Откако првите почетоци со цртањето ги направи во Малиот битолски монмартр, младата архитектка од Битола, Маја Златевска Салевска продолжи цврсто да чекори по тој пат и да се насочи кон архитектурата. Таа вели дека младите архитекти денес реално се соочуваат со предизвици и на теми: климатски промени, одржлива архитектура, паметни градови…но, тие пред сé треба да бидат храбри и решителни, да се борат за она што искрено сакаат да го работат, да се надградуваат и да бидат во чекор со секојдневните трендови.
За работата, Маја вели дека ѝ претставува вистинско задоволство, а особено ја исполнува уредувањето на детските соби. Со неа поразговаравме за многу теми, за предизвиците на младите архитекти, за нејзината љубов кон архитектурата, но и за нејзиното хоби – фотографијата…
Читај бе: Маја, најнапред кажи нешто за тебе…од каде желбата да станеш архитект?
Маја: Желбата, интересот и страста за архитектура кај мене постојат уште од детските денови. Малиот Битолски Монмартр за мене беше мој втор дом и со огромно задоволство времето го поминав творејќи на различни теми. Но најмногу од сé сакав да цртам куќи и уште како мала посегнував по нацрт на перспектива во просторот. Дел од моите детски цртежи се објавени во книгата на мојата мајка „Дом во очите”, поддржана од UNICEF. Најголем успех како дете беше освојувањето на Трето место и бронзен медал на Интернационален натпревар за сликарство, во Токио, Јапонија. Со текот на времето, талентот сé повеќе го насочував кон архитектурата, се запишав на Архитектонскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, во Скопје каде во 2011 година ги завршив петгодишните инженерски студии, а во 2019 година и магистерските студии. И двата циклуси на студии ги завршив со одбрана на теми на Катедрата за Проектирање на внатрешна архитектура, под менторство на проф. д-р Иванка Кировска.
Читај бе: Кои се предизвиците за младите архитекти во овие времиња?
Маја: Архитектурата претставува комплексна област каде што се вкрстуваат многу тенденции во развојот на производството, научно-техничкиот напредок, општествениот живот, уметноста, културата и идеологијата. Младите архитекти денес реално се соочуваат со предизвици и на теми: климатски промени, одржлива архитектура, паметни градови и слично. Со овие теми, се дава до огромно значење и на концептот при борба за зачувување на животната средина и намалувањето на зачестеното урбано ширење на градските простори.
Тие пред сé треба да бидат храбри и решителни, да се борат за она што искрено сакаат да го работат, да се надградуваат и да бидат во чекор со секојдневните трендови. Многу значаен момент е донесувањето на одлука, во која област од архитектурата би сакале да творат, дали би било тоа урбанизам, проектирање, внатрешен дизајн, 3D визуалзицаија на простор итн. Архитектурата сама по себе нуди безброј можности, а со тоа и предизвици.
Читај бе: Кажи ни нешто повеќе за твојата работа…што е она што го правиш и колку те исполнува?
Маја: Моето прво работно искуство како инженер архитект го стекнав во мојот роден град Битола, кој плени со прекрасни архитектонски изданија и искрено тоа претставуваше големо задоволство за мене. Првите почетоци ги бележам во 2011 година, во интернационалната компанија Pera Construction со која го проектиравме и изведувавме индустрискиот објект „Kromberg &Schubert”, во индустриската зона Жабени.
Тоа беше голем предизвик за мене, бидејќи проектот беше комплексен за креирање и имплементација. После него следуваше проектот за „Реконструкција и реставрација на Исак Челеби џамија”, повторно во нашиот град. Следуваше сосема различен проект од претходниот , со посебен пристап и третман на историскиот објект, кој претставува културно наследство во нашата земја. Овој пристап пред сé претставуваше значаен процес во третирањето на објекти кои претставуваат архитектонско -културно наследство на едно општество. Процесот во секој поглед беше деликатен и сложен и истиот се разгледуваше од неколку аспекти: социјални, културни, економски.
Среќна сум што и Магистерскиот труд труд повторно беше поврзан со Битола, односно темата гласеше: Мултифункционален културен центар на објект во градска средина, со избор на Стоковната куќа Јавор, дело на битолските архитекти Станко Буторац и Сотир Шундовски. После работните ангажмани кои следеа во градот Скопје, работејќи на проектирање, изведба и внатрешно уредување на стамбено-деловни објекти, од 2018 година работам повторно во мојот град, насочена кон проекти за внатрешно уредување. Работата целосно ме исполнува, со оглед на тоа штого работам тоа што го сакам, а истовремено се трудам да создавам дела, односно простори во кои ќе се чувствуваат среќни и исполнети корисниците на истите. MZ Design Studio,@zlatevska.design е името на мојата instagram страна каде љубителите на внатрешното уредување,можат да ги пронајдат моите дела и презентацијата на мојата тековна работа.
Читај бе: Неодамна учествуваше на Меѓународна научна конференција со научен труд под наслов „Детскиот простор – стимулација во развојот на детето”. Истовремено се забележува дека со посебна љубов ги работиш уредувањата на детските соби. Кажи ни нешто повеќе на таа тема.
Маја: Средината каде што расте и се развива детето, пред сé треба да биде средина на љубов, почитување, внимание и посветеност. Но, покрај тоа многу е важно, колку средината каде што подолго време престојува детето-детскиот простор е стимулативен за когнитивниот, афективниот и социјалниот развој на детската личност. Детската соба треба да биде дизајнирана според возраста на детето, неговите когнитивни способности, интереси, желби и можности. Детскиот простор треба да биде простор за креација, мотивација, едукација, релаксација, забава и социјализација. Успешно уредена детска соба е мултифункционален простор, кој е фактор на стимулација во развојот на дететo.
