Писателот е остров сам за себе, тој твори во својот микрокосмос за сѐ она што нѐ опкружува, за универзалните теми на човештвото, вели во интервју за Читај бе, младиот македонски писател, битолчанецот Михајло Свидерски. Во својот книжевен има поетски збирки, но и романи. Добитник е на повеќе награди, неговите дела се преведувани на повеќе јазици, а често гостува и на меѓународни фестивали и читања.

Неговата книга „Последните денови на Ханс“ ја разбранува пошироката книжевна јавност. Романот влегува во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2019 година и е номиниран за Наградата за литература на Европската Унија.

Свидерски ги израдува читателите со неговиот најнов роман „Синовите на Адам“ кој излезе во издание на Издавачката куќа Восток. Роман за една потресна животна приказна на дете кое паѓа во мрежите на настраните забави како објект на мрачните уживања на елитите.

Поразговаравме со овој талентиран писател од Битола за прозата и поезијата, инспирацијата, преведувањето книги, како да се охрабрат младите писатели…

305545486 1697353103976964 6990843842029352919 n

Читај бе: Михајло, може ли на почетокот да ни раскажеш како кај тебе се појави љубовта кон пишаниот збор? Што е првото нешто што го напиша?

Михајло: Пишувањето ми се наметна спонтано, поттикнато од читањето на разни книги и жанрови, но пред сѐ сметам дека пресуден беше талентот. Секој од нас, независно што работи и со што се занимава, поседува некој талент за некоја работа која што ја прави далеку подобро од останатите, дарба за работа од љубов која истовремено нѐ исполнува, нѐ вдахнува со позитивна енергија, и тоа го правиме успешно. Постојат и уметници кои вложуваат повеќе труд и енергија, некои пролетуваат полесно преку надградбата на талентот и умножување на знаењата. Првата книга што ја напишав беше збирка поезија. Пишувам за своето време и за времето што е пред нас.

305003341 769829314070507 3690657448051065067 n

Читај бе: Твојот опус содржи и поезија и проза. Што е она што повеќе те предизвикува да се искажеш?

Михајло: Мислам дека прозата ми е поприродна, повеќе ми лежи на срце. Но, поезијата од друга страна, ме ослободува, дава прилика со неколку збора да се долови суштината, да се проникне во најнепристапните места на човековата душа, во длабините на постоењето.

Читај бе: Деновиве беше дел и од Фестивал на поезијата во Патрас, Грција. Кои се впечатоците? На колку јазици се читаше поезија?

Михајло: Светскиот поетски фестивал во Патра претставува сериозна манифестација на која учествуваа шеесетина поети од повеќе земји, се читаше поезија на дваесетина јазици. Фестивалите, посебно меѓународните, даваат несекојдневна можност за поврзување на писателите и размена на искуства, дружење, но писателот е остров сам за себе, тој твори во својот микрокосмос за сѐ она што нѐ опкружува, за универзалните теми на човештвото.

Читај бе: Романот „Последните денови на Ханс“ доживеа голем успех, беше номиниран и за наградата за литература на ЕУ. Неодамна овој роман беше преведен и на бугарски. Ќе ни откриеш ли колку време работеше на романот, но и што беше пресудно да ја избереш оваа тематика…

Михајло: Последните денови на Ханс, според критичарите е провокативен роман, за некои и контроверзен роман, кој на некој начин претставува роман- книжевно пророштво за сѐ она што ни се случува денес, вклучувајќи ја и појавата на пандемиите, војните, страдањата, од една страна, но и пркосот на здравиот разум и потребата од духовна сила и просветлување од друга страна.  Романот зборува и за духовното слепило на човекот, но и за ретката способнот на духовните очи да ги гледаат нештата во вистинската светлина.  Последните денови на Ханс е психолошки роман за човек кој имал огромна моќ и влијание, а денес е изгубен во лавиринтите на животот, напуштен, отфрлен и непотребен. Неговите внатрешни судири се огромни, се бори со себеси и со своите стравови.

