Интелигенцијата е повеќе од само коефициент на интелигенција и вклучува карактеристики како флексибилност, љубопитност и емоционално разбирање. Сепак, некои би сакале да го дознаат својот IQ и да знаат во која категорија се класифицираат. Сега, ја имаат таа можност да го дознаат својот коефициент на интелигенција и да се тестираат во Битола, на 10 јуни во 11 часот во просториите на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во Битола во организација на Менса Македонија.
Како повод тестирањето во Битола, но и како дел од новиот управен одбор на Менса Македонија, поразговаравме со битолчаните Љупчо Мојсовски и Кристијан Јанков кои со самото членство во оваа организација се во високите 2% од светската популација кои исполнуваат критериуми за влез во Менса.
Поразговаравме за Менса, но и за поддршката на талентираните и интелигентни деца во Македонија. Секако, неизбежна е темата за вештачката интелигенција.
Читај бе: Како дел од новиот управен одбор на Менса Македонија, кажете ни нешто повеќе за тестирањето кое ќе се одржи на 10 јуни во Битола. Како да се пријават заинтересираните, за кого е наменето?
Љупчо: Кандидатите е потребно:
– да имаат наполнето 16 години до денот на тестирање,
– да уплатат 500 денари на сметката на Менса Македонија
– од евентуално претходно тестирање да се поминати 6 месеци и да не се тестираат повеќе од третпат.
Кристијан: Самото тестирање се одвива по стандардизирани тестови за интелигенција на Mensa International®, содржи 45 прашања кои треба да се одговорат за 20 минути. Тестирањето во Битола ќе се одржи по 14-ти пат, а пријавувањето може да се направи на google формуларот објавен на Фејсбук страната на Менса Македонија.
Читај бе: Која е целта на овие тестирања? Кои се бенефитите од членство?
Љупчо: Целта на тестирањето е да се пријават лица кои што се љубопитни и за себе сметаат дека се натпросечно интелигентни. Секако, тоа треба да биде потврдено со стандардизирани тестови за интелигенција на Mensa International® и добиените резултати се тајни, односно ги знае само тој што се тестирал. Доколку резултатот е во горните 2% од светската популација, стекнуваат право да станат член на Менса Македонија, а со тоа и на Mensa International®. Бенефитот во најголем дел е чувството на лично задоволство, да се биде дел од елитното друштво од горните 2% од светската популација според IQ. Локалните ограноци на Менса постојат за луѓето со висок IQ да се организираат и да се вклучат во процесите во државата.
Читај бе: Колку членови од Битола има Менса Македонија?
Љупчо: Од почетоците на Менса Македонија досега, околу 1000 лица во целата држава го положиле тестот и стекнале право да бидат дел од организацијата.
Кристијан: Во моментов, од Битола има 7 добростоечки членови, односно членови кои ја платиле членарината.
Читај бе: Како котира Менса Македонија со своите членови споредено со останатите организации?
Љупчо: Mensa International® има строги критериуми кои што треба да се исполнат за да се добие статус на полноправен член. Новиот управен одбор на ММ, заедно со претседателот Илија Стевков, се нафати на овој предизвик за да се решат организациските слабости коишто досега ги имаше во функционирањето. Пред нас има многу работа, но сепак сме оптимисти дека ќе ги придвижиме работите кон подобар статус на Менса Македонија во глобалното друштво на Mensa International®
Кристијан: Според статистиките на Mensa International® и бројот на членови на милион жители, Македонија се наоѓа некаде на средината што кажува дека нашиот потенцијал сé уште не е достигнат.
Читај бе: Кажете ни нешто повеќе за личното искуство…колку време сте членови на оваа организација и што значи членството за вас?
Kристијан: Член сум на Менса Македонија уште од првото тестирање кое се одржа кај нас во 1999-та година. Покрај контактите и дружењето, надвор од организацијата можам да кажам дека членувањето во Менса Македонија секогаш привлекувало позитивно внимание на интервјуа за работа и секаде каде што ќе се отвореше темата.
Љупчо: Тестот го положив во 2001 година, кога за првпат се организираше тестирање во Битола. Почна како љубопитност, но кога стигнаа резултатите бев задоволен од постигнатото. Добростоечки член (член кој што ја има подмирено членарината за тековната година) станав во 2022 година.
Читај бе: Дали талентираните и надарени деца кај нас имаат соодветен третман? Како да се подобри односот кон овие деца, да им се овозможи иднината која ја заслужуваат?
Љупчо: За жал, тука сме далеку од развиените земји. Таму постои систем којшто овие деца ги таргетира од предшколска возраст. На децата им се определуваат посебни наставни програми, тимови од психолози и ментори кои се задолжени за нивниот напредок. На Олимпијадите по природни науки и математика, децата од, еве ќе ја споменеме Кина, се појавуваат со тимови од по минимум 5 луѓе кои ги менторирале по 5 и повеќе години, а нашите деца се соочуваат со финансиски проблем како да учествуваат на нив, па неретко се случува трошокот да падне на товар на родителите. А кога ќе се видат резултатите, воопшто или пак многу малку заостануваме зад нив. Значи талентот и интелигенцијата ја имаме, само треба институционално да ги поддржиме, за да не ни заминуваат во странство на 16-18 години и никогаш да не се вратат назад. Нашата цел, како Менса Македонија е да ги придвижиме процесите во државата и да ги поддржиме и охрабриме ваквите деца.
Kристијан: Како држава, талентираните деца воопшто не се перцепираат и немаат никаков посебен третман и на тоа поле треба да се работи уште многу. Еден од начините е да се активираат повеќе „секциите“ по училиштата каде што децата кои се талентирани во различни области ќе може да го продлабочат своето знаење
Читај бе: Што би им порачале на родителите, како да ги препознаат идните генијалци? Што препорачувате за развивање на интелигенцијата кај помалите деца?
Љупчо: Високо интелигентните деца од најмала возраст пројавуваат различни интереси, различен начин на размислување од другите. Вродената интелигенција, без работа и константно учење не може да се развие. Децата треба да се остават да експериментираат, да ја развиваат својата креативност и фантазија. Да се искористи интелигенцијата значи да се размислува out-of-the-box, надвор од веќе воспоставените шаблони, да се бара решение на поефикасен и поедноставен начин од оној кој што веќе е понуден и достапен.
Кристијан: Родителите треба да им посветуваат време на своите деца и да ги поттикнуваат да истражуваат и да се образуваат без притоа да се оптеретуваат дали се „генијалци“ или не. Секое време поминато со децата на крај ќе има позитивен ефект. Не сум педагог, па не би можел да дадам универзален одговор, но како родител сметам дека децата, и помали и поголеми, треба да се поттикнуваат самите, или со минимални сугестии, да истражуваат и да носат заклучоци, кои не секогаш ќе бидат точни. Но и на грешките се учи. Така ќе развијат способност за критичко размислување кое подоцна ќе може да го применуваат во секакви ситуации, а во крајна линија интелигенцијата е способност за справување со непознати ситуации во кои методичниот пристап ќе им помогне.
Читај бе: Кое е вашето мислење за експанзијата на вештачката интелигенција и дали таа би имала негативен ефект врз човештвото? Сепак, вештачката интелигенција е резултат на природната интелигенција на човекот…
Кристијан: Вештачката интелигенција во суштина е уште една алатка, како компјутерот или плугот, која човештвото може да ја искористи и за позитивно и за негативно. Она што човештвото ќе треба за брзо да го научи е како да распознава содржини креирани од ВИ, а како од човек и така да не потпаѓа под лажни вести кои несомнено ќе се зголемат.