Битола и нејзината околина, несомнено се централно сместени кога се говори за македонската музичка сцена.
Најголемите македонски музички имиња потекнуваат од Битола, или го стекнале своето образование токму во Битола.
Листата на имиња е навистина многу долга, па затоа во влезот на новата година сакав акцентот да го ставам на музичката компилација „Битола е градот“, чиј идеен творец е Илија Талев.
Пред нова година се случи промоцијата на албумот, на кои се сместени 22 композиции од битолски познати музички имиња: Кристо Роџевски, Љубојна, Фолтин, Пијан Славеј, Паркети, Pumpers, Code 369, Сашо Поповски, Sweet Rapscallions, Димитра, Марија Плава, Corrosion, Three Minutes In The Rain, Мазно Ама Не Е, Molokai, The Government, Вел, Sound Waves, Кактус, Lucent, Спанк и Музак.
Кога станува збор за музичко случување во градот, Илија Талев е буден, по тој повод Читај бе го направи ова интервју одблиску за младите да го запознаат и да се инспирираат од неговата оригиналност.
Читај бе: Успеавте на едно место да ги соберете бендовите/изведувачите кои се единствени на македонската музичка сцена и со единствен призвук. На почеток кој е Илија Талев?
Илија Талев: Илија Талев е едноставен семеен човек, наутро полн со емпатија, разбирање, оптимизам и необична смисла за хумор, а навечер полн со креативни идеи и поставени цели спремни за реализација. Понекогаш, за реализација на истите тие идеи не се доволни ниту 24 часа на ден, 30 денови во месецот или 365 денови во годината. За да сето тоа биде остварливо, Илија Талев измисли две свои алтер ега, кои му помагаат за реализација на истите. Едниот работи на полето на модата и уметноста во склоп на Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“, додека другиот под името „Ile The Hair“ се занимава со музика и само со музика. Понекогаш, балансирањето помеѓу едно до друго и трансформацијата од едно во друго алтер его е тешко, но тоа е единствениот начин на функционирање засега. За да биде сето тоа така едноставно, единствен виновник е моето семејство кои во даден момент на креативна криза се вистински ветер во мојот грб, така што и тие имаат голема заслуга во реализацијата на кој било проект, кој бил ставен на дневен ред.
Читај бе: Успеавте на една компилација да сместите повеќе современи музички жанрови, повеќе или помалку познати на широката јавност – како треба да се слуша музичкиот избор кој го направивте?
Илија Талев: При самиот избор на композиции внимавав избраниот музички материјал на некој начин да кореспондира помеѓу себе, односно заради жанровската шареноликост на некој начин да има некаква музичка симбиоза т.е. одредени музички теми да бидат складни помеѓу себе, нешто што е многу важно (и тешко за реализација) кога станува збор за музичка компилација од ваков вид. Сето тоа го прави лесен за слушање и прилагодлив од еден во друг музички жанр.
Читај бе: За вкусови не се коментира, но кога станува збор за битолчани, не како некогаш, но тешко проаѓа музичкиот актуелен кич. Што мислите вие?
Илија Талев: Да не се лажеме, кич имало отсекогаш и ќе го има и понатаму. Но, од друга страна, можеби е и потребен за да сами по себе се издвојат вистинските вредности, а битолчани знаат да ги препознаат. Во одредени ситуации на шега кажувам дека: „Понекогаш слушам кич музика, за да знам што не треба да слушам“, што и не е далеку од вистината.
Читај бе: Каква е вашата анамнеза за македонската музичка сцена, во која битолчани се во централен план?
Илија Талев: Без разлика за каква музика станува збор битолчани секогаш биле во преден план. Најнов пример за ова што го зборуваме е новогодишната програма на националната телевизија каде и во забавниот и во народниот програмски дел, главно и централно место земаа битолчани. Со оваа компилација потврдивме дела и во поп-рок музиката сме важна карика во создавањето на целокупната музичка слика во државата, а исто така и електронската музика започнала да се создава прво во Битола, така што…
Читај бе: Со компилација на одреден начин им направивте промоција на бендовите. Каде се изгуби музичкиот маркетинг?
