Животниот пат во 2011 година ја насочи Маја Мискарова да се пресели од Битола во Дубаи. Иако на почеток со сомнеж, како ќе се снајде во тоа општество како жена, сепак таа сфати дека Дубаи е безбеден град, каде жените се почитувани. За време на короната имаше строги рестрикции во Дубаи, па затоа се врати во родната Битола. Но од 2023 година повторно се заедно со семејството во Дубаи.
Денес Маја работи како Office Manager во компанија каде е одлично примена. Ужива во сите поволности на модерниот свет, на иновациите, вештачката интелигенција која е сеприсутна во Дубаи. Поразговаравме со Маја за начинот на живот во Дубаи, за нејзиното семејство, образовниот систем во кој е интегриран нејзиниот син, но и за летечките такси кои се најавени во Дубаи во 2026 година, а кои со нетрпение ги очекува.
Читај бе: Маја, моментално со семејството живееш во Дубаи, град кој сите нам не асоцира на луксуз, на тоа како би изгледала иднината. Дали Дубаи е онаков каков што сите си го замислуваме?
Маја: Дубаи како туристички град е навистина една од најдобрите опции за совршен одмор со врвен луксуз за каков сите сонуваме, но да се живее таму е многу поинаку. Работната рутина од понеделник до петок ви одзема добар дел од денот исто како и во другите земја но, тука додавате уште 3 + часови во пат од и до работа благодарение на гужвите во сообраќајот. Сето ова дневно ќе ви конзумира околу 11 часови кои ги поминувате надвор од домот така што немате слободно време за дружење, пиење кафе и друг тип на уживање како на Балканот. Позитивно е тоа што за викенд имате безброј опции за излегување сами или со семејството и со рапидниот раст на градот вие никогаш не можете да стигнете да видите се и секогаш има нешто ново да се посети и открие. Но, животот во Дубаи си носи и сериозни финансиски предизвици со оглед на тоа што кириите и училиштата се скапи и две третини од платата ќе ви одат токму на тие трошоци. Станови со две спални во периферија се движат од 1800 евра месечно пa нагоре, а едно средно солидно школо започнува од 10 000 евра годишно па нагоре.
Читај бе: Да почнеме со приказната од почеток… Во Дубаи замина за прв пат во 2011 година. Како се одлучи на таков чекор? Колку беше тешко да се вклопиш во тамошната средина?
Маја: Токму така, во Дубаи заминав во 2011 година сосема случајно и не бев сигурна дали ќе останам зашто како и сите други и јас имав некои предрасуди за ова место пред да го посетам. Мислев дека животот за една жена таму може да биде многу поинаков од кај нас и можеби нема да можам да се прилагодам. Но, за брзо сфатив дека тука жените се многу почитувани и ги уживаат сите права, а најмногу безбедноста. Оваа земја користи ВИ – вештачка интелегенција понапредна од било каде во светот. При самиот влез во Дубаи ги скенираат вашите очи и вие веќе влегувате во системот. Вашата лична карта e smart card со биометриски чип која ги содржи вашите отпечатоци од прсти, дигитален потпис и друго. Токму поради тоа овде не мораш да ја заклучуваш вратата кога ќе одиш на работа или пред да спиеш, а ако го изгубиш новчаникот никој нема да се осмели да ти го земе, зашто сето тоа е регистрирано на камери кои се буквално секаде и веднаш можат да ве пронајдат и секако да бидете строго казнети, а во некои случаи и депортирани.
Читај бе: Во меѓувреме таму го запозна сопругот и го добивте синот Марко… раскажи ни дел од вашата приказна…како се запознавте?
Маја: Мојот сопруг го запознав после само 10 дена откако дојдов во Дубаи на плажата Барасти на која јас отидов со македонско друштво. Тој со еден другар блиску до нас играше тенис. После неколку разменети погледи тој ме праша дали сакам да играм тенис со него јас се согласив иако стварно немав поим како се игра, но ете после тоа тој дојде и ми го побара телефонскиот број. Истата вечер излеговме на вечера во хотелот Мадинат и останатото е историја. Мојот сопруг е Либанец кој уште како дете се пресели во Дубаи. После три години врската ја крунисавме со брак и го добивме нашиот син Марко кој за брзо ќе полни 9 години.
