Едукативниот центар „Едусфера“ заедно со НУУБ „Св. Климент Охридски“ Битола по трет пат го реализираат проектот „Мојата дигитална приказна“ преку кој на децата им се дава можност да напишат прекрасни, инспиративни, забавни, тргателни приказни. Но, сето тоа толкувано на знаковен јазик.

За овој прекрасен проект позборувавме повеќе со Ана Жежовска, личност која на децата им ја дава својата поддршка како наставник, но и ги инспирира и ги мотивира од себе да го извлечат својот потенцијал. А тие, приказните на децата, го осветлуваат ова тмурно секојдневие. Ана е професор и по германски јазик, па поразговараме со неа и за интересот за учење на овој јазик во Битола.

316129806 646230120527943 374572255480275766 n

Читај бе: Ана, трета година по ред го реализирате проектот „Мојата дигитална приказна“. Кажи ни нешто повеќе за овој проект…

Ана: Токму така. Трета година по ред се реализира проектот „Мојата дигитална приказна“ помеѓу мојот Едукативен Центар „Едусфера“ и НУУБ „Св.Климент Охридски“. Пред три години на самиот почеток на пандемијата, со оглед на тоа дека ненадејно се одделивме со учениците, секако не по наша желба, идејата ми беше да не дозволиме одделувањето и онлајн реалноста да ни ја уништат креативноста па сакав да создадеме аудио текстови со нивни приказни на странски или на мајчин јазик. Кога библиотекарката Фатма Бајрам Аземовска  ја слушна мојата идеја, ми кажа дека има сличен проект одобрен од Министерство, па така започна нашата соработка. Првата година конкурсот го носеше насловот „Раскажи ми приказна“ – бидејќи крајната цел беше токму тоа – да ги слушнеме приказните кои децата имаат да ни ги раскажат. Од самиот старт па се до денес снимени се околу 60 видео записи и истите се толкувани на знаковен јазик. Со тоа нашиот проект доби уште поемотивна, похумана димензија, бидејќи создаваме уметност достапна за сите.

315929127 819651222485259 2442771984173564218 n

Читај бе: Како децата ја прифаќаат задачата сами да пишуваат приказни, ги насочувате ли?

Ана: Со голема радост моите деца го очекуваат „проектот со библиотеката“ – така милуваат да го нарекуваат и секоја година се вклучуваат во се поголем број и задачата ја извршуваат самостојно. Насоки секако добиваат, мал поттик е доволен за да се развиори нивната креативност и инспирација.

316178527 1256861345173127 2092889569719967448 n

Читај бе: Каква беше повратната реакција од реализирањето на овој проект изминатите две години?

Ана: Задоволни и насмеани лица, долги аплаузи на официјалните промоции, а и безброј позитивни коментари, пофални зборови, споделувања по социјалните мрежи после тоа. Сметам дека слушателите  – со големо задоволство ги гледаат и слушаат приказните на учениците. Во секој случај приказните ни доаѓаат како бран освежување во тмурното секојдневие!

Читај бе: Дали ве изненадува детската фантазија кога ги читате приказните?

Ана: Секогаш нетрпеливо ги очекувам приказните и со возбуда го отварам секој word-документ кој ќе ми пристигне. Понекогаш се смеам на глас и до солзи, понекогаш плачам со солзи, понекогаш сум видно изненадена од нивните ставови и креативност – ама секогаш по читањето сум емотивно растреперена и горда на моите ученици!

316548603 516435783742494 8278467520045561224 n

Читај бе: За што најмногу сакаат да пишуваат и да раскажуваат децата?

Ана: Темите за кои децата пишуваат се најразлични. Некои во своите приказни ја преточуваат љубовта кон природата, некои пишуваат за несекојдневни средби со вонземјани, деца од други планети, за научна фантастика, пишуваат за љубовта кон најблиските, кон семејството, за личности кои ним им се значајни, за неостварени желби и соништа… Приказните изобилуваат со  поучни и емотивни пораки, со морални вредности, со идеи и ставови кои децата копнеат да ги споделат, а со овој проект имаат шанса да го направат тоа!

