Проблемите на една заедница секогаш има начин за да се решат, особено ако има светли точки кои ќе го поттикнат тоа. Млади лица кои ќе се борат за каузата, ќе даваат сé од себе и со својата лична успешна приказна ќе ги мотивираат другите да не се откажуваат и да чекорат кон подобар живот кој секој го заслужува.
Еден таков пример е Ферзије Асаноска од Битола, млада Ромка која со она што го прави, покажува дека сé е возможно, само треба цврста волја. Волонтира уште од мали нозе, основното и средното образование ги завршува како одличен ученик, а од минатата година е дипломиран економист на Економскиот факултет во Прилеп, каде планира да продолжи со магистерски студии.
Како печат на она што го прави Ферзије е годинешната награда за волонтер на годината во Општина Битола, но и херој на годината од Македонија на ниво на целиот Балкан прогласена од БИРН.
Поразговаравме со Ферзије за добиените признанија, нејзините почетоци, работата со ромската популација, нејзината мотовација за младите Роми, но и нејзините планови во иднина.
Читај бе: Ферзије, неодамна ја доби наградата за волонтерство по повод Меѓународниот ден на волонтерите, а деновиве беше прогласена и за херој за 2022 година од страна на БИРН. Што значат овие признанија за она што го работиш? Кој е мотивот што ти го даваат за да продолжиш по истиот пат?
Ферзије: Овие признанија ми се од голема важност и секако ми дават дополнителна мотивација да се вложувам во активностите за заедницата, а признанијата сами ќе се нижат. Првата награда што ја добив е за волонтер на годината од Локалниот совет за волонтерство во општина Битола. Јас сум прва млада Ромка која е добитник на оваа награда и се надевам ќе сум поттик за останатите млади активно да се вклучат во активности за заедницата, да бидат волонтери, па некој од нив да ја добие истата награда за скоро.
Втората награда е признание на ниво на целиот Балкан – што особено ми значи, бидејќи за нашата држава јас сум избрана за херој на годината. Честа е навистина голема, се почувствував екслузивно – мојот ангажман е забележан, препознаен и награден. Секако дека годи што релевантни фактори го препознаа мојот потенцијал, како на локално ниво, така и на национално ниво.
Читај бе: Може ли да се вратиме наназад, како започна се…како се роди желбата кај тебе да бидеш волонтер, да им помагаш на луѓето, особено во ромската заедница?
Ферзије: Па, почетоците се уште во основно школо, се сеќавам бев шесто одделение, кога од школо ме избраа да одам обука. Не се сеќавам на темата, но се сеќавам дека ја водеше Нешат Аземовски. Тој беше првиот кој препозна некаков потенцијал во мене, ме мотивираше поактивно да се вклучам во волонтерството. Така почна моето патешествие како мало девојче на многу тренинзи, обуки и работилници на кои градев многу знаења, вештини и секако пријателства. Тоа сигурно ми помогна многу и во обликувањето на мојата личност, бидејќи уште како прилично мало девојче добив многу широки увиди за граѓанското општество. Можноста да волонтирам при логистиката на многу фестивали, театарски збиднувања и културни настани од различен вид – ми овозможи да запознам многу луѓе од различни општествени, културни и социјални групи – што ме збогати многу како млад човек. Но, најважно од се што сум се стекнувала со нови практични знаења и вештини – кои ми користеа и при студирањето и при вработувањето.
По некој период моето волонтерство се фокусира најмногу на волонтирање во активности поврзани со Ромската заедница – заедницата од која јас потекнувам. Чувствував дека треба да вложам во развојот на Ромската заедница и тоа повторно благодарение на приликите за волонтирање што ми ги нудеше Фатма Б. Аземовска. Соработувајќи со неа имам прилика да работам на многу активности кои служат за развој не само на Ромската туку и на целокупното општество.
Читај бе: Што е она што го работиш? Може ли да ни опишеш еден твој ден? Ти си постојано на терен, неуморна…
Ферзије: Периодов покрај волонтирањето во некои проекти ангажирана сум и во тимот на Ромскиот здравствен образовен центар, основан од организацијата Сумнал. Овој ангажман ме исполнува многу, бидејќи заедно со моите колеги имаме прилика да работиме на подобрување на здравјето на луѓето од заедницата. Преку организирање на едукативни работилници, настани, здравствени прегледи со помош на многу лекари/стручни работници ја креваме свесноста и навиките на луѓето за одржувањето на добро здравје.
Друг ангажман ми е како образовен медијатор при Министерството за образование и наука – каде што со уште две колешки работиме на зголемување на редовноста учениците Роми во основите училишта – исто така многу горлив проблем.
Работниот ден ми започнува во НВО Сумнал, каде после завршување на тековните обрвски таму – одам на терен, во посета на семејства. Кога сум меѓу луѓето од заедницата се случуваат многу разговори во кои потенцирам колку е важно образованието, колку се важни редовните и навремени прегледи, колку е важно активно да се борат луѓето во постигнувањето на нивните цели, а ние како активисти дека сме тука да им помогнеме во сето тоа.
Останатото време го поминувам со моето семејство и моите пријатели, кои често знаат да се шегуваат дека мора да закажат термин за да се видат со мене, бидејќи со текот на времето и вклученоста во многу сестрани активности запознав многу пријатели.