Читај бе: Пред короната се врати во Битола каде живееше до минатата година. Тешко ли ти беше повторно да се вратиш на животот во родниот град? Колку сè беше променето од периодот кога замина во Дубаи?
Маја: Периодот со короната беше многу тежок за мене зашто Дубаи имаше многу строги рестрикции, неколку месеци бевме затворени во своите домови и само на еден член од семејството му беше дозволено два пати неделно да излезе од дома по 3 сати само за да оди да испазарува храна. Дури и слегување на прошетка пред зградата беше незвозможно зашто полициската патрола беше насекаде и веднаш ќе ве вратеа дома или пак ќе добиевте казна. Покрај тоа и мојата работа стагнираше зашто бизнисите навистина страдаа финансиски и тогаш се одлучив да си дојдам во Македонија додека не се среди ситуацијата. Јас сум човек кој работи цел живот уште од завршувањето на средното образование и не можев да останам без обврски, па така се вработив во аутсорс компанија во Битола која работи според светски стандарди и тоа ми помогна да се прилагодам повторно и да се чувствувам како дома. Јас најискрено копнеев и се радував да ги обновам оние пријателства кои го имав во Македонија пред да заминам за Дубаи, но после 9 години отсутност јас сфатив дека не само што повеќето пријатели се заминати надвор, туку и роднините исто така и се осетив многу осамено зашто и мојот сопруг се уште живееше и работеше во Дубаи. Битола не беше воопшто променета, само беше испразнета и тоа ме направи многу тажна.
Читај бе: Впечатокот е дека Дубаи навистина најде големо место во твоето срце. Може ли да ни кажеш што е она што најмногу те исполнува таму? Што најмногу сакаш да правиш, кое ти е најомилено место?
Маја: Можеби е константниот напредок, постојаното менување, растење и развивање на градот, не знам што е точно, но се осеќам дека не можам да се наситам од овој град. Она што ме исполнува најмногу се деновите поминати на плажа, Дубаи излегува на Персискиот залив на Индискиот океан каде водата е топла најголем дел од годината, а во лето знае да е и жешка како во џакузи. Јас обожавам да одам рано наутро на плажа да собирам школки, некоја морска ѕвезда ако имам среќа и да уживам во звукот на брановите. Дубаи е исто така познат по највисоките згради во светот и посетата на истите мене ми причинува посебно задоволство. Еден од најубавите моменти ми беше посетата на Бурџ Калифа, највисоката зграда на светот.
Читај бе: Моментално работиш како Office Manager. Се чини дека навистина уживаш во твојата работа. Како си примена во работната средина?
Маја: Работам како Office Manager во бизнис консалтинг компанија и морам да признаам дека сум одлично прифатена. Можеби тоа е така бидејќи тука сме сите дојдени од некој друг крај на светот и некако природно ни доаѓа да се подржуваме еден со друг. И тоа е една од најубавите работи за Дубаи, тука луѓето со кои работиш тука ги нарекуваат твоето ”Дубаи семејство”.
Читај бе: Што е она што може да ни го посочиш како најголема разлика во работата меѓу Дубаи и Битола?
Маја: Она што најмногу ми се допаѓа тука е што ги уживаш сите права како вработен и се чувствуваш безбедно. Доколку работодавачот сака да те отпушти без причина тогаш според закон треба да ти исплати три плати одеднаш за ти да можеш во тоа време да си најдеш работа, а да не останеш без основни средства за живот. Организациската структура не толерира дискриминација, компетитивност по секоја цена, мобинг и други негативности кои не само што имаат лош ефект врз вработените, тие имаат лош ефект и врз бизнисот. Така што како вработен си сосема заштитен од било какви неправилности, а доколку твојата компанија не ти ги почитува правата постои Министертво за труд кое е секогаш тука да те заштити и да ги гони кривично работодавците и ова го мислам буквално, а не како кај нас каде со врски неправдите лесно се сокриваат.