Илија Талев: Можеби никогаш не ни постоел. Самите изведувачи се препуштени сами на себе. Тие се и автори и изведувачи и менаџери. Тоа е можеби еден од поголемите проблеми кога станува збор за промовирање на домашна музика. Немаме национална издавачка куќа, која ќе ја негува домашната музика. Во печатените и електронски медиуми има многу мал простор (да не речам дека скоро и да нема) за промовирање на домашна музика или таа се промовира во касните вечерни саати заради исполнување на законската регулатива. Затоа еден од условите при создавањето на оваа компилација беше избраните песни да бидат исклучиво на македонски јазик (таму каде што не е таков случај или изведувачот творел на друг јазики или станува збор за инструментални композиции). Голем дел од групите кои се составен дел од оваа компилација, со свежи штотуку продуцирани снимки иделе на места каде сум промовирал музика и ми ги нуделе да ги вметнам во сопствениот сет за таа вечер. Од таму ми е и идејата да ја направам оваа компилација. Од друга страна, при некакви неформални разговори со млади изведувачи дознавав дека истите имаат недоволно познавања првенствено за домашната музичка сцена, истите тие не знаеле кој е еден Славе Димитров. Токму затоа е направена оваа компилација, за да се избегнат од заборав еден куп локални групи, кои биле сведоци на едно време во кое твореле и живееле достојни за почит за направеното, а на сметка на некои идни изведувачи кои треба да продолжат, а зошто и да не ги надминат нивните врвни остварувања. Ме радува фактот што во последните две години во новогодишната прослава во градот се избираат само локални изведувачи, потег што треба да се поздрави.
Читај бе: Ако се вратиме во минатото, во Битола имаше локали каде се изведуваше музика за сечиј вкус и се знаеше кој каде излегува, и така се создаваше „името“ на личноста. Каква е сега ситуацијата?
Илија Талев: И понатаму има локали кои држат до свое, но за разлика од порано каде секој локал си имаше своја клиентела, денес работите се малку разводнети. Денес во секој локал во една вечер може да се случи да биде истата клиентела. Така што, со тоа поголем проблем би можеле да имаат самите изведувачи, затоа што ќе им треба време да се прилагодат на публиката. Сопствениците знаат понекогаш да скршнат од имиџот кои го создале за својот локал, но се надевам дека тоа е од економски оправдани причини. Сепак, целта ги оправдува средствата.
Читај бе: Ја водите Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“, за што точно станува збор, која е нејзината мисија и визија, со оглед дека овие три именки се особини на Битола?
Илија Талев: Токму тоа. Само сакав тие три особини да ги поставам на пиедестал кој одамна го заслужија. Кога почнував со работа со „Метрополис“ во државата немаше модна сцена и токму таму ја насочив целата своја енергија. За брзо време Битола стана носечки моден центар не само во државата, туку и во регионот. „Модната Недела Битола“ стана препознатлив бренд во градот и во државата повеќе од 10 години. Фактот дека модели од нашата Агенција беа составен дел од „Љубљанската Модна Недела“ неколку години само го потврдува нашиот квалитет, а со учество на странски модни имиња на „Модната Недела“, разни мултимедијални проекти, спотови, модни едиторијали на носечки списанија во државата беа уште една потврда за нашиот квалитет. Сето тоа го плаќав од сопствен џеб и не жалам за тоа. Благодарен сум на сите модели што продефилираа низ Агенцијата и заедно направивме потфат за неверување. Тешко дека тоа може некој во блиска иднина да го повтори тој успех, од една проста причина, тоа што кај нас не постои модна индустрија и не постои професија наречена модел. Се додека е тоа така, не ќе можеме да се подмрднеме од нулта точка. Но, како што велат, надежта последна умира. Што се однесува до музиката, ова е прва компилација од предвидените три, така што, може да се каже дека во оваа бранша само што започнавме со реализација на нашите идеи. Секако дека и на други полиња во уметноста и културата имаме започнато неколку идеи што допрва треба да се реализираат, но за тоа потоа.
Музичката компилација „Битола е градот“ е проект на Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“, а во издание на Центарот за култура од Битола. Ова е втора заедничка соработка после албумот „Метрополис“, на проектот Музак во 2017 година.
Албумот е достапен за симнување на платформата „Bandcamp“ на овој ЛИНК.