството на универзитетот да го слушне гласот на студентите?
И претодно и денес како проректорка, секојдневно сум со студентите. Средбите се директни, телефонски, во пораки. Комуникацијата со претседателот на универзитетското студентско собрание и со претседателите на факултетските студентски собранија се редовни и разговараме по однос на сите отворени прашања и предлози од студентите. Работам на подигнување на нивниот интерес, мотивација, ангажман и задоволство. Иако одредени прашања поради кои студентите ни се апатични, несигурни и незадовлни не се во наши раце и не можеме директно да делуваме, јас не се откажувам и работам со нив на подобрување на сите оние околности кои зависат директно од нас и од самите нив. Впрочем, како што неодамна изјави и нашиот Ректор ние како Универзитет започнуваме нова, дополнителна мисија – да придонесе кон намалувањето на иселувањето кон странство, и намалување на внатрешната миграција кон главниот град.
Читај бе: Што е она што ќе им го порачате на студентите, но и на оние кои планираат да бидат дел од битолскиот универзитет?
Со многу работа, со учење, со верување и со самодоверба може да се постигне многу. Потребна е храброст, истрајност и желба за заеднички успех. Јас секогаш им го кажувам мојот пример, и тоа дека јас не планирав да градам кариера и професионален раст, туку јас многу, многу работев на себе, за себе, но и за опкружувањето, со емпатија и алтруизам и дека успехот самиот по себе се случи.