Во денешново брзоплето живеење, ретко е да се најде човек налик на д-р Калпаковска, ако треба со еден збор да ја опишам, тогаш таа е ерудит, а на тоа ќе потенцирам и една реченица од универзитетските денови од часовите по книжевност – најсложено е да се биде едноставен, ова беше тогаш потенцирано за книжевните класици, јас го кажувам за д-р Весна Калпаковска. И да забележам оваа докторска титула јас ја нагласувам, а не таа. Бидејќи уште од првиот миг кога стапив во контакт, таа со огромен жар говореше со таква живост за градот кој го нема, а очигледно е дека постои, за натписите пронајдени низ битолско поле…
Д-р Весна Калпаковска е доктор по класични јазици, епиграфичар, стручен соработник и научен деец. Во ова интервју ќе се задржиме на стариот град Стибера чии остатоци се најдени во Пелагонија.
– Која е поврзаноста на Стибера и д-р Весна Калпаковска?
Стибера влезе во мојата животна приказна скоро пред триесет години и оттогаш нејзината и мојата лична приказна постојано се испреплетуваат.
Првиот контакт со Стибера беа дотогаш пронајдените и објавени натписи со нивната богата содржина која открива многу сегменти од живеењето во градот во римскиот период, но загатнува и многу други аспекти и прашања – мотив доволен да создава инспирација и ентузијазам за натамошно откривање.
Сето ова се „материјализира“ прво во мојот магистерски труд што ја обработува и анализира содржината на натписите од Стибера, на нејзините жители и на животот на градот од 1-3в.н.е., а потоа и во други текстови за натписи што археолозите ги откриваа при ископувањата во Стибера.
– Кога се направени првите археолошки истражувања за да се дојде до еден од најзначајните антички градови Стибера – во Пелагонија?
Прво, да дадеме едно појаснување за зборот Пелагонија во Вашето прашање врзан со локацијата на Стибера. Областа Пелагонија од антика до денес го задржала истото име, но просторот на Пелагонија во антиката и на Пелагонија денес не се идентични во поглед на простирањето и на „границите“. Во античкиот период областа каде што се наоѓа Стибера се викала Дериоп/Деуриоп, која граничела со Пелагонија (од северозападна страна). Денес, таа област, античкиот Дериоп, е дел од Пелагонија.
Стибера постои од 4в.пр.н.е. до средина на 3в.н.е., потоа историографските извори молчат за неа. Наодите на терен го потврдуваат овој молк по 3 в.н.е., како да престанала да постои одеднаш и за кратко време; затоа Стибера до задржала „конзервиран“ животот во антиката и полека ни го открива.
Постоењето на Стибера е документирано и потврдено во античките извори и итинерари, како еден од трите града по течението на реката Еригон (ден. Црна Река). Овие податоци беа предизвик за истражувачите и археолозите од минатото да трагаат по Стибера.
Откривањето на Стибера, пак, почнува во втората половина на 19в. со наоѓање токму на епиграфски споменици кои го сведочат постоењето на градот спомнат во древните извори. Во првата половина на 20в. се пронајдени нови јавни натписи и статуи, така што во 1953г. се организираат систематски археолошки ископувања во Стибера кои даваат богати наоди и многу податоци и потврди за живеењето на Стибера.
Во 1959г. археолошките истражувања продолжуваат и траат сѐ до денес кои ги води Завод и Музеј Прилеп. Многу археолози дале свој прилог во истражувањето на Стибера: Костадин Кепески, Лилјана Кепеска, Душко Темелкоски, Oливера Јандреска, Дејан Кебакоски… Освен археолозите кои на терен откриваа(т) педа по педа од Стибера и други бројни научни имиња дале и даваат свој прилог во осветлувањето на различни сегменти од живеењето на Стибера. Стибера исто така ја спомнуваат и анализираат и странски научници во свои дела.
