Мартин Кочишки е претседател на Младинскиот актив и ученик во четврта година во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола. Годините поминати во Гимназијата ги опишува како најубавиот период во животот каде научил многу за себе. Кочишки – две години по ред е претседател на Младинскиот актив.
Младинскиот актив во суштина е најголемата поддршка од учениците за учениците. Целта на младинскиот актив е реализирање на настани со кои се подигнува свеста за важноста на емпатијата и разбирањето, прифаќањето и поддршката во секоја ситуација во училишната средина, ги решава сите проблеми кои настануваат во Гимназијата, со професори или со ученици. Во Младиснкиот актив се стекнуваат нови пријателства и секој има можност за вмрежување со останатите преку активизам.
Минатата година младинскиот актив победи за најгласна средношколска заедница во Македонија.
Читај Бе: Здраво Мартин, кој е всушност Мартин претседателот на МА?
Мартин: Здраво Читај Бе и благодарам за отстапениот медиумски простор за младите. За мене можам да кажам дека сакам да патувам низ светот, да се запознаам со што е можно повеке луѓе и да стекнам голем број различни искуства. Не сум личност која може да седи затворен дома затоа сакам да уживам во секој момент од животот. Сметам дека реприза на овој живот нема да има – или такви ни се годините.
Читај Бе: Што значи да се биде средношколец?
Мартин: Според мене да се биде средношколец е прекрасен период од животот за развој, откривање на своите таленти и градење на иднина, со позитивни и негативни предизвици кои ја формираат нашата зрела личност. Како и уживање и соочување со тинејџерските денови – постојано се трудам да гледам позитивно на работите.
Читај Бе: Кои се правата и обврските на средношколецот?
Мартин: Средношколците имаат право на образование и безбедна средина, како и обврска да се посветат на учењето и да ги почитуваат правилата на училиштето.
Читај Бе: Која е твојата задача како претседател на Младинскиот актив, активно веќе две години?
Мартин: Улогата која ја поседувам е со голема одговорност за мене, затоа што сакам да го претставам ставот на Младинскиот актив во најдобро можно светло, при тоа да се изборам за проблемите и желбите на моите соученици од сите четири години. Исто така за мене, оваа улога претставува начин да научам нови нешта, да се запознаам со што повеќе луѓе, да се подобрам самиот себе, училишната зедница и да ја претставам Гимназијата во што подобро светло – но, ништо од ова нема да биде успешно ако немам активна поддршка од стручната служба во Гимназијата,професорите, соучениците, членовите на Младинскиот актив, сепак – заедно сме секогаш посилни.
Читај Бе: Што би им порачал на идните и помладите средношколци, затоа што за скоро ќе го завршиш средното образование?
Мартин: Совет за помладите средношколци е: истражувајте, експериментирајте и трудете се да бидете свои. Вашето средно образование е време за откривање на самите себе и учење на многу нови нешта, како треба и како не треба во животот. Верувајте во своите способности и правете го она што ве прави среќни!
Читај Бе: Што прават твоите врсници или воопшто средношколците, дали се занимаваат со неформалното образование?
Мартин: Сметам дека сѐ повеќе млади се вклучуваат во неформалното образование и ги користат придобивките од него. Младите сакаат да се обучуваат, посебно во областа на дигитален маркетинг и медиумска писменост.
Читај Бе: Според тебе, дали учениците повеќе ќе научат во воннаставните активности или класична настава? Зошто?
Мартин: Ефективноста на воннаставните активности споредливо со класичната настава варира во зависност од индивидуалните потреби и стиловите на учење на учениците. Мислам дека редовните часови се надополнуваат со воннаставните активности. И во секој случај, интересно е понекогаш часовите да се надвор од училница.
Читај Бе: Како средношколците да се вклучат активно во општествениот живот?
Мартин: Средношколците можат да се вклучат активно во општествениот живот преку: волонтирање, клубови и организации, проекти за истражување итн.
Читај Бе: Како можат учениците да допринесат за квалитетот на образованието?
