16-годишната Теодора Мицеска од Битола со својот волшебен глас никого не остава рамнодушен. Нејзиниот талент досега и има донесено први места и Гран-при на повеќе меѓународни фестивали, а последниот успех го имаше на фестивалот во Молдавија каде со песната „Јано мори“ се закити со највисокото признание – Гран при наградата.
Теодора е вљубеник во македонската изворна музика, а пее од својата 5-годишна возраст. Како што вели, нејзина најголема поддршка да ја негува оваа музика бил дедо ѝ, а нејзините ментори Катја и Лазе ја уверија да верува во музички чуда.
На фестивалот во Молдавија ѝ се отвари нејзиниот детски сон – да ја пее нејзината најсакана песна „Јано мори“ на огромна сцена пред многу публика. Сонот ѝ се исполни и се запечати со највисоката награда.
Поразговаравме со Теодора за нејзините почетоци, љубовта кон македонската изворна музика, последниот настап во Молдавија, нејзините планови во иднина…
Читај бе: Теодора, најнапред кажи ни нешто за себе…колку години имаш, каде учиш…
Теодора: Пред сé да ви се заблагодарам што ми дадовте можост да бидам дел од вас и што можам од поблиску да ѝ се претставам на македонската јавност. Имам само 16 години, живеам во Битола. Предходно учев во основното училиште д-р „Трифун Пановски“, а сега учам во средното академско училиште САБА-Битола. Како личност која ужива во музиката, 8 години посетував нижо музичко училиште, а воедно виолината ми беше мојот втор верен пријател после песната. Покрај тоа што сум љубител на класичната музика, уште од мали нозе сум задоена со нашиот фолклор, со нашите убави народни македонски изворни песни и традиции. Од свои 4 години посетувам играорна каде што ги учам и ги негувам нашите стари обичаи, покрај тоа уште од рана возраст ја негувам македонската изворна музика.
Читај бе: Раскажи ни за твоите почетоци во музиката, како се појави љубовта кон пеењето?
Теодора: Искрено, од моите први сеќавања, а и според кажувањата на моите родители, од мала сум пројавила голем интерес за македонската изворна музика затоа што често се слушала во нашиот дом. Тоа е некаде на 5 годишна возраст кога сум започнала да ги пеам тие песни. Мојата прва песна што прв пат сум ја запеала беше „Мајка на Марика думаше“. Најголемата мотивација што ја добив за овој тип на музика од мојата најрана возраст беше од страна на една од најголемите поддршки во моето семејство – тоа беше мојот дедо и се разбира останатиот дел од семејството како и моите прекрасни ментори Катја и Лазе кои ме уверија да верувам во музички чуда. Дедо ми отсекогаш ме учел да ја сакам и негувам нашата музика, затоа што со текот на годините таа постепено почна да се занемарува. Тој е една од поголемите причини што пеам ваква музика. Ќе продолжам да ја сакам и да ја негувам сé со цел да го зачувам нашето музичко богатство.
Читај бе: Од колку години настапуваш на фестивали?
Теодора: Првиот и еден од моите незаборавнии фестивали беше во Долнени, прилепско…имав само десет години и тоа ќе биде фестивалот од каде што започна еден нов музички свет за мене.
Читај бе: Да го споменеме твојот последен успех на фестивалот во Молдавија…кажи ни нешто повеќе за учеството на фестивалот, со која песна настапи и каков беше приемот?