Читај бе: Нивниот образовен систем е сосема различен од оној кај нас. Може ли накратко да ни раскажеш малку за училиштето, активностите кои ги имаат, какви домашни задачи им даваат…
Маја: Мојот син е трето одделение и учи според американски курикулум. Јас бев пријатно изненадена кога како предмет видов дека имаат Морално образование со една иновативна наставна програма дизајнирана да всади универзални принципи во децата. За домашна работа по овој предмет добиваат задачи од типот да напишат неколку примери кога биле љубезни или помогнале некому, на што се горди твоите родители, како ти ги правиш горди на тебе итн. Дополнително, и наставниците се обврзани да обезбедат дополнителни вредни ресурси и насоки за одржување на ефикасни часови. За разлика од Македонија каде во 4-то одделение треба да изучува предмет сексуално образование, тука учи морал. Ова е нешто што би сакала да го видам и кај нас, наместо сексуално образование да се опфаќаат суштински теми поврзани со моралот, развојот на карактерот и етичкото одлучување. Дигиталното школство и тука е во полн ек, се учи, пишува домашно и се прават тестови преку образовни апликации инсталирани на таблет, домашни се пишуваат само во вторник и четврток и тие треба да се завршат до следната недела, а и не се пишуваат во тетратки туку апликациите во таблетот ти даваат разни комбинации на задачи кои треба да ги решиш само со запишување на одговорот и тие не се исти за сите деца зошто паметниот алгоритам после секоја решена задачи ти нуди нова и секоја следна е посложена во зависност од тоа колку брзо и успешно си ги решил претходните понудени задачи. Ова е нешто ново и за мене зашто до лани учеше во Битола во ОУ „Елпида Караманди“ под раководство на една исклучителна наставничка Лидија Филевска од која бевме презадоволни. Но засега оваа нова дигитална ера во школството кај нас функционира и се надевам да вроди позитивни резултати, но за тоа ќе каже времето. Како родител јас се надевам секако на најдобро.
Читај бе: Предности знаеме дека има многу. Но, дали Дубаи има и маани?
Маја: Би рекла дека има свои слабости да, ете јас живеам на оддалеченост од само 20 минути од моето работно место, а благодарение на гужвата во сообраќајот ми треба час и половина да стигнам и уште толку за да се вратам од работа. Тоа се три часа во денот поминати само на пат. Идеално би било кога тоа време би можеле да му го посветиме на своите пријатели, семејство или деца но, тоа е невозможно тука. Друго, се е оддалечено прилично многу од населбите така што ако сакаш да излезеш во центарот на градот или на плажите тогаш тоа мора да е на твојот слободен ден. Времето е совршено 8 месеци во годината 20 степени навечер и 30 степени денски, но останатите летни месеци се прежешки и влажноста на воздухот е преголема така што поминувањето време надвор од јуни до октомври е едноставно невозможно, зашто поради високите температури и влагата дишењето е многу отежнато.
Читај бе: Ти недостига ли Битола како град, како место за живеење? Би се вратила ли повторно овде да живееш? Покрај семејството секако, што најмногу ти недостига?
Маја: Покрај семејството ми недостига излегувањето со старото друштво, моите пријатели со кои иако сега со некои сме и на различни страни на светот сепак се обидуваме да дојдеме во исто време во Битола за да можеме да се сретниме повторно. Ми недостига и моето сијамско маче кое едноставно го обожавам. Но, душевно ми недостига интелектуалната комуникација со битолчани и битолчанки од кои можеш толку многу да научиш зашто имаат богато сестрано знаење, оние прекрасни личности од кои можеш да учиш и само седејќи на кафе на Широк Сокак или ќе цитирам ”Универитетот Широк Сокак” како што сака да го нарекува еден наш заеднички пријател.
Читај бе: Ќе ни откриеш ли нешто интересно поврзано со Дубаи, а кое те фасцинира секогаш?
Маја: Има нешто на што се радувам да искусам во овој град во блиска иднина. Дубаи е град кој опстојува благодарение на иновативноста, па така неодамна на светскиот владин самит беше објавено дека во 2026 година ќе стартуваат и летачките такси кои ќе може да ги користи секој обичен граѓанин дали за излегување или за на работа. Овие летечки такси се очекува значително да го намалат времето на патување низ градот. Со опсег од 161 км и брзина до 321 км/ч, и потивки од хеликоптерите, ќе придонесуваат за помирна урбана средина и нула оперативни емисии, што ги прави еколошки прифатлива опција за транспорт.