Замислете книга која земате да ја читате и знаете точно колку време ви е потребно за да ја прочитате. Токму во книгата „ОбојОбојОбој“ на битолчанецот Јордан Николов се применува методот Бјордан – техника за одредување просечно времетраење на едно книжевно дело. Накусо: тоа е времетраењето потребно за едно книжевно дело (во овој случај – расказите) да се прочита во вообичаени, секојдневни околности. Битолчанец, книжевник и диџеј – Николов е активен протагонист во културното живеење на Битола со години наназад. 3 децении е активен на клупската сцена како диџеј, а како што самиот вели, еден од најдобрите моменти како писател е кога на „Фејсбук“ видел објава од неговата внука Екатерина каде вели дека омилени писатели ѝ се: „Џ. К. Роулинг и Јордан Николов“. Николов е личност во градот која го познава урбаното и културно живеење на Битола во самата срж, а разговорот со него може само да ви го разубави денот и да ве натера да размислите за нешто што одамна фатило пајажина. Токму затоа, поразговаравме со него за книгата „ОбојОбојОбој“, за диџејството, пишувањето, инспирацијата, Битола и нејзиното културно живеење…

279141514 10160448379279298 7105260062664123469 n

Читај бе: Во мај годинава ја промовираше книгата „ОбојОбојОбој“ во издание на Арс Либрис. Она што секому му паѓа в очи е токму насловот. Ќе ни го откриеш ли значењето?

Јордан: Првичната намера (кога се думав како да ја насловам збирката раскази) ми беше да биде: „Обој!“ (глагол во императив) кој го сметав како соодветен за конкретната друштвено-политичка состојба во која се наоѓавме во периодот кога требаше да се издава книгата – 2021 (а во кој сè уште се наоѓаме): пандемија, светска економска криза, и генерално – општо пукање по шавови на една општествена парадигма – а јас сакав да фрлам „боја“ врз целото сивило кое нè опкружуваше – кога (изговарајќи го наглас, дома, пред компјутер) сфатив дека во него има простор за игра на зборови на три нивоа. Имено: да обоиш нешто на македонски јазик, кажано набрзина и три пати на англиски јазик значи лелекање (Oh boy! Oh boy! Oh boy!) – што исто така одлично соодветствува со општото расположение во светот, и трето: со оглед на тоа дека уметничкото име како DJ ми е B.Boy – и таму, по  звучност, го имаме бој. Така се одлучив на „ОбојОбојОбој“ – што би требало, во исто време, да повикува на очаен повик „Дајте да си ги обоиме животите“, и ЛелеЛелеЛеле – лошо ни се пишува!

284466790 958354111471899 5830149976423534714 n

Читај бе: Дали оваа збирка раскази е твое дебитантско прозно остварување?

Јордан: Па, фактички, ова не е мое книжевно првенче… Во 2017-та, во склоп на „Скопје Креатива“ фестивалот, мојата збирка раскази „Играчките на д-р Бре“ беше издадена – и тоа беше пишаната премиера. Во прилог на книгата беше поместено и CD со скици од моја авторска музика, како и четири ремикси на некои од моите раскази напишани од мои драги пријатели (меѓу кои и рецензентот Илија Упалевски)… Расказите беа намерно пишувани на битолски дијалект и книгата излезе во таа форма (и за тоа сум им многу благодарен на членовите од уметничкиот тим на фестивалот што го одобрија проектот). Сепак, така издадена книга има една тежина и стриктно ограничена платформа за дострел, а сосема друга приказна е кога една од најголемите и најплодни издавачки куќи во Македонија ќе оценат дека делото ти е вредно и одлучуваат да ти го издадат. Така: „ОбојОбојОбој“ може да се каже дека е прописната дебитанска збирка раскази (лекторирано, проширено и дополнето издание) преку Ars Lamina.

281754745 10160489362929298 3631938042360368812 n

Читај бе: Она што е интересно во оваа книга е што се применува техника за одредување просечно времетраење на едно книжевно дело, што секако е нешто невообичаено кај нас….

