Зошто плукате по улици? Зошто уринирате на јавни места? Зошто не го чистите изметот од домашните миленичиња кога ги шетате во паркот, а истовремено нечие дете проодува во тој ист парк? Зошто опушоците од цигари не ги фрлате в канта – децата просто обожуваат да играат со земја? Ај што не ви е гајле за моето дете, зошто не се грижите за вашите деца, внуци… за вас?
Зошто кога ќе одите во странство не се однесувате, батал, исто ко овде?
Реагирате на казни, одлично.
Во Македонија – казните за еколошка недисциплина можат да создадат одржлив државен буџет, под услов челниците да се еколошки свесни за процесот на создавање на кислород и облагородување на просторот со зелени и цветни површини.
Живеам на фреквентна улица во централното јадро на градот. Денот ми почнува околу 5 часот наутро и она што секој ден го гледам низ прозорец е како луѓе во зелени униформи го чистат градот од нечии вечерни егзебиции на видна некултура или култура (секој има свој аршин – демократија).
Тие луѓе не се ѓубреџии, тие луѓе се чистачи не само на физички, туку и на ментален неред.
Ја преживеавме пандемијата т.е сега го бериме кајмакот, наголемо експертите говореа дека вирусот се пренесува преку плунков, носев секрет и така натаму- не сум медицинско лице, се залагав само да се отстрани фразата социјална дистанца бидејќи има спротивно значење од физичко растојание, оној кој е писмен ќе разбере.
Требаше да се вратиме во новата нормала. Која црна нова нормала!?
Како некој кој е останат по улици – надвор е движечка психоза со немерлива брзина.
Кој е виновен за еколошката апокалипса – човекот, индивидуалец.
Колку пати беа поставени канти за отпадоци и беа буквално уништени поради целосно неразјаснети причини – девијатно однесување, вандализам поради општествено незадоволство.
А кога сте незадоволни од семејниот поредок, дома се тепате, корните плочки, ги фрлате масите, креветите, столиците, си ја уништувате куќата?
Има денови, кога од по течението на Драгор, концептуален уметник може да опреми цело живеалиште – смешна трагедија на високо образовано општество.
Човечкиот карактер доаѓа до израз кога се соочува со тешко бреме. Познавам луѓе на кои им било дојдено да скончат со сѐ, па останаа луѓе и им помогнале на други и продолжиле понатаму низ животот без да му наштетат на нешто или некому – значи нема оправдување.
Ама плукањето по улици и „секнењето“ на носот е врвот на битолската култура. Во едни дамнешни времиња без шамивче никој не излегуваше од дома (ни мажи, ни жени), подоцна се појавија на пазарот Палома хартиените шамивчиња кои се околу 7 до 10 денари, или купете ги од маркет наголемо, ќе ви се најдат.
Оксиморонски е набилдан, дотеран, намирисан во фазон алфа мажјак да плука пред излегвање кај Саатот, а налет тоа, спроти него женска во најдобри години, со облагородено тело и напред и назад, потпетица со должина на ноктите и со истата ја гаси цигарата кај споменикот на Филип.
Љубовта кон Битола и Македонија се докажува со дела.