Отсекогаш се воодушевував на сончогледите на Ван Гог, веројатно затоа што и пораснав во полиња со сончогледи (вртисонце), сѐ уште ја чувствувам нивната лепливост на дланките додека се обидував да ја откинам најсочната шапка, додека колената ми беа излупени и крвави од игрите надвор на улица. Не, не сум толку многу стара, а релативно сум изживеана и реализирана личност, но на чуден начин ко да брзав да порастам…и набрзо се најдов во асфалтираната џунгла – најверојатно, најтажните луѓе ја создаваат најтоплата, уметноста која влева надеж, тешејќи се од суровоста на животот – тоа го сфатив кога ја прочитав биографијата на Винсент.
Веројатно сте слушнале за поетот Мика Антиќ, тој ги напиша стиховите, кои ми се врежаа, па ми одѕвонуваат после секоја т.н гала вечер, фестивал на ега и веќе видени маски:
„И не знаеш колку исти ко тебе,
токму сега се спремаат за средба со тебе.
Ти не знеш кои се тие,прекрасни,
своите денови со самотија ги разблажиле…
А убаво, сте можеле да се сретнете,
Само малку да сте се побарале…
И така, заминуваш во живот со погрешен,
Некој друг. Некој далечен“.
Луѓето имаат тенденција да се плашат од вистинската љубов, особено денес во џунглата кога сѐ има цена, а не секој е подготвен да плати и реално не мора. Стандардите се високи, а понудата сиромашна – сите бараат сѐ, никој – ништо не дава.
Човекот е себично суштество кое има невeројатна потреба од љубов.
Секој од секого сака: да е убав, угледен, одлично да заработува, да биде внимателен, да почитува, да сака безрезервно, да биде пожртвуван во врската, да има смисла за хумор, да има бескрајно разбирање.
За да има џентлмени, мора да има дами и обратно.
Една врска, небитно дали е пријателска или романтична, и во двете сценарија се покажало дека ако во врската нема 50/50 има распад кога-тогаш.
Не постои стабилна градба со еден носечки ѕид – консултирајте градежник.
Љубовта е жртва, во која човек ако не влезе со цело срце, тој губи однапред, а луѓето се плашат да губат, да бидат повредени и така се будат во некоја раскрсна возраст уморни и сами , со доза на каење зошто некогаш не се обиделе да бидат похрабри во односите со другите луѓе.
Има напишано и објавено еден куп статии и книги како да ја пронајдеме нашата сродна душа (немам поим дали постои), како да ѝ пријдеме на личноста што ни се допаѓа и на крајот сѐ се сведува дека нема рецепт. Во оваа чудесна доба на друштвени филтер мрежи од секаков карактер, луѓето очигледно не умеат да комуницираат, а најмалку да има некој позитивен нус ефект.
Борбената авијација е совршен пример, пилотите кои влегуваат во авионите, никогаш не прават планови за после летот, но секогаш во авионот влегуваат со надеж дека ќе се вратат живи – ова за мене е храброст, она што најмногу му недостига на современиот човек особено после пандемискиот шок е храброст и инцијативност – ништо не паѓа од небо, а случајностите кои ни се случуваат се само аларми да излеземе од удобната зона, но некогаш и самотијата е излегување од удобна зона, на оваа тема потаму.
Љубовта е заедничка потрага по знаење – Сократ.