aleksandar nas 1

Нема ништо поубаво од тоа кога човек е истраен во остварувањето на својот животен сон. Александар Шулевски, кој е по потекло од Битола, а живее и работи во Холандија како астрофизичар во Институтот за астрономија во Холандија, на најголемиот Европски телескоп за радио интерферометрија на ниски фреквенции. Неговото образование постојано го надоградува, со оглед на тоа дека Вселената никогаш не спие и не престанува да го изненадува и воодушевува човечкиот ум, особено екстра љубопитниот. Егзактните науки се тука најверојатно да го објаснат она што го зема човекот здраво за готово – небото е над нас, земјиното јадро под нас, но еден од најпознатите германски филозофи Имануел Кант напишал: „Две нешта ја исполнуваат душата секогаш со понов и со поголем восхит – тоа се ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“.  Можеби некој за брзо ќе се сети дека е важно да се поддржува науката, по принципот на развиените европски земји, место да бидеме само составувачи на лего коцки, реално Македонија има индивидуалци кои видно отскокнуваат во научната дејност и место да се изнајде начин да останат и да создаваат овде, веќе е култура на живеење да работат на друго место – што значи дека националната научна стратегија ја нема, а ако ја има, не е видлива. Показател за тоа се дипломците на факултетите за технички науки, кои се во сѐ помал број. Астрофизичарот Шулевски беше гостин во Читај бе.    

aleksandar sulevski
meblo trejd racki

Читај бе: Кој е Александар Шулевски, патот до успехот, од Македонија до Холандија?

Александар: Патот до успехот е сосема лесен. Бара само напор, тврдоглавост и по малку среќа и талент. Кој е Александар? Роден во работничка фамилија во Битола, основно училиште започнува во ОУ „Кирил и Методиј“, а завршува во ЦОУ „Коле Канински“. Потоа, средно образование во ЕМУЦ „Ѓорѓи Наумов“, насока „електроника“. Високо образование (инженер по електроника и телекомуникации завршува во Скопје, на електротехничкиот факултет (тогашен ЕТФ). Се враќа во родната Битола и по неколку години работи како програмер на мрежни апликации, започнува со студии по астрофизика (додипломски и мастер) на универзитетот во Лајден – Холандија. Докторира со теза во која ги проучува „угаснатите“ активни галактички јадра на ниски радио фреквенции одбранета на универзитетот во Гронинген, Холандија каде моментално се наоѓа, а работи во институтот за радио астрономија на Холандија како дел од научниот тим кој е одговорен за работењето на телескопот ЛОФАР – најголемиот Европски телескоп за радио интерферометрија на ниски фреквенции.  

Читај бе: Со оглед на тоа дека немаме можност секој ден да разговараме со астрофизичари, како се одлучивте за оваа професија?

Александар: Професијата се одлучи за мене. Отсекогаш ме интересирал Космосот и процесите кои се одвиваат „таму горе и далеку“. Ги прочитав сите книги заведени во каталогот на битолската библиотека со теми од научна фантастика и астрономија и бев со намера еден ден да бидам дел од тој свет кој гледа, слуша и размислува што се случува надвор од нашата планета.  

aleksandar sulevski 3

Читај бе: Што се случува во Македонија на тема астрофизика?

Александар: Речиси ништо, што е повеќе од она што се случуваше кога јас тргнав по патот кој ме доведе до онаму каде што сега работам. Позитивно е што сега постојат студии по астрофизика на ПМФ во Скопје. Негативно е што има мал број на студенти, и никаква поддршка на државно и локално ниво. Опсерватории, нагледни средства, простор за работа на талентирани студенти… тоа е апстрактна именка. Треба да се замислиме како општество… се живее за спорт и култура, но не и од тоа. Според приоритетите на финансирање, изгледа дека сме откриле нова парадигма.  

Читај бе: Астрофизиката е егзактна наука или не?