Теодора: Искуството во Молдавија беше незаборавно. Приемот од страната на домаќините беше одлично организиран, бевме добро пречекани и како гости, но и како држава. Се работи за еден од поголемите меѓународни фестивали што се одржува во главниот град на Молдавија-Кишинев. Имаше учесници од повеќе држави: Македонија, Молдавија, Романија, Русија, Украина, Бугарија, Белорусија, Полска, Косово, Албанија…Оваа година фестивалот броеше над илјада учесници. Овој пат настапив со наша и една од поубавите македонски песни ,,Јано мори“. Таа е една од моите фаворити и како мала премногу ја сакав…Најголем детски сон ми беше еден ден да ја пеам оваа песна на некоја огромна сцена пред многу публика, а сега тоа и се случи… Самата песна буди посебни емоции, можам да кажам дека е една од потешките македонски народни песни. Како единствен претставник од нашата земја чувството е навистина неописиво. Јас учествував во категоријата фолклор, а покрај оваа категорија на самиот фестивал имаше и други (рок, поп, џез, естрада, уметност, фолклорни танци и ора, кореографии итн.). Најголема мотивација оваа година на натпреварот ми беше големата бројка на учесници и тоа што сакав да се претставам во најдобро светло јас и Македонија. Се стремев кон таа цел и успеав…успеав благодарение на моите ментори Катја Михелкис и Ласко Атанасов. Немам соодветен збор со кое би можела да ви го опишам тоа чувство, кога на една таква голема сцена каде што има учесници скоро од секаде се наоѓаш и ти…емоциите до бескрај, а моментот кога те прогласуваат на сцена со едни од најдобрите резултати во твојата категорија…душата исполнета со секакви емоции. Македонија по втор пат си замина со победа од оваа држава. „Јано мори“ доби -GRAND PRIX.
Читај бе: На кои фестивали и во колку земји досега имаш настапувано?
Теодора: До сега сум учествувала на многу фестивали кои се надвор од државата. Имам настапувано во: Бугарија, Израел, Молдавија, Русија, Украина, Грција, Италија… и секогаш сме се враќале со први места или GRAND PRIX. Воедно покрај тоа што сум учествувала на фестивали, имам снимано два божиќни спота. Првиот божиќен спот е „Вечниот Бог“, а вториот „Небо и земја“.
Читај бе: Ти си љубител на изворната музика и често пееш такви песни. Како ја засака таа музика?
Теодора: Откако започнав на играорна уште повеќе се пројави таа љубов кон изворните песни. Случајно мојот драг наставник кој за жал не е повеќе меѓу нас, ме слушна како пеев една песна, па ме мотивираше да продолжам со тоа темпо на работа. Тој ме прати на првиот фестивал кој го имав на свои 10 години,а претходно на свои 8 години ја пеев песната „ Ај зајди,зајди“ на Илинденски денови. Многу му сум благодарна на Златко, кој на еден начин ме воведе во овој свет каде што сум сега, затоа секогаш ќе има посебно место во моето срце.
Читај бе: Како се чувствуваш додека ги пееш македонските изворни песни кои се наше национално богатство?
Теодора: Чувството е навистина прекрасно, секогаш зависи и од песната која ја изведувам. Најчесто ги одбирам оние потешките кои имаат силни емоции и чувства… Пред сé гледам да ја почуствувам самата песна, да се ставам на местото на творецот, да ја сфатам суштината на самата песна. За изведба на ваков тип музика се доста важни чувствата и емоциите, начинот на кој јас ќе ја пренесам песната до самите слушатели.
Читај бе: Кои се твоите планови за блиска иднина поврзани со музиката?
Теодора: Знаете, сите ние имаме планови во животот. Некои од нив ќе се исполнат целосно, а некои можеби и не. Најчесто ние децата во нашите тинејџерски години мечтаеме по нешто најубаво и преголемо, но не секогаш е така како што ние замислуваме. Во овој процес на изучување како до подобри резултати во музиката, научив многу работи, но ја научив и една од поглавните. Пред сé во животот треба да имаме цел, цел во која вистина ќе веруваме и во која вистина сакаме да успееме. За да се оствари таа цел ние треба макотрпно да се бориме, за таа еден ден да стане реалност, можеби нема да се оствари за брз временски период, можеби ќе трае со години, но еден ден тоа ќе се исплати. Реално планови за во блиска иднина немам… оставам на времето да покаже што навистина е за мене, но најбитната работа е тоа што имам цел во животот. Цел за која напорно работам со голема љубов и верувам еден ден таа ќе се исполни.
Читај бе: Имаш ли некоја желба која би сакала да ти се исполни, а е поврзана со пеењето?
Теодора: Мојата моментална најголема желба која е повразана општо со пеењето е средба со една од подобрите пејачки моментално на македонската музичка сцена, а тоа е Зарина. Воедно во иднина би сакала да извадам мој албум со преработки од македонските изворни песни.