Света Лидија е прва личност која што била крстена од страна на апостол Павле на европско тло и затоа се прославува како прва христијанка – Европјанка.
Света Лидија е родена во Тијатир, денешен Ак-Хисар, во Мала Азија, во првиот век. А во она време градот Тијатир беше познат по бојаџилниците. Па и оваа богобојазлива Лидија, како што се нарекува во Делата Апостолски (16, 14), беше продавачка на пурпурни ткаенини и бои, кога го чу Евангелието и стана прв човек во Филипи, во Македонија и во Европа, кого светиот апостол Павле го обрати во верата. За своето доаѓање во Македонија првиот проповедник на Евангелието за незнабожците беше поттикнат од Светиот Дух во видение. Бидејќи, кога апостолот и браќата што беа со него дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија, Духот Свети не ги пушти. И кога ја напуштија Мизија, слегоа во Троада. Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’ (Дела 16, 7–9). Надвор од градот Филипи при една река, сведочат апостолите во Делата Апостолски, беше едно место каде што доаѓаа од градот оние што имаа обичај да се молат. Меѓу таму насобраните жени Господ ѝ го отвори срцето на богобојазливата Лидија да внимава на зборовите Павлови. А кога се крсти таа и целиот нејзин дом, ги молеше кај неа да живеат Павле и оние што го придружуваа (апостолите Сила и Тимотеј), велејќи: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа.” (Дела 16, 15). Според преданието, Лидија станала ѓакониса во Филипи, а нејзиниот дом бил претворен во дом за молитва, односно во црква, и тоа е првата христијанска црква на тлото на Европа.
Лидија е првата христијанка жена, во првата христијанска црква во Европа – црквата во Филипи, Македонија. Апостол Павле единствено од оваа црква примил дарови за своето мисионерско дејство, бидејќи знаел дека тие биле дадени од срца полни со љубов. Оваа црква станува пример за формирање на други цркви во Македонија и во Елада. Се смета дека Лидија е основоположник и на црквата во Тијатир која е една од седумте цркви во Азија, за коишто зборува свети Јован во Откровението. Единаесет години по заминувањето од Филипи, пред крајот на првото заточеништво во Рим (63-64 година) апостол Павле пишува послание до Филипјаните, со многу љубов и лични спомени:„ Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа и така,браќа мои возљубени и многу пожелани, радост моја и венец, стоите тврдо во Господа, возљубени“.
Името Лидија значи „родено од Бога“, односно жена од Лидија, провинција во Мала Азија. Во коренот на името е асирскиот збор „Luddi“, што значи „народ“.
Името Лидија се смета дека потекнува од хебрејски јазик или потекнува од антички грчки збор што значи „родено од бог“ или „родено во Лидија“ (римска провинција во Мала Азија). Името има и други, слични значења: „Божјото послание“, „Божјата милост“, „безгрешен“, „оној што Го испрати Бог за да сподели добро и правда во своето име“.