Читај бе: Ја доби и првата награда од Фондот на Холокаустот за прозата „Ѕвездата“ на конкурсот во 2020 година. Колку е тешко да се пишува на една чувствителна тема…

Михајло: Таа награда ми е особено драга, посебно затоа што тоа е мојот единствен расказ што некогаш сум го напишал. Не пишувам раскази.

Иако Холокаустот е колективно страдање, јас пишувам за поединецот и неговата болка, за личните дожиувања и судири, фокусот на мојот интерес е човековата душа и индивидуалните страдања во овој свет на постојани конфликти во кои како што често кажувам малиот човек постојано е притиснат во судирите на големите и секогаш го носи најтешкиот товар. Геополитичките играчи се бават со ресурсите, териториите, малцинствата, со разно-разни војни, економски, психолошки, биолошки, јас се бавам со личните приказни на оние кои се жртви на тие игри.  Затоа денес гледаме бегалци кои прескокнуваат бодликави жици, и секој од нив со себеси си носи своја приказна. Дел од тие бегалци доаѓаат кај своите стари колонизатори, кои сега не се спремни да ги примат.

Читај бе: Освен што пишуваш, исто така и преведуваш книги. Сепак, како писател, сигурно е битно преводот да ја пренесе и суштината на она што е во книгата, а не само сувопарниот превод…каква е состојбата со преводите кај нас?

Михајло: На Македонија насушно ѝ недостасуваат квалитетни преведувачи од сите јазици, но и преведувачи од македонски на странски јазици за кои државата треба поактивно да се заложи, преку отворање на нови лекторати во странство, стипендии и поддршка. Преводната литература кај нас има различен квалитет, сѐ се сведува на преведувачот кој треба да ги владее двата јазика, за да немаме сувопарни, буквални, неразбирливи преводи, а квалитетни преведувачи има сѐ помалку. Преводот е креативна работа, но бара вложување, ерудиција, истражување и макотрпност.

Читај бе: Може ли да ни откриеш…како еден писател ја добива инспирацијата и темата на која ќе пишува еден роман/расказ?

Михајло: Jас својата инспирација ја добивам од сѐ она што ме опкружува, сѐ што доживувам, преку патувањата, запознавањето на нови луѓе, случките на нови настани, судирите помеѓу луѓето, недоразбирањата, љубовта, разбирањето, простувањето, надежта, сѐ што мислам дека е податливо за приказна, го обмислувам, и на крај, од стотици приказни кои ми поминуваат низ главата, јас романизирам една приказна. Сите тие мисли ги филтрирам како цеден сок.

304979102 1698826247151651 7773858808254490587 n

Читај бе: Каква е поддршката за младите писатели во Македонија? Што е она што треба да ги поттикне да пишуваат и да издаваат книги?

Михајло: Поддршката на младите писатели генерално доаѓа од годишната програма на министерството за култура. На локално ниво, писателите се помалку актуелни, сметам дека треба да се изборат за своето место.

Читај бе:  Дали работиш на некој нов роман или книга поезија во моментов? Што е она што можеме ново да очекуваме од Михајло Свидерски?

Михајло: Штотуку излезе мојот најнов роман „Синовите на Адам“ во издание на издавачката куќа Восток, роман за една потресна животна приказна на дете  кое паѓа во мрежите на настраните забави како објект на мрачните уживања на елитите. Приказната нѐ води низ најпотресните случувања на македонското транзициско општество, и укажува на последиците што обично ги понесуваат недолжните. Рајот за оние што можат да си дозволат сѐ што ќе посакаат станува пекол за оние што излегуват оттаму. Романот отвора досега неотворени и табуизирани теми во македонската книжевност и смело ги детектира најтемните страни на македонското транзициско општество.

304923802 5023171337787157 3087286987562703392 n
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…