Марија Станојоска од Кичево е поранешен ученик во Државното средно музичко училиште во Битола. Своето музичко образование го продолжи во Констанца, Романија, каде што дипломира и магистрира на Музичкиот факултет при Универзитетот Овидиус, од Констанца. Марија денес е професор по пијано и музички дирегент, а освен тоа таа е и професор по клавир и теорија на музика во приватното училиште во Констанца, „Ателје на Уметноста”.
Во светот каде детето уште од најраните години ги има околу себе сите информации кои често ги прима од вештачката интелигенција, потребни се активности низ кои тоа секојдневно ќе се сретнува и со моралните принципи и норми, како и нивната улога во општеството. На детето му се потребни активности кои ќе го релаксираат неговиот мозок, а истовремено ќе го оддалечуваат, барем за момент, од модерната технологија. На тој начин ќе има можност да се спознае себеси и она што се крие длабоко во душата, без влијание од социјалните мрежи, видеата и игрите достапни за деца од најрана возраст.
Една од успешните активности со помош на кои детето прераснува во креативна индивидуа во подоцнежниот живот е музиката. За оваа цел, поразговаравме со Марија Станојоска, која веќе четири години е успешна професорка по пијано и музика во Романија. За Марија, креативноста е најголемата уметност. Таа, освен што свири пијано, декорира, патува, слуша добра музика, обожава да фотографира, убави места со убави погледи, сака море и чиста природа.
Читај бе: Музиката како најголема уметност се смета за најзначајниот учител на најмладата генерација. Кога сме кај музиката и како таа влијае врз духовниот развој на детето, имајќи го предвид целото твое искуство од работата со деца, зошто е значајно децата од рана возраст да научат да свират одреден инструмент, да посетуваат часови по музика или едноставно да се во допир со уметноста?
Марија: Безброј пати сме слушнале дека музиката е медицина и се согласувам со тоа. Секој од нас барем еднаш се соживеал со одредена мелодија која допрела до најдлабоките сентименти, во зависност од ситуацијата. Мојата теорија според која моите ученици остануваат мотивирани е тоа што јас им честитам поради успехот што тие успеваат да „зборуваат” на два различни странски јазици во исто време.
Музиката е една нова лингивстика, па така во една музичка партитура за пијано, во одреден момент, се среќаваме со виолински клуч во десна рака и бас клуч во лева рака. Тоа е исто како да зборуваш англиски и француски, истовремено. Нашиот мозок во тој момент размислува на два различни јазици, па со тоа музиката ни овозможува екстремен тренинг за двете хемисфери.
Во многу од поразвиените држави пациентите, интернирани на неурологија имаат најразлични видови на инструменти во операционите сали и е препорачана активност и свирење на некој инструмент за време на операцијата на мозокот.
Така што, не само што ни овозможува задоволство, музиката и инструметите ни помагаат и при развој на интелегенцијата и концентрацијата.
Читај бе: Си забележала ли како децата ги изведуваат композициите? Што мислиш, го прават ли тоа механички или преку инструментот ги изнесуваат емоциите?
Марија: Секој еден од моите ученици е приказна за себе. Ако зборувам од мое лично искуство, во 4-годишната кариера како професор по пијано, имав премногу интересни „екстреми” кои го надминаа секое ниво на очекувања. Би можела со денови да зборувам на оваа тема, но ќе издвојам еден многу интересен момент. Почетник на 9-годишна возраст, доаѓа на часови по пијано веќе одредено време. Првиот час во принцип го користиме да се запознаеме и да ја научиме базата на музиката и клавирот. Истиот овој „почетник” на следниот час ја свиреше композицијата „Турски марш” од Моцарт од почеток до крај, без никаква грешка. После три месеци, тој ја свиреше „Фантазија” од Шопен.
Нема како да останеш рамнодушен на овие „Чуда од деца” , но исто така ни да очекуваш вакво нешто од секој нов ученик. Се сметам себе си за среќничка бидејќи 98% од учениците ми докажаа дека „енергиите секогаш се привлекуваат”, па со тоа сум благодарна што имав чест да ја работам оваа работа.
Ученици кои се соживуваат со дирките на клавирот не секогаш се оние поемотивни и поемпатични. За едно дете е многу тешко да научи како да искажи емоции, но секојдневно ги потсетувам дека треба да ме направат да го чувствувам она што тие го пренесуваат преку одреден инструмент. За жал, повеќето од нив тоа го прават технички, но сепак се постигнува сѐ со одговорност, практика и желба.
Читај бе: Може ли човек да открие повеќе што се случува со емоциите на едно дете по начинот на кој свири на инструментот?
Марија: На часовите по виола во средно училиште, многу пати мојот професор по виолина знаеше да ми каже: ,,Ајде остави го инструментот и кажи ми што се случи”. Тогаш се прашував како знае што се случува со мене.
Сакам да потврдам дека еден професор може да почувствува многу голем дел од тоа за каков карактер и дух станува збор. Музиката е поврзана со се околу нас и ние самите управуваме со начинот на тоа колку дозволуваме да допре до нас таа „магична” вибрација, а на истиот начин и да го пренесеме тоа. Интерпретирање музика не е осум часовна работа во биро. Тоа што пренесуваш преку допир на секој еден од музичките инструменти е она што го сокриваме во нас, во многу чести случаеви.
Читај бе: Неодамна имавте концерт, организиран токму за помладите генерации, со цел тие да го дадат најдоброто од себе на сцената и да го покажат својот талент. Какво е твоето искуство, стекнато од ваквиот тип концерти?
