Една година успешна тренерска кариера во грузиска Самтредиа. Познатиот фудбалски стручњак, битолчанецот Димитар Капинковски минатата година во април беше назначен за главен тренер на грузискиот фудбалски клуб „Самтредиа“ од истоимениот град.
Деновиве го сретнавме Капинковски во родниот град на блиц-одмор и ја искористивме приликата да слушнеме нешто повеќе за неговата интернационална тренерска кариера во Грузија, за Грузијците како народ и нивната култура и менталитет.
Читај бе: Повеќе од една година започнавте една нова приказна и станавте тренер на грузиска Самтредиа. Како дојде до поканата од овој клуб и што беше пресудно за да ја прифатите оваа понуда?
Капинковски: Со сопствениците на клубот имав професионална комуникација и пред моето доаѓање таму. Кога клубот западна во резултатска криза, бев контактиран за помош. Знаејќи ја ситуацијата за клубот и лигата воопшто, го прифатив предизвикот.
Читај бе: Колку имавте информации за грузиската фудбалска лига, но и за самиот клуб пред да ја прифатите тренерската улога во Самтредиа?
Капинковски: Како што кажав и претходно, имав првична претстава за екипата „Самтредиа’’ и за грузиската лига.
Читај бе: Како се вклопивте во средината? Како ве прифатија играчите, управата, навивачите? Што можете да кажете после една година?
Капинковски: Од самиот почеток бев многу добро прифатен од управата, стручниот штаб, играчите и навивачите. Со добрите резулати што следеа, соработката и довербата помеѓу нас порасна на едно повисоко ниво.
Читај бе: Како комуницирате со играчите, на кој јазик? Сте имале ли ситуација да не се разберете заради јазичната бариера?
Капинковски: Со играчите како и со управата комуницирам на англиски јазик. Во мојот стручен штаб има личности кои преведуваат, за комуникацијата да биде на задоволително ниво. Олеснителна околност е што фудбалот има универзален јазик.
Читај бе: Од пред некој месец имате и уште еден битолчанец во тимот, Филип Бошковски…колку е битно да се има некој сонародник во странски клуб?
Капинковски: Уште во претходната сезона зедов играчи од овие простори, истите многу добро се прилагодија на тамошните услови, како и Филип Бошковски. Имам сонародник и во мојот стручен штаб, Антонио Бошески. Секако е олеснување да соработуваш со луѓе што го зборуваат твојот јазик.
Читај бе: Имавте успешна сезона, а неколку пати бевте изгласан и за најдобар тренер во колото. Каде започнавте, а каде сте сега со клубот?
Капинковски: Кога дојдов, клубот имаше четири бода во десет кола. Во тој момент главната цел на клубот беше опстанок во лигата. После одработени припреми, во вториот дел од полусезоната, бодовно бевме четврта екипа на табелата. Бевме втора екипа по постигнати голови во грузиската лига. На седумнаесет натпревари имавме постигнато триесет и седум гола. Согласно постигнатите резултати, ја имав таа чест да бидам четири пати избран во тимот на колото. Успеавме да обезбедиме опстанок во лигата. Оваа година, клубот се фокусира на развој и промоција на млади играчи.
Читај бе: Може ли малку да ни откриете нешто за грузиската култура? Дали почувствувавте блискост до нашиот менталитет или ви беше потребно повеќе време да се адаптирате?
Капинковски: Грузиската култура е пријатно доживување за мене. Импозантни градби, многу знаменитости, впечатлив шаренолик фолклор низ кој е претставена грузиската традиција. Нашиот менталитет е сличен со менталитетот на грузискиот народ, така што многу лесно се адаптирав.
Читај бе: Каква кујна е грузиската? Што најмногу се јаде и пие? Имате ли најомилено јадење?
Капинковски: Супра е традиционалната грузиска гозба, која ја доживеав на свадба на играчи од мојот тим. Храната ја сервираат во изобилство, на спратови, притоа не дозволувајќи да има празни чинии на масата. Хачапури и гори котлет се моите омилени специјалитети. Имаат и фантастично вино.
Читај бе: Какви се луѓето, ги прифаќаат ли странците? Која карактеристика нивна најмногу ви има оставено впечаток?
Капинковски: Моите соработници се претежно Грузијци. Отворени, пријатни, комуникативни. Моите искуства се позитивни.
Читај бе: Она што сигурно ги интересира повеќето…каков е односот на навивачите кон клубот? Дали се навива со иста пасија како овде? Колку се битни навивачите за клубот?
Капинковски: Навивачите се страствени и посветени кон развојот на клубот. Нивната поддршка секогаш е многу битна алка за развојот на клубот.
Читај бе: После краткиот одмор во Битола, се враќате повторно во Грузија. Ќе имате ли работно лето? Што ве очекува?
Капинковски: Паузата е кратка, припремите за втората полусезона почнуваат на деветнаесетти јуни. Сигурно во овој период ќе донесеме играчи на позициите кои ни се неопходни, за успешно да се претставиме во втората полусезона.
Читај бе: Кои се вашите планови за следната сезона со клубот?
И во оваа втора полусезона, клубот е фокусиран на младите фудбалери, на нивниот развој и промоција.