„Не постои жена која е слаба, секоја една жена или девојка, направила, поминала нешто што ја направила силна“.
По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, во Гимназијата ,,Јосип Броз Тито” – Битола, беше одржана изложба – матурски проект на ученичката во четврта година, Софијa Мачковска.
Читај бе: Здраво Софија, дали би сакала да ни откриеш повеќе за тебе, всушност која е Софија?
Софија: Секако дека би сакала, всушност не секогаш имам многу работи да кажувам за себе, но ќе се потрудам да ви откријам нешто накратко. Ученичка сум во СОУ Гимназија ,, Јосип Броз- Тито”- Битола, во четврта година. Го започнав средното образование како многу повлечена личност, но овие четири години тука, ми покажаа дека вреди да се биде помеѓу луге. Станав многу поотворен човек, а и научив повеќе да се почитувам себеси.
Читај бе: Колку долго сликаш и како започна да се занимаваш со фотографија?
Софија: Не можам да одредам временски период на тоа колку долго се занимавам со сликањето, а и немам некое многу долго искуство или професионалност во тоа, сѐ уште учам како да се стигне до една совршена фотографија, но сметам дека која било фотографија може да е совршена доколку вие го гледате тоа така. Започнав да се занимавам, односно да ме интересира повеќе фотографијата секогаш кога ќе ја видев мојата постара сестра да го прави тоа. Честопати ќе ја замолев да ми ја позајми нејзината камера и така фотографирав по нешто, иако не знаев што правам, сепак правев нешто кое ми беше интересно. Таа го прави тоа веќе неколку години и е доста успешна во тоа, користејќи најразлични техники.
Читај бе: Дали мислиш дека училиштето ни помага во креирањето на нашата иднина, всушност колку нас ни помагаат активностите кои ги правиме надвор од наставата, а сепак во училиштето?
Софија: Да, сметам дека училиштето игра улога во тоа, кој, што сака да стане и да биде, но исто така мислам дека има и други многу поголеми фактори. А кога станува збор за активностите надвор од наставата, да, мислам дека се многу битни, и дека не е сѐ во часовите, и дека со тоа можеш да му се даде поттик или инспирација за нешто на врсниците, па дури и на помладите кои тек од прва треба да го поминуваат ова кои што си го поминал ти и со тоа можеби да ги доведеш до нешто со еден поинаков вид на учење и интеракција.
Читај бе: Еден интересен факт за твојата изложба е дека имаш само женски портрети и е оддржана на 8-ми март. Сакам да те прашам зошто баш женски портрети и зошто го одбра баш овој датум?
Софија: Изложбата ја реализирав така што најпрво од се го смислив насловот ,,Или сме или не сме”. Потоа кога размислував што би фотографирала што ќе одговара најмногу со насловот, се што ми доаѓаше на памет беа портрети. Одлучив да фотографирам женски портрети со цел да ги скршиме бариерите на тоа како е гледана жената, особено младите девојки во општеството, како постојано е судена за физичкиот изглед, како постојано добива коментари за како тоа треба или не треба да изгледа, а со тоа буквално ја цеди нашата самодоверба од нас. Затоа јас како млада девојка чувствував должност да искажам што мислам преку оваа изложба, додека пак датумот ми беше предложен од мојот ментор, Александар М. Поповски, не мислам дека ќе пронајдев подобар ден од овој за да се изведе ова, односно ден кој е посветен на бранење на женските права и на жените. А додека сме кај реализирањето на изложбата сакам да им оддадам огромна благодарност на девојките кои ги фотографирав: Викторија, Тамара, АнаМарија, Ивона и Лина. Благодарение на нив го достигнав сето она што го имав замислено.
Читај бе: Што е силна жена според тебе?
Софија: Според мене, не постои жена која е слаба, секоја една жена или девојка, направила, поминала нешто што ја направила силна.
Читај бе: Кој најмногу те инспирира во животот?
Софија: Многу луѓе во животот ме инспирирале да направам нешто, но најмногу од сите добивам инспирација од моите две постари сестри. Тие се оние со кои израснав и поминував најмногу време и ме научија на сѐ и сешто и до ден денеска се оние кои ги прашувам за мислење пред да направам што било или ми помагаат да остварам нешто.
Читај бе: Што ќе им порачаш на возрасните?
Софија: На возрасните, иако не сакаат да слушаат мислење од нас – помладите, би им препорачала да не очекуваат од нас сѐ она што тие го замислиле. Зацртуваат некаква точка за нас помладите која не сакаме да ја оствариме, а на крајот тие остануваат разочарани, а со тоа и ние.
Читај бе: И за крај би сакале да те прашаме кое е животното мото на еден матурант?
Софија: Во ред е да се нема план за тоа што понатаму. Знам колку една одука е тешка и јас самата сум млада девојка која секојдневно се справува со прашањето ,,Што после матурата?”. Но, верувам дека сите ќе најдеме нешто кое ќе не исполнува до крајот на животот.