Од децата очекуваме да се однесуваат разумно, пристојно, да учат, да бидат вредни и така натаму. Арно ама, дали некој се запрашал што очекуваат тие деца од возрасните (за размислување)?
Горе- долу сите доаѓаме на некоја возраст кога сфаќаме дека возраста не е мерило за умност.
Имам запознаено деца со чиста, јадра мисла, имам запознаено старци за кои најблаго кажано подобро да не се сретневме – ама немаше како да се замати јасноста на денот.
И на крајот, сѐ се сведува: очекувај онолку колку што вложуваш.
Во една прилика, еден интересен лик во неврзан разговор ми рече „Промената е главна состојка на постоењето“, тогашните околности не ми дадоа можност да ја сфатам во целост, но за среќа ја запишав. После околу една деценија, кога околностите се целосно сменети, сфатив, веројатно, што сакаше да ми каже.
Основниот проблем на луѓето, т.е и мој, и твој, и сечиј е што не се трудиме да се промениме себеси кога нашето битие има потреба од промена, има очајна потреба да се оттргне од рутината на живеењето, туку чекаме да се разболиме, да изгледаме очајно, да нѐ изеде немирот.
Второ, една монета има две страни, колкава е веројатноста на тие две страни да се сретнат – не постои, но секогаш се заедно. Овој век е најзначаен за опстанокот на човештвото, или ќе научиме да живееме заедно поднесувајќи се едни со други, освестени дека секој од нас е индивидуа за себе и никој нема право никого да менува според своите желби, а секоја индивидуа има свој животен пат, кој го изодува сама – во најпредизвикувачките моменти од животот, човекот најчесто е сам, а тоа е така за да може да се зацврсти неговото себство, а не да кука, не за џабе се вели дека хероите ги јади животот. Ако човек не ја издржи ко што треба оваа самотија, тој ќе пропадне.
Има многу промени кои се наметнуваат природно во 21 век: потребата од духовен мир, потребата од љубов без услови, од пријателства без предрасуди, потребата за слобода, потребата за припадност, потребата од деноноќие без страв…
Затоа, менувајте сѐ што не ви допаѓа околу вас, што не ви дава да дишете, да егзистирате ко личност, што го понижува вашето достоинство, пред да биде доцна, а габаритниот симптом е кога ве стега сопствената кожа.