Скоро секоја година Стибера ги почестува археолозите со импозантни наоди којшто го збогатува фундусот на археолошки наоди, но и осветлува разни аспекти од живеењето на Стибера и на нејзините жители во антиката.
Оваа година се организираше изложба по повод 70 години од почетокот на истражувањата на Стибера што е прекрасен настан за да се запознае пошироката јавност со бројни наоди од Стибера. Изложбата е отворена до 25 ноември 2023г. Во оваа прилика да кажеме дека изложбата се реализира на идеја и иницијатива на д-р Славица Бабамова, директорка на НУ Археолошки Музеј на Македонија. Автори на изложбата се д-р Славица Бабамова, Душко Темелкоски и Оливера Јандреска, а во изведбата на изложбата работеа тимови од Археолошкиот Музеј и на Завод и Музеј Прилеп.
– Од епиграфски аспект што значи градот Стибера за археологијата, културата и цивилизацијата во современа паралела?
Стибера, уште пред да биде откриена, понуди бројни епиграфски наоди при обработката на нивите во Пелагонија ( Чепигово, Тројкрсти, Загорани, Руфци, Бела Црква, Кривогаштани) и во градби од 19-20век вградени како сполии во градби во околните населени места.
Пред да почнат истражувањата на Стибера, од случајните епиграфски наоди се отвори прашање дали имаше град Деуриоп и дали овие наоди потекнуваат од него.
Епиграфските споменици што се најдоа подоцна дадоа потврда за името на градот и неговата локација. На напомнеме дека Стибера се спомнува во историографски извори (кај Полибиј од 2 в. пр.н.е., Ливиј 1 в.пр.н.е – 1в.н.е. и Страбон) и во стари итинерари (Табула Појтингериана и Географот од Равена).
Епиграфските споменици овозможија да се „влезе“ во локалното живеење токму во времето од кога доаѓаат спомениците. Од натписите дознаваме за многу луѓе кои реално постоеле, живееле и дејствувале, за нивните дострели во животот.
Сознанијата од епиграфските споменици овозможуваат да се согледаат неколку нивоа од живеењето на градот времето на Римското Царство (1-3в.н.е.).
А) Сознанија на ниво на државна управа – функционирање на разни тела, градски и провинциски, локална администрација, контакти со Рим. Преку оваа административна историја дознаваме за римската власт и држава.
Б) Сознанија на локално ниво – социјален аспект – разни функции и луѓе што ги извршувале нив, структурата на градот, религијата, образованието.
В) на индивидуално ниво – за поединечни луѓе, нивни судбини, дострели, таги, радости, одликувања.
Сите овие 3 нивоа се испреплетени и го создаваат мозаикот на животот во Стибера во римскиот период.
Податоците од натписите се надополнуваат со бројните движни и недвижни наоди кои ја даваат „сценографијата“ каде се случувале собитијата спомнати во натписите. На пр. списоците на ефебите (ако користиме денешна терминологија – можеме да ги споредиме со денешните матурски таблоа) се исклучително важни споменици од епиграфски аспект, содржат имиња на момчиња што вежбале во гимназионот, година кога вежбале, имиња на најдобрите меѓу нив – првенецот на генерацијата, имиња на донатори на масло за мачкање, количина на масло што се делела по лице, колку пари дал донаторот, „работни часови“ на гимназионот, имиња на раководните лица на гимназионот итн. Но исто така пронајден е и Гимназионот каде се одвивале активностите на ефебите, пронајдени се статуи на истакнати ефеби – значи можеме да влеземе во просторот каде пред скоро две илјади години се одвивале разни настани.
Нивото на културата во Стибера било прилично високо, дури се пронајдени и стихови – во гимназионот и во храмот на почит на Римските Императори.
– Античкиот период е исклучителен период за сета светска цивилизација, од стручен аспект и досега откриените докази преку работата на археолозите, филолозите и историчарите какво влијание имало во овој регион со оглед дека натписите се на старогрчки, латински јазик?
