elka

„Презимињата кај Македонците“ од проф. д-р Елка Јачева –Улчар беше промовирана во Офицерскиот дом во Битола.

Овој вид на научна литература е неопходна чисто за осознавање на македонскиот идентитет кој во поголем процент е задкулисен од најразлични историски причини. Македонската ономастика (наука за личните имиња) има свој природен и оригинален  развој, за што сведок е и книгата „Презимињата кај Македонците“.

Pokana 3

Во продолжение  повеќе за формулата име + презиме во македонската култура и јазик – одблиску со проф. д-р Јачева Улчар.

канцеларија 4

Читај бе: Секој човек има име и презиме, од аспект на денешницава, скоро и никој да не се запрашува каков е ономастичкиот развој на презимињата воопшто. Кога и кои се причините за  ономастичката формула име + презиме?

Е. Ј.-У. Антропономастичката категорија ПРЕЗИМЕ се смета за најмладите категории, зашто доаѓа најнакрај во низата на која ѝ претходат ПРЕКАРИТЕ и ЛИЧНИТЕ ИМИЊА. Зацврстувањето на категоријата презиме како дел од антропонимиската формула лично име + презиме според нашиот најискусен ономастичар  и прв директор на Институтот за македонски јазик, неодамна починатиот Трајко  Стаматоски (1925 – 2021), „кај пошироки слоеви на населението (се случува) допрва во деветнаесеттиот век со навлегувањето на европските обичаи и институции, со еден збор, со развиената администрација и управа, и тоа како во официјалната употреба така и во народната јазична свест. Оттука, можеме да заклучиме дека појавата на постојаната  категорија презиме се должи или подобро е рeзултат од поразвиените социјални и економски услови на општеството, а пред сè на урбаните центри во кои идентификацијата на лицата не можела да се потпира само врз личното име или прекарот.  Во македонски услови, појавата на презимето не се случила истовремено во сите краишта и кај сите слоеви на населението. Кај Мијаците, на пример, презимето е настанато и порано од XIX век.“

Читај бе: Ќе може ли накусо да ни кажете нешто повеќе за развојот на презимето, и што му претходело на презимето до неговото прераснување во постојан дел од антропонимиската формула?

Е. Ј.-У.: Првите никулци за презиме на македонска територија се среќаваат во Битолскиот триод, ракопис од XII век од македонска црковнословенска редакција,  во кој, се среќаваат неколку вида номинации и тоа: а) лично име + определба изразена преку некој апелатив (на пр. Иван Ковач); 2. лично  име + патронимиска дескрипција (на пр.: Никола Пиросов син); 3. лично име + патроним (татково име), сп: Тодор Иванов; 4. лично име + семејна дескрипција, на пр.: Иван зет на Емостин(а); како и 5. лично име + предлог + име на место (топоним), на пр.: поп Георги од Вапа. Во следните векови како драгоцен извор преку кој ги следиме не само општествено-економската организација на населението во Македонија туку и еволуцијата на категоријата презиме кај Македонците, се јавуваат кодиците и пописните дефтери од турско време.  Во Трескавечкиот кодик, на пример, настанат во прилепскиот манастир Трескавец според кој и го добил името а во кој првите записи се датирани од првата половина на XIV век, сопствените имиња на дарителите, заради подобра идентификација, добиваат најразлични определби како, на пр.: со името на таткото додадено кон сопственото име (Панаиωтъ Коста); со посвојна придавка изведена од името на таткото (Стано` Кралевъ); со посвојна придавка изведена од името на мајката (Аврамъ Тодинъ); со посвојна придавка изведено од професијата на таткото (Петре Поповъ); со прекар (Аризанъ Колчакъ); со придавка изведена од местото од каде што потекнува лицето (Христо Велешанець) или описно (Митре ωть Горно Село); со именка во која е изразено етничкото потекло на именуваниот (Кочо Миѧкъ); како и со професијата или некоја титула на именуваниот (Димана презвитера). Женските имиња поретко се определуваат со презиме кое е рамно на посвојна придавка, а најчесто со името на мажот: Ѓореица Стамена, Лубика Симоница, Нехтена Митреица, Велика Дачкоица, Мита Аврамица.  Токму тука, во овој кодик, за првпат се појавува женско презиме, сфатено во денешната смисла на зборот, a имено презимето да претставува посвојна придавка образувана со суфиксот -ова за ж. род (: -ов); станува збор за Ѓурѓа Бонболова. Речиси истовремено со овој запис од Трескавечкиот кодик, во кодикот на манастирот Св. Богордица во Матка е регистрирана жената, чие име и презиме гласат Божна Поповска. Овие, иако скудни, податоци даваат драгоцени и мошне важни информации за никулците на женското презиме во Македонија, чиј зародок е многу понапред од времето во кое имаме стабилизирана антропономастичка категорија презиме и тоа во услови на еден изразито остар патријархален општествен контекст. Слично како и во кодиците и во турските пописни дефтери е одразена слична ситуација. Овде среќаваме лично име + лично име, при што второто е патроним, односно татково име, како, на пример, Велко Стано, Бојко Станиша, Велчо Тоде и др. Во XVI век формулата станува име + изведена придавка со суфиксите -ов и -ев кога во основата е вложен патроним, т.е. татково име (на пр.: Стојан Георгиев, Ристо Николов) или изведена придавка со суфиксот -ин кога во основата е вложен матроним, односно мајчино име (на пр.: Аницин). Ваквиот тип презимиња во чија основа се наоѓа матроним е доста редок, а уште поретки се оние во кои матронимот е рамен на женско лично име, како што е во случајот со презимето Аницин (: Аница + -ин). Ова се должи на тоа што женското лично име на мажената жена во македонската средина до втората половина на минатиот век, особено во руралните, неурбанизирани македонски краишта е табу-тема, па нејзината идентификација најчесто се врши според личното име на нејзиниот сопруг. Така, онаа што е мажена за Ристо станува Ристо(ј)ица (: Ристовица : Ристова (жена) + суф. -ица), за АтанасАтанасица итн.

