Во животот неизбежно сте сретнале барем една ваква личност – тој тврди дека е стручњак, вешт и полн со знаење, но кога треба да го покаже тоа знаење и вештина – не може, затоа што ги нема. Вашата прва мисла е веројатно дека сите по малку се фалат: создаваме подобра слика за себе, подобро се „продаваме“ или едноставно го правиме тоа за да ја прикриеме нашата несигурност фалејќи ги нашите способности. Ова се можни објаснувања, но тие подразбираат намерно преправање и свесност за своите недостатоци.
Психологијата нуди одговор токму за оние кои искрено веруваат дека се полни со знаење, а не се – тоа е Данинг-Кругер ефектот.
Ваквата појава, според која луѓето со недостаток на вештини и знаење во одредена област страдаат од илузорна супериорност, погрешно верувајќи дека нивните вештини се многу поголеми отколку што всушност се, први ја опишале Дејвид Данинг и Џастин Кругер. Според нив, во 1999 година оваа појава е наречена Данинг-Кругер ефект.
Ефектот Данинг-Кругер е психолошки феномен кој имплицира дека индивидуите со недостаток на знаење и вештини имаат нереално позитивна слика за сопствените способности во споредба со способностите на другите луѓе. Оваа илузорна супериорност е форма на когнитивна пристрасност и често се нарекува „двојно проклетство“, бидејќи поединците не само што немаат способност да извршат задача, туку и немаат способност да ја препознаат сопствената неспособност, што резултира со нереално позитивни верувања во себе.
Секојдневни опасности поради ефектот Данинг-Кругер
Овој ефект може да биде иритирачки и да предизвика фрустрации кај другите луѓе, а со тоа да ги загрози меѓучовечките односи. Личноста која упорно тврди дека е компетентна, а потоа ќе испадне дека ја нема потребната компетентност за извршување на некоја задача, работа или секојдневна активност, може брзо да ја изгуби довербата на колегите или пријателите и да ризикува да биде исклучена од заедничката или приватната работа.
Втората и можеби поочигледна последица е онаа поврзана со несоодветното извршување на работните задачи на одговорните позиции. Замислете хирург или возач на автобус кој верува дека тие се поспособни од сите други да ги извршуваат оние задачи од кои зависи нечиј живот или безбедност, а потоа излегува дека ова верување било нереално позитивно.
Она што е интересно е што кај високо надарените, овој ефект има обратна пропорционалност, бидејќи тие генерално ги потценуваат своите способности.
Еве што рекле неколку историски личности за оваа појава:
Конфучие: Вистинското знаење е да се знае нивото на вашето незнаење.
Шекспир: Будалата мисли дека е умен, а мудриот знае дека е будала.
Дарвин: Незнаењето почесто станува доверба отколку знаењето.
Ниче: Верувањата се поопасни непријатели на вистината од лагите.
Бернард Расел: Проблемот овој со свет е што глупавите се агресивно сигурни, а интелигентните се полни со сомнеж.
Сите овие се интелектуалци кои низ историјата на човештвото правилно го препознале и забележале овој ефект (синдром) од сопственото искуство, но само Дејвид Данинг и Џастин Кругер во 1999 година емпириски и научно ја докажале веродостојноста на феноменот преку соодветно истражување.
Сите ја знаеме и изреката на Сократ: „Јас знам дека ништо не знам“, но за овие луѓе посоодветно би било: „Јас не знам дека ништо не знам“.