Антиката навистина е исклучителен период од многу аспекти. Наследството од неа вградено во модерната цивилизација сѐ уште живо пулсира. Антиката е период на идеален баланс меѓу материјалното и духовното.
Кога ги гледаме натписите од Стибера и нивното значење, освен погоре наведените собитија за значењето на градот, тие даваат обемен ономастички и просопографски материјал за имињата што циркулирале меѓу населението во тоа време, благодарение на натписите дознаваме дека родум од Стибера бил и еден консул во Римската Империја, преку опишаните дострели на луѓето дознаваме за функционирањето на управните и административните тела во градот и пошироко, за истакнати фамилии од Стибера и нивните врски со Стоби, Солун, Хераклеја. На некои натписи се спомнати дури и актуелните консули што биле на власт кога бил натписот направен. Една од најпознатите фамилии од Стибера се Септимии Силвани од кои потекнува споменатиот консул на Римската Империја – Септимиј Силван Николај, ама и други членови на таа фамилија извршувале значајни функции во Македонија во римскиот царски период.
Значајна личност од Стибера бил и Марк Ветиј Филон кој живеел во 1 в.н.е. и неговото име е документирано на 6 натписи – првиот натпис е т.н. декрет од Деуриоп врежан по повод извршувањето на тестаментот на Марк Ветиј Филон каде се дадени неколку информации за тогаш веќе покојниот М. В. Филон кој бил божествен и величествен, многу ѝ дал на својата татковина, а ништо не побарал за возврат за себе. Величието на Марк Ветиј Филон го сведочат пет списоци на ефеби каде што тој се јавува како донатор на масло за ефебите во Гимназионот (односно парите што ги оставил).
Во Стибера имало и други донатори – Ајлиј Химнос од 2 в.н.е., кога бил агораном – , подарува мерна маса со мерилата со кои се служи градот.
Од Стибера е и Септимиј Местриј Лик, кој живеел во 2 в.н.е., и извршувал успешно многубројни функции, меѓу кои и „логистес“, нешто како финансиски инспектор на локалната администрација за што бил назначен од Римскиот цар Комод.
Кога ги спомнавме римските цареви, во Стибера е пронајден и храм за почит на Императорите и неколку споменици и лица што се поврзуваат со тие активности. На неколку натписи се посведочени и свештеници на божества. Граѓани на Стибера биле познати и во други градови во Македонија дури и почестувани со споменици, како на пример Тит Флавиј Орест кому му е подигната статуа со натпис во Хераклеја. Од сево ова може слободно да се каже дека Стибера досега даде многу голем прилог во проучувањето на минатото во Македонија и за Европа во античкиот период.
– Што е она што Ве воодушевува кога станува збор Стибера?
Сѐ од Стибера воодушевува – од недвижните наоди: храм на Тихе, Гимназионот, Храмот за почит на Императорите, па импозантната биста на римската царица Фаустина до сознанијата од натписите, фрагментите од животот на луѓето тогаш, бројните движни наоди.
Од Стибера се документирани повеќе од 350 имиња на луѓе од 1-3в.н.е. Натписите ни ја откриваат Стибера како град на младите – ефебите (повеќе од 50% од имињата на пронајдените натписи се имиња на млади луѓе) и град на успешните – имиња на разни службеници кои направиле „интернационална кариера“.
Според претпоставките животот во Стибера престанал (или во неговата севкупна полнота) за кратко време и наеднаш; градот не продолжил со живеење во следните векови, така што сѐ она што било во 3 в.н.е. останало конзервирано; затоа, Стибера е многу богат локалитет, на секој што ќе ѝ се приближи има многу што да му каже. На археолозите им ги открива градбите, движните наоди, скулптурата, но истовремено им задава енигми за разрешување, за епиграфичарите се појавуваат натписи што го носат духот на тоа време, стремежите и дејствата на некогашните жители, нивното место во социјалната лествица на градот, врската со другите градови во тогашната Римска Империја…