канцеларија

Читај бе: Кога веќе ги спомнавте женските презимиња, во Македонија се следи еден тренд женските деца буквално го преземаат татковото презиме во машки род, а истото се случува и при склучување на брак кога невестата го зема презимето на младоженецот во машки род. Како вие го коментирате ова?

Е. Ј.-У.: Во последнава деценија, особено во главниот град, жените при стапувањето во брак најчесто кон своето презиме го додаваат презимето на мажот во машкиот облик, на пр., Стојановски, Тасев итн. Како што кажавме и погоре, женските презимиња во Македонија кои сe образувани со посвојните суфикси -ов/-ев и –о(в)ски/-е(в)ски според нашата традиција имаат женски  облик, а имено македонските женски презимиња во нашиот систем на презимиња завршуваат на -ева/-ова и –е(в)ска/-о(в)ска. Во однос на губењето на женската форма на презимето со тоа што сè почесто при стапувањето во брак, невестата избира да го додаде презимето на мажот во машката форма, иако уште своевремено е укажувано на тоа дека е добро таа информација за полот да ја носи и презимето. Таа парадигма по род кај презимињата е позната во сите словенски јазици каде што презимињата се образуваат со  општословенските суфикси -ев/-ов, односно -е(в)ски/-о(в)ски и -ин (на пр.: Марија Склодовска-Кири, Мартина Навратилова, Елена Верижникова, Ирина Бокова, Татјана Доронина  и др.), па дури е имплицитно вградена и во оние женски презимиња како што се „југословенските“ (освен македонските) кои, најчесто, се образувани или со суфиксот -иќ или се бессуфиксни, а чија официјална форма на презимето нема формален показател за ж. род.  Кога го велиме ова, пред сè, мислиме на разговорната употреба на некое женско презиме. На пример, при обраќање во словенечкиот, на пример, со госпа Фурланова (: Фурлан); или во неформална комуникација во хрватскиот, односно во српскиот јазик. Сп: „Брозовиќка (: хрв. презиме Брозовиќ Милорадовиќка (: срп. презиме Милорадовиќ)нису ту. За разлика од некои други словенски народи кај кои презимето се образува со суфиксите  -ев/-ов, односно -е(в)ски/-о(в)ски и -ин и сите три наставки имаат парадигма по род, како што видовме погоре дури и кај оние презимиња што се образувани со суфиксот -ин, како што е во руските презимиња на пр.: Елена Рандошкина, Надежда Обрјадина итн.,  нашите презимиња на завршок -ин не добиваат маркер во финална позиција и остануваат во примарниот облик. На пример, Ема Маркоска-Милчин, Даница Ружин, Цветанка Ангеличин-Жура, Марина Масин, Лидија Маркоска-Заричин и др. Според наше мислење, но и според мислењето на другите македонски ономастичари, оваа специфика на македонското женско презиме треба да се чува, зашто е добро кога информацијата за родовата припадност ја носи и презимето, а не само личното име. Ваквата форма на  женското презиме, како што може да се види погоре, кај нас е нотирана во наши ракописи кои се датирани во втората половина на XVIII век, што говори за една подолга традиција во употребата на горенаведената форма на женски презимиња во Македонија. Употребата на машката форма на презимето за лица од женски пол сметаме дека се должи на еден вид помодарство и подражавање на еден презименски модел кој не е ниту во духот, ниту во традицијата на македонскиот антропонимиски систем, што во крајна линија значи и кршење на македонската јазична норма.  Со цел зачувување на женската форма на женското презиме во Македонија сметаме дека е потребна интервенција во правната регулатива, поточно во Законот за личното име, поради наметнатата потреба од построго дефинирање на обликот на женското презиме, од една страна, но и на поставување построги критериуми за негово менување, од друга. Сево ова со цел поголема еднозначност при исполнувањето на идентификациската функција на презимето, како и на продолжување на традицијата, особено што презимињата, исто како и топонимите се своевидни споменици на културата.