315964210 989408322462284 9011612090215744979 n

Читај бе: Како Вие се чувствувате како наставник кој постојано работи со деца? Колку Ве исполнува работата?

Ана: Секој кој ме познава, знае колку за мене значи работата со деца и тинејџери. Уживам во нивната енергија, нивниот жар, ентузијазам и елан. Децата се бескраен извор на инспирација, на мотивација, на емоции… Многу пати сум се нашла во таква ситуација, да можам да одберам и подобро платена работа и работа која можеби нуди повеќе можности за кариерен и професионален развој. Ама секогаш сум одбивала. Затоа што најважен за мене е личниот развој. Личното, духовното растење и развивање кое само работата со децата го овозможува. Кога сум со нив секој ден учам нешто ново, развивам нова вештина и способност, откривам дека поседувам таленти за кои не сум била свесна. И благодарение на нив станувам подобар човек. И се трудам мојата мисла, мојот став за животот да им го пренесам и ним. Дека важно е да учат, да се надоградуваат, да се развиваат, ама најважно од се` е да бидат луѓе, доблесни, искрени, вредни, гордост на нивните родители и сите кои ги сакаат. И им посакувам кога ќе се осамостојат да летаат, да го летаат својот лет најдобро што умеат. Па да бидат инспирација и мотивација и за другите околу нив.

315205647 650697240043887 1561118745492289513 n

Читај бе: Каков треба да биде пристапот на еден наставник кон учениците за работата да биде уживање, но и креирање идни одговорни генерации?

Ана: Децата знаат да препознаат кога некој ги сака и им посакува добро и го почитуваат и силно го ценат тоа. Ако наставникот е искрен – искрени се и учениците, ако наставникот е вреден и амбициозен – вредни и амбициозни се учениците, ако наставникот е среќен – среќни се и тие! Затоа се обидувам да бидам најдобрата верзија од себе, со дела да го покажувам тоа што го зборувам. Сакам да им е убаво додека се во училница, да се чувствуваат исполнети, да искусуваат и да учат за кога ќе ја напуштат училницата да применат се` што научиле во неа. Со дела, морални вредности, хумани гестови и многу љубов!

307330298 1187595788486557 1932575956000403176 n 1

Читај бе: Вие сте наставник по германски јазик. Може ли да ни кажете каков е интересот за изучувањето германски јазик во Битола?

Ана: Интересот за изучување на германскиот јазик е голем. Германски јазик учат и дечиња од најмала возраст, основци, средношколци, студенти, па и возрасни. Во мојот едукативен центар настава следат слушатели од 8 до 58 години. И се радувам поради тоа. Работата со деца не би ја менувала за ништо на светот, но уживам и во предавањата со возрасните слушатели. И секојдневно се трудам да им понудам квалитетна настава преку современи и интересни наставни материјали, да им го направам учењето креативен и забавен процес кој секако ќе резултира со успех.

315519357 5389858827802622 4372720936714125774 n

Читај бе: Колку ги отвора вратите познавањето на странски јазици?

Ана: Колку повеќе јазици знаеш – толку повеќе вредиш. Не е излитена фраза – несомнено е така. Јазичните компетенции се секогаш во мода, отвараат можности за личен, професионален и кариерен развој. Јас лично кога патувам  сум пресреќна ако  можам да разменам збор два со локалните жители на нивниот мајчин јазик. Затоа ќе им препорачам на сите да изучуваат странски јазици, да изнаоѓаат начини практично да ги употребуваат истите, да комуницираат, да стекнуваат знаења и искуства и да стекнуваат нови пријатели. Секој странски јазик е нов отворен хоризонт, нова перспектива, нова можност за подобра иднина.

315445969 812850946732079 2724003724273681708 n
Реализиран проект на КИЦ: изложба на македонски и канадски графички уметници во Битола и Торонто
Културно информативниот центар од Битола оваа година реализира капитален проект од графичката …
Излезе од печат 13. број на Списанието „Современи дијалози“
Излезе од печат Списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и …
jk
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…