Четирите клучни ликови на Шекспировата безвремена пиеса „Хамлет“, Хамлет, Офелија, Клаудиј и Гертруда, поместени во простор лишен од историски и културолошки контекст, во атмосфера во која секој морален императив губи смисла, во услови на беспоштедна игра за преживување, ги живеат последните часови од својот животот. Денот на убиствата!
Ставен во такви екстремни услови, овој извонреден квартет од ликови и актери, кои им соживуваат на тие ликови со секоја фраза од кажаната реплика, ги испитува границите на човековата природа, поставувајќи ги прашањата за човековата ранливост, кршливост, за кревкоста на неговите ставови и убиственоста на неговите мисли, за несигурноста на неговата позиција во светот. За тоа – да се биде или не!
Премиерата „ХАМЛЕТ – Денот на убиствата“ според пиесата на Бернар Мари – Колтес, а во режија на Марјан Неќак ќе биде на 01.03.2024
Самиот текст на Бернар-Мари Колтес, напишан во ритмична проза, се базира на јазик што потсетува на Шекспировиот, но целиот во недоречености и метафорични енигми, кои вовлекуваат во непрекинат тек на дејствие, што како да ита да се изврши и да стигне на целта – со очекуван крај. Нашата интерпретација на текстот имаше задача тој прецизен, флуиден како музичка композиција, текст, да го направи поразигран во структурата, но сценски повитален – со материјал што му дава динамичност на дејствието, а ја собира содржината на текстот до толкава густина што ги прави сцените напрегнати до неиздржливост. Крајно провокативната ситуација на еден необичен квартет, фаталистички предаден на игра со Смртта, во која ги испитувавме можностите на темата убиството како уметност на умирањето, резултираше со создавање на театарско дело со сето богатство и магичност на еден потполн театрско-сценски израз – и актерски, и говорен, и музички, и визуелен. Ако тој едночасовен универзум што го создадовме ги поттикне креативноста и чувството за убаво кај гледачот, секој од нас слободно ќе може, како Хамлет, да каже: „Би можеле да ме пикнат и во ореова лушпа, па пак да се сметам за крал на бескраен простор“.
Оливера Павловиќ
Режисер и автор на музиката: Марјан Неќак
Драматург: Оливера Павловиќ
Сценограф: Валентин Светозарев
Костимограф: Андреј Ѓоргиевски
Дизајнер на видео: Сашо Илковски
Светло-мајстор:
Тон-мајстор: Александар Димовски
Автори на плакатот: Марјан Некаќ и Сашо Илковски
Консултант за билијард: Игор Радичоски
Играат:
Хамлет – Никола Стефанов
Клаудиј – Иван Јерчиќ
Гертруда – Валентина Грамосли
Офелија – Викторија Степановска Јанкуловска
Видео проекции: Владимир Переловски, Филип Ошавков
Суфлер: Мирјана Христовска
Инспициент: Димитар Михајловски
Во претставата се употребени фрагменти од аријата „Nessun Dorma“ од операта „Турандот“ на Ѓакомо Пучини и фрагмент од песната „What was I made for“ од Били Елиш; стихови од Вилијам Шекспир, Оскар Вајлд, Рајнер Марија Рилке, Емили Дикинсон, Борис Пастернак.