Јордан: Книгата е замислена, и е конципирана да потсетува на музички албум. Откако паметам за себе сум сакал да бидам тапанар во некоја група (и бев – некое време – во една група додека бев средношколец) и животна цел ми е да издадам носач на звук (и тоа, ќе мора да биде – на плоча). Така, кога збирката раскази почнуваше да се крчка кај мене во главата, и да ги поприма контурите – ми текна дека секој еден расказ би требало да измерам колку време ми е потребно за да го прочитам (исто како што покрај секоја музичка нумера на компакт-дискот, плочата или на YouTube има назнака колку време трае истото). Значи, ќе си уклучев штоперица и ќе почнев да си ги читам расказите со некое темпо кое го сметав дека е со средна вредност. (Ни пребрзо – оти се мои твoрби и знам што следува во текстот, ниту пребавно, едноставно – некако насредина.) Интересно (а мора да признам и дека се гордеам) е дека ова техника за одредување на времетраење на еден текст ми светна пред 2017-та (доказ за тоа е „Играчките на д-р Бре“ и неговото датирање) е своевиден мој „трејдмарк“. По некое време (сосема случајно) налетав на еден новински напис дека во некој град во Белгија (или, Франција – не се сеќавам) на автобуските постојки поставиле некаков вид автомати кои печателе кратки прозни дела (по формат и должина на поголема фискална сметка) во зависност од тоа колку време конзументот имал на располагање или време за тепање додека го чека автобусот. На пример: гледаш дека до следниот автобус имаш седум минути и четириесет и седум секунди па разгледуваш од „менито“ на автоматот кое дело е со приближно толкаво времетраење и кликнуваш да ти се испечати. Види, мајката – си реков, и се озарив. И една многу добра пријателка (ако не и најдобрата) таа метода (тогаш, во 2017) ја применила во описот на деловните мејлови кон потенцијалните клиенти – дека времето кое ќе треба да го посветат на понудата им е назначено во subject-от на мејлот. Ми рече дека резултирало со многу успешни зделки. Сега, гледам, како коментар за многу содржини на интернет во заграда стои и „reading time“. Пионир бев и во Титово време 😊. Расказите се пишувани во распон од 2002 (кога за првпат добив награда во „Студенски збор“ на конкурсот за краток расказ) па сè до неделите непосредно пред книгата да излези од печат. А инспирација и информации црпев (исто како и секој еден од нас) од: Акаша.

284602211 1036582163618481 1220917754787729843 n

Читај бе: Уште поинтересно е што расказите во оваа книга се замислени како музички секвенции, како плоча, а и самата корица е специфична – грамофон…

Јордан: Заедничката нишка (конципираноста како да се музички секвенци во функција на албум – затоа има и intro и оutro дел во збирката) и нивната поврзаност и потенцијал да можат да творат поголемо дело/приказна – верувам дека ја образложив во претходниот одговор – но исто така – пристапот го проширувам и продлабочувам, а за кој, се надевам, ќе имаме прилика во иднина да разговараме… Жанровски, и со книжевен јазик (искрено) никогаш не сум се помислил како би ги дефинирал. Сметам дека се од широк дијапазон (од сатирични, романтични, комични, дневнички… Оставам на книжевните критичари да ги стават „во фиоки“ доколку сакаат…) Веќе претходно (неслучајно) го нафрлив пристапот remix на литературно дело – по тоа би сакал читателите да ме одделуваат од другите автори.

284177307 420232893013850 5687549026527485228 n

Читај бе: Неизбежното прашање – инспирацијата. Каде сé ја пронаоѓаш? Можеби во секојдневието?

Јордан: Мислам дека сите автори, врти-сучи, всушност, цело време пишуваат за себе (односно за слоевитоста и комплексноста на нашето битие и како тоа е во корелација со останатите души – без разлика дали се проектираме во машки или женски лик, во ова или она епоха, или на ова географска одредница или во онаа далечна галаксија). Јас не сум исклучок. Сè уште не сум начисто дали способноста сè да се забележува во секојдневието е дар или проклетство. Некако, како што одминува времето, и како повеќе се култивираш – сè полесно ги „скенираш“ ликовите кои продефилуваат низ твојот живот: мили луѓе, фејкери, љубови, фејк-љубови, енергетски вампири, манипуланти, психопати… Со што доаѓам до одговорот за тоа кои личности се опфатени во книгата.

Читај бе: Битолчанец, книжевник и диск-џокеј. Ова е описот за тебе во најавата за книгата. Има ли некој редослед на она што најмногу те опишува?

