25-годишниот Мартин Николовски од Битола уште од рана возраст го знаеме од малите екрани. Студентските денови ги помина во Турција, за која, во повеќе наврати, има потенцирано дека му ги отворила видиците и го научила на лекции со значителна вредност. Мартин дипломира на ,,додипломски студии, насока новинарство” при Универзитетот Хаџи Бајрам Вели, во Анкара, Република Турција, а по професија е меѓународен мултимедијален новинар. Него го дефинираат јавните настапи, комуникацијата и релацијата со публиката, а за себе вели дека е обожавател на патувањата, аматерската фотографија и истражувањата. Од неодамна, тој, се пресели во Америка, во Вашингтон, каде што работи за Гласот на Америка на македонски јазик. Првата мисија на Гласот на Америка, како што ни кажува Мартин, беше борбата против нацистичката пропаганда, со тоа што ги преферираше точните, проверени и непристрасни информации. Вистината, надежта и квалитетот се она што треба да му служи на народот, но и ова се трите опции, кои народот треба да ги избере при селектирање на вести од идните новинари и медиуми, така што ќе се прекине процесот на квантитет, а ќе се издигне оној на квалитет при работата.
Читај бе: Мартин, неодамна се пресели во Америка. Која беше главната причина за ваквата одлука и колку си задволен од новата средина во која моментално живееш?
Мартин: Да, веќе три месеци живеам во еден од најзначајните светски центри, во главниот град на Соединетите Американски Држави, Вашингтон. Причината за мојата преселба беше понудата што ја добив од Гласот на Америка да бидам дел од македонската редакција како меѓународен мултимедијален новинар. Во однос на вториот дел од прашањето, може да кажам дека сѐ уште се навикнувам на новата средина, бидејќи за прв пат сум во САД и се разбира, потребно ми е време да се прилагодам и да ја запознаам околината во која што живеам.
Читај бе: Како млад, надежен новинар, колку ти значеше можноста која ти беше врачена, за да работиш и да се надоградуваш во Гласот на Америка?
Мартин: Навистина ми претставува чест и огромно задоволство што ја имам можноста да бидам дел од Гласот на Америка на македонски јазик. Инаку, Гласот на Америка е финансиран од американските даночни обврзници преку Владата на САД и Агенцијата за глобални медиуми. Гласот на Америка започна со емитување во 1942 година за да се бори против нацистичката пропаганда со точни и непристрасни вести и информации. Оттогаш, Гласот на Америка му служи на светот со конзистентна порака за вистина, надеж и инспирација. Поаѓајќи од тоа дека медиумот произведува вести, информации и културна програма преку интернет, мобилни и социјални медиуми, радио и телевизија, можам слободно да кажам дека како новинар имам можност да се надоградам во многу полиња за кои што претходно немав можност.
Читај бе: Со што сѐ се соочи по пристигнувањето и како мислиш дека оваа промена би ти помогнала во иднина, кога е во прашање кариерата?
Мартин: Да бидам искрен, откако сум дел од Гласот на Америка, ја „одморив” главата од секојдневните моменти на препукувања, дневна политика, проблеми што ги имаме во нашата држава. Најголемата промена ми беше пристапот кон информациите кои ги има Гласот на Америка. Да бидам подобро разбран, Гласот на Америка освен што следи важни политички збиднувања во САД и во светот, најмногу им дава простор на обичните луѓе ширум светот. Ние креираме приказни кои што имаат влијание врз општеството, зборуваме гласно за реалните проблеми на граѓаните, но мислам дека најважно од сѐ е слободата на изразување што ја имаме ние новинарите и таа слобода ја црпиме токму од мисијата на Гласот на Америка која гласи: Слободата на печатот е важна.
Читај бе: Што значи да се работи за Гласот на Америка?
Мартин: Да се работи за Гласот на Америка значи да се работи за еден од најголемите светски медиуми кој брои повеќе од 2.000 вработени, произведува новинарски производи на повеќе од 40 јазици и има опфат на публика преку 326 милиони луѓе ширум светот.
Читај бе: Опиши ни како се одвива еден работен ден таму. По што се разликува од твоето искуство кое го стекна тука?
Мартин: Тука во овој дел од одговорот на прашањето ќе се повторам, искуството во Гласот на Америка за разлика од некоја од редакциите во која сум работел во Македонија е тоа што тука имаме друга работна атмосфера, иако сме мала екипа, сепак сме многу добро организирани, секој ја извршува својата задача, а успехот е на сите, не е индивидуален. Во Гласот на Америка не се работи за квантитет туку се работи за квалитет односно содржините кои се пласираат се објективни, независни со највисоки професионални стандарди во новинарството.
Читај бе: Кои се позитивните, а кои негативните страни од реалноста која ја живееш сега?
Мартин: Позитивни страни се тоа што освен на професионален план, ова искуство претставува животно школо. Учиш нова култура, запознаваш различни луѓе, начин на живот. Се надоградуваш преку подобрување на англискиот јазик. Тоа се позитивните страни. Во однос на негативните страни, пак, може да кажам дека најмногу ми фалат прошетките и дружбата со мојот најдобар другар, ми фалат родителите, сестра ми и баба ми, ми фали Битола, Широк Сокак и Скопје.
Читај бе: Забележа ли позначителна разлика во односот на општеството кон новинарите?
Мартин: Тука ќе подвлечам дека слободата на изразување што ја имаат овде новинарите и попристојната заработувачка се многу важни. Токму поради овие два сегмента сметам дека имаме објективно новинарство во САД. Од една страна нема притисоци, закани и уцени, а од друга страна кога си економски независен не може никој да те купи. Друго, што навистина е интересно за мене е тоа што не се креираат содржини од типот на тоа дека немало шахти на улиците, дека граѓани уништуваат тротинети по улиците или пак дека некоја населба останала без електрична енергија. Ваквиот тип на вести во САД се надминати, затоа што имаат функционален систем и функционална држава. Ние, допрва треба да растеме и созреваме за да го достигнеме ова ниво, и тогаш ќе може да правиме споредби за новинарството кај нас во Македонија и овде во Соединетите Држави.
Читај бе: Кои се твоите планови за во блиска иднина? Се гледаш ли таму или можеби ќе го собериш знаењето и искуството и ќе ни се вратиш тука?
Мартин: Минатата година ни на крај памет не ми доаѓаше дека ќе работам во Гласот на Америка и ќе живеам во Вашингтон. Ниту еден човек не може да предвиди што го очекува утре, па така и јас. Ова прашање го оставам на времето, тоа нека покаже.
Читај бе: Што би им препорачал на сите оние кои сонуваат да се преселат во Америка? На што се треба да бидат подготвени?
Мартин: Го охрабрувам секој еден човек, а особено младите, кога имаат можност да учествуваат на било каква програма, размена и слично, да не се колебаат и да го прифатат предизвикот. Животот во САД е школо кое што никаде не може да се научи, освен да се биде тука. Најголемата промена за секој еден што прв пат ќе дојде и ќе живее овде, ќе му биде културниот шок и начинот на живот на американскиот народ, но и функционалноста или нефункционалноста на општеството овде.