Издигнат високо над карпите со поглед кон Баба, Кајмакчалан и Бабуна, на висина од 1280 метри надморска височина, се наоѓа еден од најстарите и најубавите манастири во Македонија, Манастирот Трескавец. Црквата која се наоѓа во овој комплекс е посветена на Успението на Пресвета Богородица.
Во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ го има најстарото фрескосликарство од XIV век со исклучително уметнички и иконографски вредности, изработено од вештите зографи. Најстариот живопис во храмот, кој се однесува на хронолошкиот приказ на светителите и празниците од православниот календар, датира од 1334 до 1343 година. До денес се зачувани претстави на шеесетина календарски денови.
Во манастирот се зачувани и многу значајни уметнички творби, како дрвена врата во плитка резба, украсена со фигурални и геометриски форми, дело на прочуените резбари од Слепчанската резбарска школа, која со својата тематска и естетска композиција навистина одушевува.
Се до 2013 година овој манастир беше еден од најнепристапните манастири до кои водеше тесен пат кој како вијуга се издигнуваше до карпите. Се асфалтираниот пат од пред 10 години, секој верник може да ужива во неверојатната глетка од карпите, но и да се воодушевува на црковното и историското наследство.
Манастирот Трескавец во својата историја трипати страдал од катастрофални пожари. Првиот бил во 1867 година кога исгореле само конаците. Вториот се случил на 9 јануари 1990 година кога целосно изгореле конаците. Потоа со донации истите биле обновени во автентичниот стил. Последен и трет пожар настанал на 4 февруари 2013 година, кога поради дефект на греалка целосно изгореле манастирските конаци.