Трудот е работен според педагошкиот метод Монтесори, развиен од д-р Марија Монтесори и преставува образовен пристап што се темели на многубројни, научни истражувања спроведени на деца во периодот од самото раѓањето до нивното полнолетство.
Мебелот кој го дизајнирала е всушност концепиран со цел децата да го употребуваат независно од возрасните, без нивна помош. Со овој начин на продуктивно функционирање на детето во просторот, децата ќе имаат можност да ја почуствуваат среќата што доаѓа од независноста при нивно функционирање во просторот.
Секоја детска соба за мене претставува нова приказна која од сам почеток се раѓа преку разговор со децата во врска со нивните желби и очекувања.
Морам да признам дека и улогата на мајка која ја имам, уште повеќе ме воведе во истражување на детскиот свет, а со тоа и желбата да го направам истиот посреќно и повесело место за најмалите.Нема поголема мотивација за мене од моментот на среќа кога децата влегуваат прв пат во својата детска соба.
Читај бе: Како архитект, може ли да ни кажеш што е она што е актуелно сега од страна на бои, мебел и слично…
Маја: Од една страна сивите, а од друга кремастите, топли нијанси се актуелни и одлични решенија за основа во ентериерот, со додаток на друга боја во одредени детали, како акценти во просторот. Природно зеленило е секогаш добредојдено и придонесува за свежина во целокупниот дизајн. Во 2022 година значително се зголемува употребата на природните материјали и боите кои нè опуштаат, така што масите, столовите, дури и деталите во вид на ѕидни облоги се зачестен тренд. Минимализам, japandi и boho стиловите, едноставно не излегуваат од мода ни овој период. Индустрискиот стил е сеуше застапен и актуелен.
Истовремено забележуваме зачестена употреба и на црни детали во просторот (во светлечки елементи, рачки, ногарки и сл), како и аплицирањето на мермерни површини е забележано зачестен детал. Ако се повикаме на престижните медиуми за внатрешно уредување и секако професионалците од областа, оваа година беше запаметена и со ентериерни уредувања изработени во знакот на бојата на 2022 година, PANTONE 17-3938 Very Peri.
Читај бе: Што е она што согласно твоето искуство најчесто битолчани бараат за ентериерот на нивните домови? Се чини дека се повеќе може да се види минимализам и едноставни форми и бои во новите домови…
Маја: Битолчани ги следат тековните трендови во областа на внатрешното уредување и најчесто, можам да кажам дека моите клиенти се по потрага на топол дом, чисти форми, минимализам, а пред се функционалност.
Читај бе: Колку те исполнува работата?
Маја: Признавам дека работата за мене претставува вистинско задоволство. Најмногу бидејќи архитектурата е уметност, а да создаваш уметнички дела е огромен предизвик. Посебно сум исполнета кога и ден денес, иако сум во трка со времето како многумина, уживам во моментите кога ги работам рачните скици,преку кои всушност се раѓа идејата за нечиј дом, нечие топло гнездо за живот. Кога сме кај уметноста, со посебна љубов се трудам да ги вклучам и поддржам и лицата кои создаваат уметнички дела, односно уметнички слики, ѕидни мурали, рачни изработки… Оригиналните уметнички дела за мене претставуваат посебна вредност во просторот. Визуелните уметности како продукти на човечката креативност отсекогаш ми биле фасцинантни. Творам под мотото “When space meets art”.
Работата сама по себе колку и да е напорна и темелна, истовремено е инспиративна, те води во свет на имагинација и ти подарува можност за сонување. Затоа секој проект е на некој начин е мој и нечиј сон, да го оствариш во реалноста, секако претставува восхит и задоволство.
Читај бе: Како се чувствуваш кога ќе ја видиш финалната слика?
Маја: Задоволна и исполнета, посебно кога веруваш во нешто што посветено го работиш и гледаш како низ подолготраен процес се создава пред сопствените очи.
Токму таа слика е сликата која прераснува да биде визуелна уметност во иднина.
Таа е колаж koj се обраќа на сите сетила и дефинира целовито искуство на самиот простор.
Читај бе: Гледајќи ги фотографиите може да забележиме дека доминираат пастелните бои…
Маја: На ова прашање би го признала фактот дека можеби јас повеќе сум наклонета кон пастелни бои, топли нијанси, финализирање и удирање на печат на просториите за пријатен и топол амбиент. Клиентите секако се љубители на одредена боја. Секоја боја има посебно психолошко значење, што искрено за мене е многу значајно во процесот на создавање на простор за понатамошен престој. Всушност моја задача и предизвик се да ги спојам нечии желби, односно потребите на корисниците и професионалните вредности на професијата, за создавање на финалната слика.
Читај бе: И за на крај, твоја пасија е и фотографијата…што најчесто сакаш да фотографираш?
Маја: Да, како и сé останато погоре наведено поврзано со уметност, тука веднаш се вбројува и фотографијата како моја пасија. Љубовта кон животот, патувањето и сé она што е разиграно и позитивно околу нас, како и желбата за истражување на убавините на природата, но и архитектурата, отсекогаш претставувале мој најдлабок извор на инспирација и темел на мојата креативност. Ме инспирираат самите улици, тие знаат да зборуваат, самите да раскажат посебни приказни, а фотоапаратот е тука да ги овековечи моментите. Секако пасија ми е фотографирање на архитектонски изданија како во нашата земја, така и надвор од неа. Збирот на моите фотографии се мој персонален дневник, каде се собрани одредени теми кои биле предмет на мојот креативен фокус.
Ви благодарам за Вашата покана да бидам дел од Вашите прекрасни содржини на citaj.be.