Читај бе: Има ли некоја случка или ситуација која ти останала во сеќавање при твоите теренски активности и која те погодила? Верувам дека има и многу позитивни примери кои може да ни ги наброиш…
Ферзије: Има многу случки, но ќе издвојам две. Едната е за девојче кое што потекнува од многу сиромашно семејство, но и необразовани родители. Беше со надмината возраст за да се запише на училиште, но имаше голема желба да оди на школо. Нејзините родители се соочуваа со финансиски проблеми и недостаток на мотивација да го запишат девојчето на школо. Преку работа со родителите и институциите успеавме да ја исполниме желбата на девојчето – да се запише на училиште. Денес таа е редовен ученик со одличен успех што во нејзината ситуација е навистина за пофалба. Нејзиниот успех е еден од радостите што ми ги дава работа на терен, со луѓето.
Другиот пример е за детенце повратник од странство, исто така незапишано на школо. Родителите се соочуваа со проблеми околу документи за вакцинација. Ситуацијата делуваше безнадежно. Но, со насоките и помошта што им ја дадовме, ги надминавме проблемите и целта е постигната. Тоа момче исто така е одличен и редовен ученик. Среќна сум што има многу позитивни примери.
Читај бе: Ти си волонтер кој интензивно работи со ромското население, за нивна едукација. Како една успешна Ромка, која заврши Економски факултет во Прилеп, на кој начин се обидуваш да им објасниш дека образованието е важно без разлика на животниот стандард?
Ферзије: Морам да признам дека е тешко, да се работи со заедница која е многу маргиналзирана. Често се соочуваме со ситуации кои не се лесни за надминување, се уште е голем бројот на луѓе кои се борат за егзистенцијален опстанок и во тие ситуации не е лесно да се приоритизира образованието и да надминуваат така големи ситуации. Добрата страна е што луѓето веќе ме знаат како волонтер од доверба, заедно со уште неколку волонтери. Па, имам олеснет пристап до луѓето со кои треба да соработувам. За да можам полесно да им објаснам од колкава важност е образованието за нивните дечиња, дека на тој начин можат да ги надминат проблемите со кои сега се соочуваат тие. Често се земам и себе си за пример – дека ако не бев посветен ученик немаше да бидам тоа што сум денес. Околу некои материјални ситуации можам да кажам дека со добра волја и помош на наши пријатели и соработници често пати се снаоѓаме моментално да се надмине таа препрека – за да се оствари поголемата цел.
Читај бе: Кои се најчесто нивните причини за „отпор“ кон образованието? Има ли напредок во однос на нивните сфаќања?
Ферзије: Причините се од најосновна егизистенцијална природа. За жал сé уште има семејства и луѓе кои немаат приклучоци за вода и струја во нивните домови, со ниту еден редовно вработен член на семејството и такви ситуации кои се навистина сериозни и често пати се пречки во процесот на образование на децата во тие семејства.
Ме радува што после долги години работа на граѓаснкото општество на полето на образованието има напредок. Ете пример организацијата за која работам Сумнал веќе 20 години активно и сестрано работи на подобрување на образованието на Ромите. Бројките одат во нагорна линија, секоја година има барем еден нов студент Ром, т.е. Ромка. Бројот на матурирани Роми е се поголем, се на се има напредок и активно работиме за овој тренд да продолжи.
Читај бе: Колку беше тешко или лесно за тебе да се одлучиш да го продолжиш своето образование на факултет? Имаше ли поддршка?
Ферзије: Таа одлука беше многу лесна, бидејќи тоа беше и еден од моите сонови. Покрај тоа мојот одличен успех и сето стекнато знаења и вештини од неформалното образование ми даваа самодоверба храбро да чекорам напред кон високото образование.
Можам да кажам дека секоја цел која си ја поставив за моето образование ја остварував лесно. Многу сум благодарна за целосната поддршка што ја имав од моето потесно семејство, односно мајка ми, татко ми и брат ми, како и дедото, бабата, роднините, моите пријатели, Фатма и Нешат. Сите овие кои што ги набројав ми се значајни и поддршка во се.
Читај бе: Ферзије, ќе ни откриеш ли кои се твоите планови за во иднина? Што е она што би сакала ти да го промениш во Битола?
Ферзије: Една од целите на професионален план ми е целокупните искуства и знаења што ги стекнувам преку моите работни ангажмани заедно со оние од професионалното образование да ги вложам во области каде ќе можам да придонесам во креирање на политики и алатки за развој на Ромската заедница. Јас лично верувам дека треба активно да вложуваме во својата држава, град и заедница од кои потекнуваме – за да доживееме развој на истите. Не секогаш е лесно, не секогаш е едноставно но, секогаш е убаво чувството кога ќе се постигне некаков напредок во заедницата.
Секако сакам паралено да продолжам и со моето професионално доусовршување, на мастер студиите на Економскиот факултет. А, постојаното надоградување преку обуки и тренинзи е дел од мојот животен стил можам да кажам.
За крај би сакала да испратам порака до сите млади да не се безнадежни и да се поактивни во волонтирањето. Бидејќи во нас младите е силата и еланот за многу промени за кои ние сонуваме. Секој од нас може да придонесе било преку нивната стручност, било преку нивната добра воља за учество. Секој на свој начин – битна е волјата за учество и работа за унапредување. Особено младите кои немаат работно искуство воопшто да не се двоумат дали да одвојат по некој час неделно да волонтираат дали во некое здружение или во било каква активност – која ќе помогне некому или на поголема заедница. А, на учениците Роми (особено ученичките Ромки) им изразувам поддршка и порака „штом можев јас – знам дека можеш и ти!“ Знам дека се соочуваат со одредени препреки – но, волјата често пати е побитна и победува секакви пречки. Ви Благодарам и Вам за ова интервју и можноста да ја споделам мојата приказна, чест е да се работи со професионалци како вас.