Јордан: Хмммм… Има една нејаснотија во прашањето, а тоа е констатацијата дека сум битолчанец. Како што велеше Борхес (да го парафразирам): „…го среќавам името Борхес на писмата кои ги добивам, на поканите за предавања, на сметките. Така и ми се обраќат луѓето на улица, комшиите… ама кој е тој Борхес? Дали сум јас тој истиот?“ Се осмелувам за ваква паралела со генијалецот од Аргентина од проста причина што – да, навистина – јас сум битолчанец, ама Битола никогаш не ја доживеав како мој дом. (Жалам ако сограѓаните ќе ме мразат поради ова). Го обожавам градот – ама со претежниот (мало)граѓански менталитет сме као масло и оцет. Не се мешаме. (Еве јас нека бидам оцетот). Значи: редоследот по кој се дефинирам би била: Диск-џокеј (сепак ми е прва и најстара пасија – годинава славам и 30 годишен јубилеј), па писател (немам дипломирано „Општа и компаративна книжевност“) па, потоа, ахм – битолчанец.

302654809 630214171960877 1965507088896296714 n

Читај бе: Што беше пресудно за да започнеш да пишуваш, а не само да читаш…

Јордан: Желбата за пишување се појави како последица на случајно забележан конкурс за краток расказ. Сериозно. Никогаш во животот немав никакви литерарни обиди (ако не се сметаат дневничките записи кои ги водев во средношколските денови – од чисто прагматична, и себична, природа: веќе еднаш, да увидам по ѓаволите! кој сум и што сакам). Да, студирав компаративна книжевност, и да – читав туѓи дела кои ме фасцинираа и фрустрираа во исто време. Никогаш нема да бидеш толку добар – запаѓав во патетично самосожалување типично за секој кој се соочува со резултат на пресовано книжевно уметничко дело во форма на скапоцен камен. Пресовано од истите фактори кои се потребни и за дијамант: притисок и време. Тогаш, ниту сметав дека сум под соодветен притисок ниту, пак, дека имам доволно време нешто (вредно, или невредно) да излези од мене. Значи: само читав и ништо не пишував. Ни поезија, ни расказ, ни книжевна цртичка ни бутур. Ништо! (А читав од не толку богатата, ама одбрана библиотека на мајка ми – од неа доаѓа инфицираноста). И тогаш (во 2002) го видов конкурсот за краток расказ во студентското гласило и си реков „Ај бе да пробам…“ Кога ми се јавија (на фиксен телефон) дека сум добитник на откупна награда скокав од радост. Следната година пак освоив откупна награда во истиот весник, а после тоа со години (6-7) објавував колумни и кратки раскази во еден локален, битолски неделник „ЕГО“.

За најзначаен момент (од мојата досегашна писателска кариера) би бил мигот кога на „Фејсбук“ видов објава од внука ми (Екатерина) каде вели дека омилени писатели и’ се: „Џ. К. Роулинг и Јордан Николов“.

Читај бе: Дали расказите се нешто преку кое најдобро можеш да ги искажеш твоите мисли? Дали можеби имаш некој поетски обид?

Јордан: Да, најчесто пишувам раскази, но и афектни статуси на социјалните мрежи (од кои после го црпам битниот момент, и ги претопувам во нешто поголемо – доколку, се разбира – има материјал). Поезија пишувам чисто од зезање. Сериозно. Се обидувам да пишувам најлоша поезија која можам да ја смислам колку да се орасположам, бидејќи имам впечаток дека секој втор денес се дрзнува да пишува (и објавува) поезија мислејќи, притоа, дека тоа е најлесниот книжевен вид каде можеш да блефираш дека „не си сфатен“ и затоа не ти го ценат делото. Проклето тешко е да се пише добра поезија! Ама затоа е и проклето забавно да пишуваш лоша поезија (еден од животните предизвици ми е и да уредувам едиција Најлошите песници – денес!). Роман имам еден, необјавен, и – да, е в компјутер. Влезе во потесен избор (од 5 ракописи) на ланскиот конкурс на „Темплум“ за Новите! 2021 – ама не победи… Се разбира дека читам и раскази и романи од македонски автори (воопшто не заостануваме квалитативно зад актуелните раскажувачки трендови) и тука би сакал да оддадам особена почит на македонските издавачи кои им даваат шанса и ги афирмираат домашните автори (си знаат кои се)… 😊

Читај бе: Во Битола си познат и како DJ, често си присутен и на јавни настани…а спојот на книгата и музиката се чини дека е природен…

