Пишува: Биљана Т. Димко
Ова опкружување живее со зрели пукнатини во бетонираната мускулатура, благодарение на тоа што ја омаловажи физичката работа и што ја потенцира до немајкаде вредноста на високото образование.
Седењето на столчињата со вртење, постојаната мобилна комуникција и виртуелната интеракција, хранењето со инстант храна која веројатно има неограничен рок на траење, нереализираните сексуални нагони, креирањето на поголеми желби од можности, земање предвид на семејството како златна резерва за поддршка, делење пакетчиња дијазепами на +15 со рецепт се повеќе од доволни показатели дека човекот постојано се бори за слобода, ама најчесто го менува господарот.
Најбесните непријатели на слободата се среќните робови. Многумина сакаат да живеат во безбедна зона, единствено трудејќи се околу конвенционалните животни потреби.
Но, знаењето и слободата не поднесуваат конвенционални општествени рамки, затоа оној кој се бори за нив скоро никогаш не е прифатен и почитуван поради својот научен/интелектуален профил. Оние кои се борат за знаење и слобода се издигнуваат над просечните егзистенцијални мерила, за разлика од останатите кои се лесно приспособливи на комодитетот без идеали – народно речено „наведната глава – сабја не сечи“ ама се добива сколиоза, нели?
Додека фино опстојува силиконски обликуваната свест и маргиналните пори на опкружувањето војуваат за триумф, а истовремено се обидуваат да го зачуваат веќе одамна убиениот морал….на нашево опкружување му се потребни луѓе создадени од фина кал кои би имале точно објаснување што значи зборот НИШТО и да се обликуваат по принципот – разум, затоа што на човештвово очајно му е потребно препородување, затоа што човекот е свесно биолошко суштество.
Пожелно е да се убие куртоазијата и непотребното малтретирање на мозочните ганглии, во овој 21 век човекот е без љубов, без здрава храна, без чист воздух, пие вода со сомнителна содржина. Медиумската индустрија ја одредуваат неговата хипертензија и хипотензија, така што тој е осуден да подигне банкарски кредит за да може барем на одредено време да профункционира во согласност со наметнатите потреби во современово живеење.
Вистинското прашање за секој од нас би било: „Има ли на овој свет некој човек што не му робува на некого или на нешто?“
Можеби е чудно, но во овој живот не може ништо да се изгуби, особено ако не ѝ се дозволи на околината да надвладее, да се живее по сопствен терк, да се учи од сопствените падови и издигнувања, да се создава уметност – затоа што животот е непредвидлива вртелешка, среќа или совршенство е да се вртиш во неа до бесконечно лудило, а да не ти се замати умот.