Софија Бејковска предава латински и старогрчки јазик во СОУ Гимназијата „Јосип Броз- Тито“ – Битола. Таа е интересен современ лик, кој одамна ги има надминато општите животни уверувања, што се чини и сосем природно за некој кој се занимава со класични јазици. Јазичарите, во основа се луѓе кои непрекинато учат од сè и секого и во тоа е суштината на оваа професија, затоа што секој јазик е жива материја, кој има тенденција да се менува и прилагодува кон општествените промени, исто ко и човекот.
Поводот за ова интервју е претставата „Далеку, а сосем тука“, авторски проект на средношколците од Горната Гимназија. Претставата премиерно ќе се одигра на летната сцена на Тумбе кафе, на 31 мај во 20 часот, а репризите се на 1 и 2 јуни во истото време и место.
Интересно е што некому му текна да го ревитализира Тумбе кафе, наспроти сите негови нелогични каменувања, таму има доста битолска душа, и боемска и културна која обележала важни моменти од битолскиот егзистенцијален наратив, ако е земе предвид дека се наоѓа недалеку од Хераклеа.
- Како професор по класични јазици, иматеможност да нурните длабоко во текот на човечката цивилизација. Колку човекот го сменил наравот во т.н еволуција?
Промените низ историјата го смениле изгледот на светот, ја промениле облеката на луѓето, смениле граници и имиња, но не го смениле човекот, ниту неговите грешки, недостатоци и доблести. Тоа во суштина е и нашата приказна. Ако човекот го поставиме во кое и да е време, тој зборува за истите работи, ги прави истите грешки, ги бара вистинските промени. Можеби го живееме најзначајното време во човечката историја, а сигурна сум дека тоа го велеле и пред нас низ вековите, но земајќи ја предвид колективната свест и интуиција човекот можеби го живее последниот циклус на својата еволуција, па одвртувајќи се (еvolvere) напред кон иднината го чека својот исход низ неговиот последен пресврт (револуција). Се движиме кон неизвесна иднина.
- Митот како основа на светот, дали ја содржи смислата на животот?
Митовите заедно со античката философија врежале длабок рез во кората на денешната научна мисла, религија и уметност. Мора да почнеме од минатото за да ја забележиме сегашноста и за да ја претпоставиме иднината. Штета е што образовниот систем вака поставен не трага ни по смислата на животот, ни по вистината, иако за неа зборувале и пишувале илјади години пред нашето постоење. Низ систематизацијата на наставните предмети заради потребите на одредени општествени прилики никогаш не сме имале можност да размислуваме во сите правци и да се ослободиме од прангите на формалноста.
- Кој е најголемиот предизвик во наставата на часовите по старогрчки и латински јазик?
Жарот во очите на децата, тоа е најголемиот предизвик. Ко ќе знаеш дека зборуваш за корените на светот, а допираш до корените на нивните души.
- Јавноста ги нарекува мртви јазици, а науката, оние кои ги говорат вистински зналци – вашиот одговор е?
Мртов е оној за кој не се зборува и чии дела никаде во денешноста не допираат. Тоа, за жал, или за среќа, не може да се случи со класичните јазици. Оти ни Рим е мртов, ни латинскиот исчезна. Ни грчкото културно влијание може да се тргне од светот, ни старогрчкиот може да се занемари. За да Ви појаснам ќе ви дадам пример со една реченица: „Поезијата во самата драма на самите актери им го потенцира дијалогот низ сите сцени и се манифестира од сите перспективи на денешната реалност. “ Во оваа реченица се искористени девет збора од латинско и старогрчко потекло. Инаку, ако зборувам лично за себе, иако класичен филолог, не сакам да го оптоварувам мојот говор ни со латинизми, ни со грцизми.
- Ако не беше Антиката, немаше да биде Ренесансата и така натаму. Во таа насока – како изгледа еден Ваш час, што сакате Вашите ученици да научат?
Сакам да научат сѐ. Од етимологија, до философија на јазикот, да ги повторат знаењата на сите говорни јазици, да ја најдат поврзаноста во сите науки и сите религии, да знаат да споредат историски настани со сегашните случувања, да изградат сопствени мислења преку разните дискусии, да имаат став, да знаат да согледаат, да знаат да речат „не“ на неправда, да научат како да не станат робови во денешниот суров свет. Но најважно од сѐ, сакам да научат да бидат луѓе.
„Далеку, а сосем тука“ е претстава која низ митолошкото и политичкото минато ќе ве поведе во нашата неизвесна сегашност за да ви пренесе дека секоја пречка во животот е минлива и менлива.
На сцената испреплетени одекнуваат страдањата на жените од војни и насилство, неправдите нанесени врз праведниците низ историјата, болката и љубовта на мајката за своето чедо, доаѓањето на новата мисла, потребата за промена, смената на поредокот и за крај, сенката на несигурната иднина која демне врз сите.
Режија и сценарио: Бисера Стефановска
Асистент на режија и сценарио: Ангела Цветковска
Асистент на сценарио: Ана Марија Петровска
Улоги:
Василиј Тасевски – Хад
Ангела Цветковска – Персефона
Михаил Јанески – Зевс
Анастасија Трајковска – Афродита
Теодора Јовчевска – Деметра
Дамјан Каранфиловски – Сократ
Бојана Тодорова – Гај Јулиј Цезар и ученик на Сократ
Илиана Николовска – Атена
Анастасија Бејковска – Клитајмнестра
Ивана Парговска – Касандра
Селма Мемиш – Пенелопа
Ана Марија Петровска – поетесата Сапфо и граѓанин
Петра Димитровска – Судија на Сократ и заробеник во Платоновата пештера
Катја Златевска – заробеник во Платоновата пештера
Теона Петровска – заробеник во Платоновата пештера
Викторија Марцевска – сенка од Подземјето
Емилија Трајковска – сенка од Подземјето и граѓанин
Михаела Нешкоска – сенка од Подземјето
Тамара Белевска – сенка од Подземјето
Марија Димоска – следбеничка на Деметра и граѓанин
Нина Дејаноска – следбеничка на Деметра и поетеса во Подземјето
Ангела Гарабиљевиќ – следбеничка на Деметра и граѓанин
Ана Богдановска – следбеничка на Деметра и ученик на Сократ
Томе Јолевски – граѓанин
Бора Килич – чувар на власта
Лука Тренчевски – чувар на власта
Лука Димовски – чувар на власта
Светло мајстор: Никола Ѓеоргиевски
Кореографија: Ана Марија Петровска
Костимографија и сценографија:
Јана Богдановска
Јована Неделкова
Ема Костова
Јована Силјанова
Марија Тодоровска
Аудио монтажа и графички дизајн:
Лука Петровски
Камера: Давид Козаров
Фотографија: Мила Петковска
Водители на настанот:
Лука Лозановски
Јана Стојчевска