Марија: Редовно организираме рецитали на кои сите студенти имаат шанса да ги интерпретираат своите дела. Сметам дека овој тип на настани е тоа што не поттикнува да еволуираме и да работиме на себе. Кога станува збор за помалата генерација, кај голем дел од студентите, сценскиот моментот е еден од мотивите, поради кои тие посетуваат часови по пијано затоа што тоа ги поттикнува, мотивира и исполнува.
Гледано од моја перспектива, како професор, секој еден од овие настани е едно ново искуство, нова гордост и многу среќни души. Се радувам кога ги гледам на сцена, се соживувам со нивната страст, трема, желба и нормално горда, што секој од нив прераснува во еден вистински артист.
Секој од нас се чувствува специјално кога е аплаудиран и почитуван поради тоа што го прави, но кај децата таа среќа е посебно акцентирана.
После секој рецитал е момент за еволуција, а студентите после овој настан се полни со желба да се искачуваат едно скалило погоре.
Читај бе: Има ли бурни реакции од децата кои не поседуваат огромен талент врз оние кои се секогаш на топ листата? Како реагираш на ваквите реакции? Што е значајно човек да направи во вакви моменти, со цел да не се изгуби мотивацијата на оние помалку талентираните?
Марија: Кога зборуваме за споредба можам да кажам дека тоа е нешто што од секогаш било и ќе биде дел од нашето секојдневие. Некогаш поголемиот дел од она што го искажуваме во форма на фрустрација е всушност онаа домашна култура која ја поседува секој од нас. Во оној период кога родителите го имаат најважното влијание во нашиот живот, а тоа е детството, тогаш е потребно да ни демонстрираат околу разликите и капацитетот кој е уникатен кај секој еден индивидуално. Секогаш ќе има студенти од оние кои ја носат музиката во својата ДНК и часот магично прераснува во една слободна и интересна дискусија каде што толку природно ја доживуваат музиката и нејзината теорија, што овој дел од студенти сами си ја формираат логиката во својата глава и “им оди од рака”. За жал, од друга страна, доаѓатт и голем број на студенти, на кои им е по тешко да ја разберат тајната на музичката азбука, а во многу случаеви тоа се ученици кои идат на часови по пијано со помисла дека за неколку дена тие ќе свират како некој артист кој го виделе на телевизор или на социјалните мрежи. Тука доаѓа до конфликт со самодовербата на која ние како професори треба пред се да му подариме искреност и поддршка. Да бидеш еден добар професор, значи да бидеш еден добар, креативен и емпатичен лидер, кој со својата работа подарува едукација, знаење и скапоцен пример. Кога зборувам на пример, секогаш се потсетувам на мојата професорка по пијано, од средното училиште. Јас бев тинејџер, а таа беше извор на инспирација што ми помогна да откријам работи за себе. Секогаш изгледаше беспрекорно, дама во секоја смисла на зборот. Некогаш не сме ни свесни колку голем фактор играат некои мали детали од нашето патување низ животот.
Читај бе: Кои се предностите на децата кои посетуваат часови по музика и зошто?
Марија: Истражувањата покажуваат дека свирењето на пијано ја стимулира активноста во мозокот, особено во деловите поврзани со креативност и координација. Учењето да се свири на пијано бара помнење на комплексни песни и музички техники, што го подобрува развојот на меморијата. Има голема улога во самодисциплината со тоа што ги стимулира учениците да бидат посветени и да ги преконсолидираат своите умешности, исто така може да го подобри чувството на самодоверба кај учениците. Преку интерпретацијата на музика и читањето ноти, учениците ги развиваат своите вештини за апстрактно размислување и толкување што ни самите не сме потполно свесни дека тоа навистина ни помага во секојдневниот живот.
Читај бе: Што е она што те исполнува и те прави најсреќна после една успешна реализација на еден концерт?
Марија: Почит и признавање пред се. Успешниот концерт може да го награди музичарот со чувство на почит и признавање од страна на публиката. Ова дефинитивно може да ја засили самодовербата и мотивацијата за идни проекти. Секој успешен концерт претставува вредно искуство и голема поука за музичарот или студентот. Учество на сцената му овозможува на музичарот да комуницира со својата публика и да ги споделува своите емоции и мисли преку музиката.
Читај бе: Како повеќегодишен професор по музика во приватна школа во Романија, што би им препорачала на помладите генерации и на нивните родители?
Марија: Вашата мисија, како професор по музика е едно долго патување преку кое си слободен да се изразуваш преку јазикот на уметноста. Треба да сме благодарни, бидејќи имаме можност да ги воведиме и водиме учениците преку светот на музиката и им помогнеме да го развијат својот талент и љубов кон музиката. Релацијата професор – ученик е една од најважните и интимни врски во образованието. Таа се гради на основа на доверба, поддршка и разбирање. Во мојот случај, станува збор за индивидуална настава, па се разбира и релацијата е многу продлабочена. Во голем дел од случаевите, учениците ти ја даваат титулата на ментор. Лично јас, не би избрала ни една друга професија , бидеќи не само јас што им го предавам моето знаење ним, тие се оние од кои црпам енергија, учам како да се радувам на малите нешта, имам приоритет да уживам во нивните нај различни светови кои секојдневно ме топат на начинот на кој изразуваат љубов.
Колку пати се случува да останам буквално со отворена уста, без да можам да поверувам колку брзо примаат информација и како гледаат на случаевите.
Уметноста на подучување е уметност на помагање во откривањето. Ако детето не може да научи на начинот на кој ние го подучуваме, можеби треба да го научиме начинот на кој тоа учи. Не можете да ја искористите креативноста. Колку повеќе ја тренирате, толку повеќе и ја поседувате.