Јордан: Јас мислам дека врската на книгата со музиката е исто онаква каква што е врската на книгата со виното, сирењето и пршутата. Иста каква што е врската на книгата со планината или со Преспанското езеро. Книгата има врска и со бившите. И со велосипедот. Врската на книгата со музиката е исто онаква каква што е врската на музиката со книгата. Сакам да кажам: сè е поврзано. Писателите не живеат во лабараториски изолирани и стерилни околини каде се во допир само со книжевни дела и само со нив комуницираат. Сè е испреплетено и тежнее да постигне (посакувана) хармонија оформено во уметничко дело. Така и ова мое дело. Би можел да предложам еден куп артисти и музички правци кои по атмосфера би се сакале со тоновите во книгата – но интервјуто тогаш би попримило форма на еп. Еве (ќе си земам слобода, и ќе ја искористам приликата) па ќе им предложам на потенцијалните читатели да им дадат шанса на моите авторски музички скици кои можат да се слушнат овде: https://soundcloud.com/byordan

304595556 171735718721106 5992081798795429017 n

Читај бе: Колку време си дел од клупската сцена како диџеј? Преферираш ли конкретно некој музички стил или тоа зависи од самиот настан, настап, расположение…

Јордан: Пресметувам дека од 1992 досега се сториле 30 години како сум активен на клубската сцена како диџеј. Никогаш жанровски не сум сакал да се ограничувам и профилирам – од проста причина што музиката ја делам на добра и лоша, и затоа што сметам дека е исклучително еднолично, мрзеливо и неинвентивно некој диџеј да се „запне“ во само еден музички стил (па кога одите на негов настап доживувањето ви е како да сте во предобар и преснабден бар, а шанкерот да ви дава да пијете само џус – оти само тоа знае да ви го послужи, а вие сакате да пробате од целата понуда) – па затоа на моите настапи можат да се слушнат  house, electro-pop, electro, space-disco, techno (но вистинско, а не она што луѓето кои сакаат да оцрнат лоша електронска музика го нарекуваат како техно), преку hip-hop (неколку години работев и како радио-водител, уредник и DJ во една локална радио-станица) па до garage, drum and bass и indie-rock траки… Затоа секогаш на ди-џеј настапите одам наоружан со неколку тера-бајти музика бидејќи исто колку што сакам да ја изненадувам публиката со мојот музички избор (и правецот во кој ќе се движи приказната) – исто толку сакам и самиот себе да се изненадувам. Затоа: на присутните ќе им биде сервирано по нешто од погоре споменатите жанрови…

Читај бе: Ти си дел од културното живеење на Битола со години наназад, дел си од самото јадро…Што мислиш каде сме сега? Треба ли да сфатиме дека од нас треба да има придонес во заживувањето на градот?

Јордан: Да, факт е дека во моето досегашно живеење во градот може да се каже дека сум активен протагонист во културната сфера. Активен DJ, колумнист и писател во локален неделник, радио-водител и уредник на сопствена емисија, соработник како turntablist во првата постава на „Foltin“ и „Љубојна“, (кратко) сопственик на книготека на Широк сокак. Би сакал да можам да кажам дека сум задоволен од случувањата, квантитетот и квалитетот на културните содржини кои ни се нудат – но тоа едноставно, за жал, би била лага. Општеството е систем на врзани садови, и во клима каде буквално во сите аспекти нашето живеење во Македонија е гребење по дното (попрецизно би требало да се нарекува „преживување“ и при таква олимписка дисциплина постојано – како нација – би освојувале злато) изолирање и величање на прашањето околу културниот живот би било, во најмала рака, дегутантно. Луѓето се борат за гола егзистенција. Сведочиме на комплетна девалвација на сите морални норми, извитоперување и демонизација на традиционалните вредности, анулирање на секакви квалитети и авторитети кои како население го имаме. Отапеност, летаргија, безнадежност и бесперспективност се состојките кои граѓаните ги мешаат со лажица заедно со нивните утрински кафиња. Не сум дефетист. Само сум реалист. Мојот придонес со книжарницата (во која прво работев, па је презедов) и мојот литерарен труд – преку оваа книга – не мислам дека не резонира на позитивен начин во заедницата (инаку не би го правел). Секојдневно добивам добар фидбек. Колкав и да е бројот на корисниците.

Нема предавање.

    Како времето влијае на спиењето и одморот
    Промените во температурата, воздушниот притисок, влажноста на воздухот и врнежите влијаат врз …
    Совети за детоксикација на Вашиот живот
    Вашата околина е еден од најважните фактори за вашите хормони, како и …
    Напишете коментар

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

    Претплатете се за новости

    You May Also Like

    Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

    Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

    Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

    15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

    Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

    Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

    Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

    Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…