24-годишниот атлетичар од Битола, Кристиан Стојани, со своите резултати не само што ја воодушеви македонската атлетска јавност, туку и германската, каде што оваа година се натпреваруваше и победи на трката организирана во Кил, Германија. Кристиан освен што напорно тренира и се подготвува за трките, тој е успешен и во областа на графичкиот дизајн и со задоволство се вложува себе си и во оваа сфера.
Иако многупати се надминал себе си во атлетиката, тој вели дека сé уште чувствува трема пред секоја трка. За животот на Кристиан како атлетичар, неговите препораки, цели и искуства имате можност да дознаете повеќе од интервјуто за Читај бе.
Читај бе: Кристиан, што претставува атлетиката за тебе?
Кристиан: За многумина атлетиката е кралица на сите спортови, а пак за мене истата претставува пасија која што ме тера да се надминам себеси. Атлетиката ја сметам за спорт во кој што немаш човек кој што стои позади тебе и секогаш мораш да го дадеш максимумот за да постигнеш добар резултат.
Читај бе: Колку труд и време се вложени во резултатите кои ги постигнуваш и кои не можат да останат незабележани?
Кристиан: Вложениот труд е секогаш поголем од секој постигнат резултат. Со спорт се занимавам од најмала возраст. Растејќи сум посетувал најразлични спортови како карате, фудбал, кошарка и street workout, при што можам да кажам дека отсекогаш сум бил спортист, а самата дисциплината сум ја добил од мали нозе. Конкретно со трчање почнав да се занимавам кон крајот на 2015-та година кога сосем случајно се пријавив на Охридски Маратон (30км). Тогаш не знаев ништо од областа на трчањето и тоа за мене претставуваше спорт со кој што би ја докажал својата упорност и ментална издржливост. Целта ми беше само да успеам да го завршам Охридскиот Маратон и можам да кажам дека успеав во тоа иако како што ние тркачите користиме еден термин, „во нозе” имав само 20-тина километри во изминатиот месец коишто не значат ништо во споредба со тоа што сега на пример месечно трчам од 350 до 450км.
Читај бе: Која беше причината или првата искра на мотивација за насочување на целиот твој фокус во оваа област?
Кристиан: После Охридски Маратон физички бев буквално скршен и уништен. Од големата истрчана километража бев воспален и згрчен околу 2 недели, но психички, бидејќи успеав во мојата претходна зацртана цел бев толку многу мотивиран што едвај чекав да продолжам да тренирам и да се пријавам на некоја наредна трка. И така после месец дена учествував на Прилепскиот полумаратон каде што успеав да истрчам време од 1:29:29 на 21км, резултат кој што е многу добар за некој што сеуште не посетува атлетски клуб и нема соодветни атлетски тренинзи. Се пронајдов во трчањето и токму погоренаведениот резултат ми беше мотив да почнам да тренирам во клуб и целосно да се посветам на трчањето со цел повторно да се надминам себеси.
Читај бе: Зборувај ни повеќе за емоциите со кои се соочуваш пред значајна трка, на пример, како онаа која ти донесе победа оваа година во Кил, Германија?
Кристиан: Оние коишто ме познаваат би се согласиле дека и во приватниот живот има една мала доза на перфекционизам во мене. Секогаш сакам сè да организирам до најмал детаљ, па така и пред секоја трка фокусиран сум максимално на резултатот што треба да го остварам. И ако веќе имам многу трки зад себе, сепак сé уште имам некое чувство на трема пред секоја трка, бидејќи секогаш од себе го очекувам најдоброто. Тоа чувство трае додека да почне трката, после пукањето на пиштолот цела таа тежина како да ми паѓа од грбот и целосно сум фокусиран на поставената цел.
Читај бе: Кога станува збор за атлетските подготовки и тренинзи кои подоцна резултираат со физички квалитет, одлични резултати и здрав живот, можеш ли подетално да ни го објасниш процесот и чекорите кои се потрбни за постигнување на целите во оваа област?
Кристиан: Изминатиот период беше доста бурен за мене, бидејќи атлетиката кај нас не е на ниво да заработуваш и да живееш од тоа, па во потрага по подобра работа и услови за живот најпрво се преселив во Скопје, а потоа тука во Кил, Германија. Минатата година бев два пати заразен со Ковид. Сето ова и тоа како влијае на формата и на подготовките кај еден атлетичар. Моментално тренирам во клуб во Кил, веќе направивме испитувања на лактатен праг и Vo2Max и според тоа ја подговивме тренинг програмата што ќе ја правам оваа зима. Ми се допаѓа како течат работите тука, во новиот клуб и се надевам на што е можно подобри резултати во новата сезона. Инаку како и во секој спорт така и тука, доколку навистина сакаш да успееш мораш да се откажиш од многу работи како ноќен живот, алкохол, брза храна, шеќери и слично. Но за мене тоа претставува начин на здрав живот и доколку не би било трчањето тогаш сигурно би бил некој друг спорт и пак би го правел истото.
Читај бе: Кои се твоите планови понатаму, односно, каде се гледаш себеси за неколку години? Би сакал ли да продолжиш да се градиш и да напредуваш во оваа област и на германските простори?
Кристиан: Големата слика би ја оставил за некое наредно интервју, а засега сакам само да продолжам со моите подготовки за наредната сезона и да успеам да се подготвам што е можно подобро, најпрво за државните првенства во нашата Македонија, а потоа вториот дел од сезоната зошто да не и на некоја трка и во Германија.
Читај бе: Доколку има нешто значајно кое во оваа прилика би сакал да им го пренесеш на читателите, што би било тоа?
Кристиан: Трчањето во изминатиот период зема голем замав во нашата држава. Тоа особено почна откако секој град во Македонија си организира своја трка. Мило ми е што тоа се случува и што полека љубовта кон трчањето се буди и кај другите. Сакам само да ги охрабрам оние коишто трчаат, а и да ги мотивирам оние што сé уште се двоумат да почнат да трчаат, да ги следат своите цели и да се надминуваат себеси. Не мора сите да се занимаваат професионално со атлетика, трчањето е многу повеќе од тоа, најпрво здрав живот а потоа хоби кое што ќе ви донесе многу бенефити, дружба и трки во вашите животи. Ви благодарам за овој наш мал разговор и се гледаме на некоја наредна трка!