adziovski

„Само птиците се враќаат назад – бегалците во историската голгота на Егејска Македонија“ е најновата книга на македонистот Христијан Аџиоски, која е резултат на долгогодишно истражување, па така на јавноста ѝ е достапна богато податлива книга во која е забележана историска хроника за чемерната голгота на Егејска Македонија и прогонствата на бегалците од дедовата земја. Во ова книжевно дело е опишан долгиот пат и страдањата на стотици илјади семејства, кои сурово биле разменувани како што овчарите си го разменуваат добитокот, само затоа што така сакале „големите“, кои секогаш одлучуваат за иднината на малите.

Аџиоски направи книжевен подвиг кој е за огромна пофалба, бидејќи се работи за книжевно собирачко дело, во кое се документирани: луѓе, топоними, настани кои сведочат за едно историско време пред и потоа, за денови кои не смеат да му случат повторно на ниеден народ.

Зошто настана оваа книга?

Бидејќи Егејска Македонија не е само морето, плажите, шопингот, гирото и по некое нашинско оро, Егејска Македонија е страдалничка земја која била жртва на најголемата размена на население во XX век. А татковина може да се нарече само земјата која ги чува гробовите обраснати со трње – како сведоштва за корените на илјадници откорнати од родната грутка.

Во продолжение неколку цитати од книгата, којашто треба да се најде во иднина во секој дом:

Од воведот

Најсилната водилка останува да биде вербата дека родната земја на Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков и Мирка Гинова во иднина ќе биде јасно препознатлива во светот како неуништлив белег и крунски украс во културно-историската ризница на Македонците.

Нека ова истражување биде мал поттик и за македонските составувачи на историската наука, особено за стручната и академска јавност што почесто да проникнува интерес за нови потемелни, а и научно поиздржани истражувачки потфати од оваа област, кои ќе нѐ одведат до нови одаи на закопани вистини чии сведоштва можат да бидат целивани од нацијата како најскапоцена реликвија.

Од преродбата на Кукуш

Како резултат на македонскиот отпор и борбата за народна училишна просвета, уште во 1857 година кукушани испраќаат повик до македонската интелекту- ална класа – ги повикуваат Димитар Миладинов и Рајко Жинзифов во Кукуш да отворат народно училиште, а истовремено се обратиле и до архиепископот Партениј Зографски во Цариград да им ги испрати учебниците напишани и објавени од него. Димитар Миладинов со воодушевување прифатил и им напишал писмо на кукушани:

„…Скокам од радост гледајќи го вашиот стремеж и вашата љубов кон мајчиниот јазик… Вие сте први во Источна Македонија што почнавте да го изучувате нашиот прадедов јазик, ќе бидете првите што ќе ја овековечат својата татковина во словенската историја“.

Бежанците од Кукушко во Струмичко

Прогонети од сопствените домови покрај богати плодородни рамнини, откинати од гробовите на својата милениумска лоза, се распрснале по црни беспаќа и безнадежни друмови кои требало да родат нова надеж – од Струмица, па сѐ до Бургас. Во тие пребегувања го добија името бежанци со кое и го напуштија овој свет, а тоа име остана бележито и за нивните поколенија. Бежанците до последниот здив живееле со надеж дека еден ден, како птици со своите ранети крилја ќе се вивнат во небото високо над замислената граница и прелетувајќи преку Дојран и Беласица, ќе  можат да се вратат во „старата дома“.

Изјава на бежанец од кукушкото село Морарци, прогонет во Струмица (кукушки говор)

„Морáрци уф укóлита би́ше пӑрва. Три́ста и пéӑсе кӑшти би́ше… сéга бих, тáа éсин уди́х, нéма ни́што. Кá óдум там, нӑ то мéсто, шо к’и ви́диш? – сѐ пул’áни. Сáмо аднá жéна најдéме уд нáште, шо зна нáшо да гувóре, друг нéма, сѐ гӑрчко“.

Пресмртното писмо на македонскиот национален деец од Граждано, Лазо Ангеловски, 18.8.1948 г.

„…Драги чичко, ако дојде време Лерин да го ослободите, дојди и ти, донеси ги мајка ми и сестри ми, па побарај ја мојата гробница, за да сронат солзи крвави за моите коски да се накиснат и мене да ме разбудат.“

За размената на население меѓу Труција и Грција

Конвенцијата од Лозана наметнува задолжително иселување на православното население од Турција и муслиманското од Грција, а по предлог на турската делегација, се забранува и враќање во нивните стари домови откако еднаш ќе бидат напуштени.    

Бегалците биле нарекувани „децата на божјото проклетство“, кои сурово биле разменувани како што овчарите си го разменуваат добитокот, затоа што така сакале „големите“, кои секогаш одлучуваат за иднината на малите.

Изјава на турски бегалец

За сите протерани народи од родната грутка, размената на населението имала големи трауматски психолошки последици. Професорката Ајше Лахур Киртунц, муслиманка протерана од Крит во Турција, во едно интервју изјавила:

„Доцна ни е да ги чуваме нашите сеќавања… но суштината на изјавата на секој мигрант останува иста. Раѓање на едно место, стареење на друго место. И чувството е странец на двете места.“

Христијан Аџиоски (1992) основно образование завршува во Кичево и Битола, а средно образование во Битола.

Во 2016 година дипломира на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола каде што се стекнува со звање дипломиран професор по македонски јазик и книжевност. Во 2017 година се здобива и со лиценца за туристички водич и придружник на Факултетот за туризам при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.  Од 2019 година е лиценциран лектор по македонски јазик со положен лекторски испит во Институтот за македонски јазик – Скопје.

Автор е на книгите: романот „Подарок за блиски раце (2012)“, научно-литературната монографија „Демо- графските промени во македонските села (1948 – 2002) (2019)“, збирката бајки за деца „Приказни за големи и мали сонувачи (2019)“, зборникот на македонски народни преданија „Гласот на предците“ (2022) и на повеќе пократки прозни и поетски дела. „Само птиците се враќаат назад (бегалците во историската голгота на Егејска Македонија)“ (2024) е неговото петто книжевно остварување.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

„Скокнав од работ на совеста и нурнав во вртлогот на забрзаниот крвоток“ – денот на поезијата го одбележуваме со стиховите на Силвана Нешковска

На Светскиот ден на поезијата беше промовирана збирката поезија „Првата половина“ од…