Мартин: Учениците имаат многу начини на кои можат да допринесат за квалитетот на своето образование: многу истражување, соработка и споделување на нивните идеи со професорите, ангажирање во воннаставни активности, активности во училишната заедница. Според мене, на овој начин, учениците можат значително да допринесат за подобрување на квалитетот на своето образование и на образованието во целост.
Читај Бе: Дали би сакал да споделиш твое мислење за како треба да изгледа односот професор – ученик?
Мартин: Според мене односот професор – ученик и обратно треба да се гради врз почит и добра комуникација. Мора да научиме да разговараме и да се искажуваме – сите сме луѓе, во суштина ние врвиме низ истиот пат низ кој врвеле нашите професори –одличен спој на младост и искуство.
Читај Бе: Како треба да изгледа еден средношколец?
Мартин: Во суштина, средношколецот е млада личност која е во процес на откривање на себеси и формирање на својот личен идентитет. Енергични, со живост и радост во очите, дотерани трендовски – но пристојно, како што доликува – но сепак секој млад човек сака да ј открие својата индивидуалност – верувам дека овие се тие години.
Читај Бе: Четири години во клупите на битолската Гимназија „Броз“ – како – според тебе?
Мартин: Сметам дека четирите години во клупите на Гимназијата се најквалитетниот период од животот на сите коишто учеле и допрва ќе учат тука. Во суштина, да, многу учење кое ни допринесува во понатамошниот живот како индивидуи, супер дружење, анегдоти… и многу други квалитетни работи. Знам дека од овде ќе ги носам најубавите спомени.
Читај Бе: Некои средношколци од прва година знаат каде ќе ќе одат на факултет, некои одлучуваат во последниот момент – што е актуелно годинава, насока, студенски град, атрактивна држава за студирање?
Мартин: Според неформалните разговори со соучениците повеќето се заинтересирани за медицинските науки, има голем број заинтересирани ученици за архитектура, но и за уметност – некои сѐ уште не знаат каде на факултет и веројатно тоа е нормално – бидејќи, нѐ чека полагање државна матура. Нашата Гимназија има високо реноме на балканско ниво години наназад – гимназијалците постојано освојуваат високи места на меѓународни натпревари. Тренд се словенечките универзитети, австриските, но, секако, актуелни се и македонските универзитети.
Читај Бе: Зошто се толку многу актуелни странските универзитети?
Мартин: Поради придобивките, условите и можностите кои ги нудат за самите студенти, начинот на кој се организирани предавањата и студентскиот живот, друго животно искуство, далеку од дома, можност за поголема самостојност, ако се земе предвид дека средното образование е задолжително. Во секој случај. причините кај секој ученик се најразлични.
Читај Бе: Ти каде планираш да студираш?
Мартин: Во план сум високото образование да го продолжам во Словенија, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите. А, за некаде подалеку во иднината не размислувам, бидејќи сакам се да си тече постепено без планови. Сепак неочекуваните работи во животот се најслатките.
Читај Бе: Како се постигнува да се негува генерацискиот соживот?
Мартин: Искрено е голем предизвик во денешно време, потребно е да се најдат вистински личности со кои меѓусебо ќе се поддржувате во добро и лошо. Благодарение на посветената работа на стручната служба, на професорите успеваме секојдневно да се носиме со предизвиците кои не се поврзани само со училиштето и учењето, мора да ги земеме предвид и надворешните фактори, сите доаѓаме од различни средини, со различни надворешни проблеми, некои од нас се соочуваат со преголем товар за годините – но неопходно е да се разбираме едни со други и да си помагаме, за почеток, доволно е да бидеме љубезни едни кон други.
Читај Бе: Што да очекуваат идните средношколци на ЈБТ?
Мартин: Идните средношколци на ЈБТ треба да знаат дека се запишуваат во најубавата Гимназија во Битола, а слободно можам да кажам и во Македонија од каде ќе излезат со огромно знаење, искуства и можност да се откријат себеси. Ќе имаат можност да одат на размени или летни кампови, многу активности каде ќе стекнат огромно знаење, ќе се дружат и ќе си создадат незаборавни средношколски моменти. Што повеќе за четири години?
Автор на интервјуто: Марија Деловска