канцеларија 3

Читај бе: Какви се основните и невообичаените презимиња на Македонците и дали постојат определени специфики на презимињата по региони?

Е. Ј.-У.: Како што и е наведено во книгата, презимињата кај Македонците најчесто можат да да бидат образувани со суфикси и тоа се т.н. суфиксни презимиња, но и без суфикси, т.н. бессуфиксни. Најчести суфиксни презимиња се оние што се образувани со суфиксот -е(в)ски/-о(в)ски кои според податоците во Обратниот речник на презимињата кај Македонците (ОР) од Олга Иванова ги има вкупно 11 400. Според показателите на ОР може да се заклучи дека доминираат заглавните презимиња со суфиксите -е(в)ски/-о(в)ски  над оние образувани со суфиксот -ев/-ов, чиј број изнесува (вкупно 9 600). До бројот од 24 000 презимиња, колку што се содржат во двата тома од Речникот на презимињата кај Македонците, еден дел отпаѓа на презимињата образувани со други суфикси, како: -ин, –иќ, -ски, -чки, -шки итн., а другиот на бессуфиксните презимиња кои, најчесто се рамни на: лично име (Гроздан), прекар (Лапе), етник (Беличанец) или професионално име (Ковач). Во однос на спецификите по региони би истакнале дека во Источна Македонија презимињата почесто се образуваат со сфиксот -ев/-ов, за разлика од оние од Западна Македонија каде што презимињата се образуваат со суфиксот                  -е(в)ски/-о(в)ски, при што суфиксните форми без согласката в односно -ески/-оски се во почеста употреба во Кичевско, Прилепско, Охридско и Струшко. Од другите специфики во однос на презимето по региони, би го издвоиле Малешевскиот Регион за кој е карактеристичен еден презименски модел, при кој суфиксот –ски се чини како да „се лепи“ директно на основата без посвојниот суфикс -ов кој, речиси, во најголемиот број македонски презимиња се наоѓа меѓу основата на презимето и суфиксот -ски, на пример,  Ханџиски, Меанџиски, Брашнарски, Лакински итн. Покрај ова, за презимињата од Малешевијата карактеристично е и отстапувањето од третосложното акцентирање, при што акцентот наместо на третиот слог од крајот на зборот, паѓа врз вториот слог од крајот. На пример: Ханџ’иски, Меанџ’иски, Брашн’арски, Лак’ински итн. За прилепските презимиња како специфика се издвојува тоа што во нивната основа најчесто е вложен прекар, а за презимињата што потекнуваат од охридското градско јадро, Варош, спецификата лежи во нивната бессуфиксност! Сп.: Каневче, Групче, Коцаре, Маленко, Мизо итн.   

Читај бе: За кого е наменета вашата книга „Презимињата кај Македонците“?

Е. Ј.-У.: Книгата Презимето кај Македонците е наменета за сите оние што сакаат да знаат повеќе за: Македонија, Македонците, македонскиот јазик, историјата на Македонија, нејзината култура и традиција при именувањето!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…