Александар: Астрофизиката е егзактна наука, но сѐ си има свои граници на примена. На пример, можеме да предвидиме каде ќе се наоѓа некоја планета во својата орбита во даден момент на времето со неверојатна точност. Но, не можеме да кажеме дали ѕвездата Бетелгез ќе експлодира како супернова утре или за година дена. Можеме да кажеме само колкава е веројатноста на тој настан.

aleksandar sulevski 2

Читај бе: Низ годините сѐ помалку има интерес за запишување на студенти на факултетите за природни (егзактни) науки, па и технички, како Вие го толкувате ова?

Александар: Делумно е одговорено погоре. Мислам дека причините треба да се бараат во сѐ поголемиот материјализам, односно идните професионалци не гледаат дека во Македонија тие професии се исплатливи. Ова важи ако направиме исклучок во поглед на одредени области од информациска технологија кои се добро платени (сепак не толку добро како на „запад“). Ако Македонија зачекори по патот на технолошки развој, тогаш и природните и техничките науки ќе започнат да се ценат како што и доликува. Се разбира, за тој процес да почне потребно е оздравување на целокупниот систем, односно Македонија треба да стане (повторно) пристојно место за живеење.  

Читај бе: Кои се Вашите професионални ангажмани во моментов?

Александар: Поддршка на набљудувања со високо специјализираните системи кои ги опслужувам заедно со моите колеги, извршување на сопствени истражувања, популаризација на астрономијата, објавување на научи трудови, учество во професионални организации кои се занимаваат со решавање на тековните проблеми во науката.  

aleksandar sulevski 4

Читај бе: Што претставува Лофар?

 Александар: ЛОФАР (LOw Frequency ARray – LOFAR) е радио телескоп кој се состои од голем број на приемни станици низ цела Европа кои со помош на напредни алгоритми за обработка на сигнали успеваат да создадат виртуелен телескоп со големина на цел континент. Ова овозможува набљудување на Космосот на ниски радио фреквенции (десетици мегахерци) со висока моќ на воочување на детали (висока резолуција).  

sl 1
Фотографија снимена во контролната соба на ЛОФАР телескопот при настан за популаризација на астрономијата

Читај бе: Веќе гласно се говори за вонземска интелигенција, полека се чини дека фантастичните книги се паралелна реалност – каков став има науката?

Александар: Науката сѐ уште нема официјално забележено сигнал од вонземна интелигенција, а уште помалку пронајдено дел од „летечка чинија“. Би сакал да е поинаку.  

Читај бе: Вие го дизајниравте сончевиот часовник над Паско во Битола, кој оваа година слави 20 години. Која е неговата намена, претпоставувам дека младите луѓе и не се толку информирани?

Александар: Намената на сончевиот часовник е да го покажува локалното сончево време, а и да ја образува јавноста за астрономските појави на еден секојдневен и пристапен начин. На локалитетот Хераклеја се пронајдени сончеви часовници (од поинаков тип од оној кој го реализиравме) и намерата беше да ја продолжиме традицијата која тука постоела од времето на антиката. За жал, проектот не беше целосно реализиран, имено се планираше да се постави и соодветно информативно пано кое ќе го олеснеше читањето на времето и ќе објаснеше зошто локалното сончево и граѓанското (указно) време се разликуваат.

Читај бе: Што најмногу ви пречи во македонскиот менталитет?

Александар: Менталитетот на раја и поделбите кои веќе го разградуваат националното ткиво.  

Читај бе: Што најмногу ви допаѓа во Македонија?

Александар: Природата (која за жал ја земаме здраво за готово) и богатата историја од која дел се и луѓето кои живеат на овие простори.  

aleksandar sulevski 5

Читај бе: Кое е Вашето хоби?

Александар: Оптичка астрономија / астрофотографија, изработка на модели и макети, пишување. (ЛИНК до блогот)  

Читај бе: Животно мото?

Александар: Според запишаното на ѕидот на Паско: Panta Rei (Rhei), се е (про)менливо и минливо…    

aleksandar sulevski 3 1
meblo trejd cestitka
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…