Денеска го славиме денот посветен на Свети Јован Шангајски и Сан Франциски. Денешниот ден е втора слава за црквата „Света Троица“ односно попозната како „Руска Црква“ која го чува споменот за него, чувајќи ги и покажувајќи ги на верниците предметите со кои св. Јован богослужел, неговите свештенички облеки и др. Се планира ставање иконостас во просторијата каде верниците ќе можат директно да се помолат пред верните предмети од него во оваа Црква, во која често богослужел за време на неговиот престој во Битола од 1927 до 1934 како професор на Богословијата во Битола.

287575966 1398017567367738 7307426511425658920 n

Свети Јован Шангајски е роден во 1896 година, во Харковската губернија, Русија. По Октомвриската револуција, заедно со семејството најде засолниште во Белград, каде што се запиша на Богословскиот факултет. Во 1926, една година по дипломирањето, прими монашки потстриг, добивајќи име по неговиот далечен роднина свети Јован Тоболски. Во ноември истата година го ракоположија за јеромонах. Наскоро почна да работи како професор во Православната семинарија „Свети Јован Богослов“ во Битола. Јован стана голем подвижник; немаше спиено во кревет од моментот кога ги даде монашките завети па сè до своето упокојување 40 години подоцна; јадеше само еднаш дневно, еден час пред полноќ; за време на првата и последната седмица од Великиот пост воопшто не земаше храна, а во останатото време од Постот се поткрепуваше само со просфора од олтарот.

ioann shanhajski

Често одеше бос дури и во најстудените денови. На 38-годишна возраст беше воздигнат во епископски чин. Во своето смирение, свети Јован сè до последниот момент беше сигурен дека по грешка го викнале, дека сигурно бараат некој друг јеромонах Јован, зашто тој имајќи говорна мана сметаше дека не може да служи. „И великиот пророк Мојсеј пелтечеше“ – му одговорија.

Беше назначен за надлежен архиереј на Шангајската епархија, Кина. Таму работеше на возобнова на единството меѓу локалните верници од различна националност, како и на изградба на соборен храм и многубројни други цркви и болници. Ги посетуваше болните и оние во затвор, и одеше кај секој тешко болен во кое било време од ноќта и денот за да се помоли крај неговата постела – многумина известуваа за чудотворни исцелувања. Собираше дечиња болни и во неволји од улиците на Шангај и се грижеше за нив во сиропиталиштето што самиот го основа. Владиката служеше Божествена Литургија и се причестуваше со Светите Тајни секојдневно, сè до крајот на својот живот. Свети Јован служеше и на Филипините кога Русите мораа да ја напуштат Кина. Најпосле служеше во Сан Франциско. Неговите последни години беа исполнети со многу страдања, судири и клевети; Владиката дури мораше да сведочи на суд, но на крајот вистината победи. Ги претскажа времето и местото на својата смрт, и на 2 јули 1966 година, крај чудотворна Икона на Богородица, тој се упокои во Господа. Многумина известија дека им се јавил на сон или во видение, исполнет со радост и сиот во светлина. Во 1994 година црковната комисија на Руската Задгранична Црква откри дека моштите му се нетлени. Многу верници, молејќи се пред неговите мошти, добиваат исцелување и утеха.

02 075

Ја пренесуваме и поемата која писателката Билјана Андоновска ја напиша и е посветена на овој светител.

Св. Јован Шангајски (04.06.1896 – 02.07.1966)
Билјана Андоновска

Низ Битола жив Светец шеташе,
битолските Богослови како свои деца ги гледаше.
Париз, Шангај и Сан Франциско, секаде сјаеше неговата Слава.
Светецот што бос шеташе,
малку спиеше, а
многу се молеше.
Од исток до запад,
проповедаше, неговата Вера и љубов многу луѓе спасуваше.
И ден денес исцеленија и чудеса твори,
битолчани со радост го празнуваат,
крстот негов и одеждите, храм битолски чуваат.
Моли се Св. Јоване и спомни си за Битола,
верата нека во секое дело не води,
од секоја душа добро дело да се роди.

Кој е тој човек? – Свети Николај Жички за свети Јован Шангајски

Тој беше со кревко тело, со светли очи и насмеано лице; беше поранешен продавач на белградските весници. После Првата светска војна, тој секое утро доаѓаше до зградата на Патријаршијата, извикувајќи: „Весници, весници!“

Ние купувавме весници од него, но никој од нас не ни насетуваше дека тој, уште пред емигрирањето во Србија, го имаше завршено највишото училиште во Русија: Полтавскиот кадетски корпус и Правниот факултет во Харков. Со бедната заработка од продажбата на весници, тој ги издржуваше своите родители и себеси.

Го заврши Богословскиот факултет во Белград, се замонаши и стана професор на Битолската богословија во мојата Охридско-битолска епархија. Во 1934 година беше ракоположен за Епископ Шангајски во Кина…

Со иконата на свети Наум Охридски одеше по болниците и им читаше молитви на болните Кинези и многумина исцели, за што постојат и лекарски потврдувања. Уште во Битола беше познат како голем испосник и молитвеник. Секојдневно служеше Литургија. Никогаш не спиеше лежејќи во постела. Никој никогаш не го имаше видено да се гневи.

Една зима служев со него служба во руската црква во Бронкс. Тој потоа ме испрати до улица. На себе имаше лесно расо од тенка кинеска свила. „Убаво расо имаш, брат Јован, и убаво ти стои“, му реков попатно. Само што го изговорив тоа, тој почна да го соблекува расото за да ми го даде. Се зачудив и избегав. Тоа расо му беше подарок од некого, и спомен на Шангај. Таков е тој – и само тој. Тој својата иднина не ја обезбедува и не се грижи за неа. Заслужената љубов од народот – тоа е најсигурната банка која со најголема камата го осигурува слугата Божји, и за време на животот и по смртта.

А легендарата самопожртвуваност на свети Јован – вистинска света саможрвеност! За секој се грижеше повеќе отколку за себеси, и затоа сите и се грижеа за него. Благодарение на таа добрина и на таа саможртвеност, него секаде го испраќаат со солзи и го дочекуваат со радост. Од Битола во Шангај, од Шангај во Америка, и од Америка во Европа. Жив Светител – така зборуваат луѓето за него, од Балканот сѐ до крајот на земјата.

    Напишете коментар

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

    Претплатете се за новости

    You May Also Like

    Џепането како културен, историски и рекреативен центар – Магистерски труд на Искра Јовевска од Битола

    Продолжуваме со презентирање на магистерските трудови изработени од 6 млади архитекти од…

    ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола го доби признанието за Најдобра установа од областа на заштитата, образованието и рехабилитација на лицата со попреченост

    Фондацијата ,,Професор д-р Љупчо Ајдински”, а на предлог на Сојузот на специјални…

    Петти Акатист кон Мајката Божја во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола

    На 08.04.2022 г., во петтиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски и…

    Хиподром во близина на Кравари – магистерски труд на Елена Босилковска

    Елена Босилковска од Битола, магистриран архитект на Архитектонскиот Факултет при Универзитетот „Св.…